Не е вистина дека се доделуваат мали домови ако искоментирате „готово“
Објавена е лажна содржина во која се рекламира наградна игра во која главните награди се мали домови кои при изградба имале мали дефекти, а за да се добијат се бара споделување и лајкнување на страната
Објавена е лажна содржина во која се рекламира наградна игра во која главните награди се мали домови кои при изградба имале мали дефекти, а за да се добијат се бара споделување и лајкнување на страната
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделуваат неколку фотографии од мала монтажна куќа од Фејсбук страница со наслов Tiny house-fans, и во кој се вели:
Бесплатно за сите! ОВОЈ МАЈ – Имаме два прекрасни дома кои не се на продажба бидејќи имаат мали гребнатини и гребнатини. Бидејќи се уште е во совршена состојба, решивме да го подариме на сите пред 30ти мај!!! Да учествуваат: 1 – Споделување, 2 – Коментари: Готово 3, – Лајкнете ја нашата страница
Постот има над 1400 споделувања и над 2200 коментари од кои најголемиот дел се „готово“ што значи дека голем дел од граѓаните поверувале дека се работи за вообичаена и веродостојна наградна игра, иако зад неа стои Фејсбук страница без никакви податоци за креаторот или „организаторот“ на наградната игра, а исто така нема ниту јасни услови за доставувањето на наградата и нема други содржини освен споделената наградна игра.
Вистиномер ги пребара фотографиите употребени во постот кој го рецензираме на Гугл и пронајдовме дека се преземени од медиумски производ, односно презентација на компанија за мали домови од Канада.
Во текстот се говори за Хедр и Кевин Фриц, кои отвориле своја компанија за дизајнирање на мали домови по порачка. Компанијата на овие двајца основачи го носи името Tiny Homes и е лоцирана во Спрус Гроув Канада. Во медиумскиот текст се говори за тоа дека Кевин и Хедр уште пред да го отворат својот бизнис, живееле во мал дом додека го граделе поголемиот и така всушност се инспирирале да го почнат успешниот бизнис.
Меѓутоа, оваа успешна бизнис приказна се одвива во Канада, а не во С. Македонија и фирмата нема никакви допирни точки со македонскиот пазар, ниту пак, на било кој начин би можела да доделува „домови со гребнатинки“. Против било каква бизнис логика е да се даваат мали монтажни домови бесплатно затоа што се со гребнатинки. Било која компанија би се обидела или да ги поправи гребнатинките или да го продаде домот со попуст, а не преку Фејсбук да ги доделува само затоа што некој напишал „готово“ во коментар.
Најверојатната причина за креирањето на оваа лажна наградна игра со злоупотребени странски фотографии, е во тоа да се зголеми видливоста, бројот на следачи и бројот на допаѓања на страницата која што го споделува постот, а потоа истата да се преимени од страна на администраторот и да ја користи некој друг бизнис или пак, да биде продадена со голем број на следачи и видливост на трето лице или компанија. Но, следачите кои што мислат дека учествуваат во наградна игра, всушност придонесуваат оваа страница да добие поголема популарност, што е токму целта на креаторот на лажната наградна игра.
Како што напоменавме, на страницата нема никакви други содржини освен наградната игра, нема компанија, адреса, телефонски број, седиште на компанијата, веб страница, услови на наградната игра итн. Сите овие недостатоци укажуваат на неверодостојна наградна игра.
Поради фактот што споделените фотографии се преземени од странски медиум во Канада, каде се говори за успешна бизнис приказна на млада брачна двојка и поради тоа што страницата од која се споделува наградната игра е без никакви податоци, поради тоа што не е наведен организаторот на наградната игра со седиште, страница, телефон, и други потребни информации, поради тоа што во самото известување дека „се одвива наградна игра“ има бројни печатни и логички грешки кои укажуваат на автоматски генериран превод од странски јазик – постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар