Не е вистина дека органи од 76 абортирани бебиња биле користени за вакцини

Фото:http://www.Pexels.com, CC0, via Wikimedia Commons

Во истражувањата поврзани со развојот на некои вакцини во 1960-тите било користено човечко фетално ткиво, а Стенли Плоткин во сведочење навистина зборува за 76 фетуси во едно истражување. Но објавата ги претставува тие историски клеточни истражувања како органи од 76 абортирани бебиња да биле претворени во состојки на вакцините и директно да се инјектираат во децата, што е неточно. Исто така, нема основа за категоричното тврдење дека фетусите „нужно морале да бидат живи“ при земањето на ткивото

Во истражувањата поврзани со развојот на некои вакцини во 1960-тите било користено човечко фетално ткиво, а Стенли Плоткин во сведочење навистина зборува за 76 фетуси во едно истражување. Но објавата ги претставува тие историски клеточни истражувања како органи од 76 абортирани бебиња да биле претворени во состојки на вакцините и директно да се инјектираат во децата, што е неточно. Исто така, нема основа за категоричното тврдење дека фетусите „нужно морале да бидат живи“ при земањето на ткивото

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

За оние родители кои ставаат вакцини во своите деца

76 абортирани бебиња беа искористени за развој на вакцини… Нивните органи, вклучувајќи ги нивните срца, епифизи, кожа, бели дробови, па дури и јазици, беа исечени на парчиња за да се направат вакцините со кои се инјектираат сопствените деца…

Во времето на екстракција на ткивото од овие абортирани фетуси, фетусите, нужно, мора да бидат сè уште живи…

Вакцинологот Стенли Плоткин под заклетва

Објавата тврди дека „76 абортирани бебиња“ биле искористени за развој на вакцини, дека од нив биле земани различни органи, а потоа тие биле „исечени на парчиња“ за да се направат вакцините со кои се вакцинираат децата. Како „доказ“ се наведува сведочењето на американскиот научник Стенли Плоткин дадено под заклетва во 2018 година.

Точно е дека Плоткин сведочел за истражување во кое биле користени ткива од човечки фетуси. Во научниот труд објавен во 1966 година, чиј коавтор е и Стенли Плоткин, авторите опишуваат истражување на клеточни линии добиени од човечки фетуси. Оригиналниот научен труд е достапен преку списанието Experimental Biology and Medicine, а записот во PubMed го потврдува авторството на Плоткин и објавувањето во 1966 година.

Во самата публикација, сепак, стои бројката 74 човечки ембриони, а не 76. Во сведочењето од 2018 година Плоткин, откако му било покажано истото истражување, го коригира бројот на 76. Значи, бројката 76 има основа во неговото сведочење, но станува збор за конкретно историско научно истражување од 1960-тите, а не за 76 фетуси кои биле ставени во вакцини или од кои биле направени „состојки“ што денес им се инјектираат на децата.

Исто така е точно дека во сведочењето се зборува за земање различни ткива и нивно култивирање. Плоткин бил прашан кои органи биле земани, при што одговорил дека соработниците земале „цел спектар“ ткива. Потоа потврдил дека тие парчиња биле исечени на помали парчиња и култивирани. Но, ова се однесува на лабораториска клеточна култура и истражување, а не на процес во кој органи од фетуси се „сечат за да се направат вакцини“ и потоа се инјектираат во деца.

Клучната заблуда во објавата е мешањето на историското користење на фетално ткиво за создавање клеточни линии со тврдењето дека денешните вакцини содржат органи или делови од абортирани фетуси.

Некои вакцини навистина се произведуваат со користење на клеточни линии со потекло од фетално ткиво. На пример, компонентата против рубеола во MMR вакцината се размножува во клеточната линија WI-38, а други вакцини користат MRC-5. Тоа го потврдува и CDC во својот Pink Book, каде се наведува дека вирусот на рубеола во MMR вакцината се размножува во WI-38 човечки диплоидни белодробни фибробласти.

Но клеточна линија не е исто што и фетус или органи од фетус. Според Children’s Hospital of Philadelphia, клеточните линии WI-38 и MRC-5 потекнуваат од две бремености прекинати во раните 1960-ти, а истите тие клеточни линии продолжиле да се размножуваат во лабораторија. За нивното понатамошно користење не се потребни нови извори на фетално ткиво.

Дополнително, информациите за составот на актуелните MMR вакцини покажуваат дека тие не се составени од исечени човечки органи. На пример, за MMR II се наведуваат вируси на мали сипаници, заушки и рубеола, како и различни стабилизатори и други супстанции; како резидуални производи се наведуваат протеини од клетките што биле користени за размножување на вирусот. Деталната табела за состојките ја објавува Children’s Hospital of Philadelphia.

Неточен е и заклучокот дека „во времето на екстракција на ткивото фетусите нужно мора да биле сè уште живи“. Самото користење на клетки или ткива што можат да преживеат и да се култивираат во лабораторија не значи дека фетусот бил жив во моментот кога било земено ткивото. Современите правила и дефиниции за истражување со човечко фетално ткиво експлицитно го дефинираат феталното ткиво како ткиво или клетки добиени од мртов ембрион или фетус по спонтан или индуциран абортус или мртвороденост, што е наведено и во документите на американското Министерство за здравство.

Важeн е и историскиот контекст. Истражувањето на Плоткин за клеточни линии од човечки фетуси е од 1966 година, односно од пред шест децении. Во тоа време, клеточни линии добиени од два фетуса во раните 1960-ти биле користени за развој и производство на одредени вакцини. Тоа е историски факт и не треба да се прикрива. Но, од него не произлегува дека денес „се користат 76 абортирани бебиња за производство на вакцини“ или дека „нивните органи се инјектираат во децата“.

Во истражувањата поврзани со развојот на некои вакцини во 1960-тите било користено човечко фетално ткиво, а Стенли Плоткин во сведочење навистина зборува за 76 фетуси во едно истражување. Но објавата ги претставува тие историски клеточни истражувања како да значат дека органи од 76 абортирани бебиња биле претворени во состојки на вакцините и директно се инјектираат во децата, што е неточно. Исто така, нема основа за категоричното тврдење дека фетусите „нужно морале да бидат живи“ при земањето на ткивото.

Затоа, тврдењето го оценуваме како делумно вистинито.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција