Не е вистина дека со Северна Македонија управуваат „нацисти“

Фото: Официјален ФБ профил на Собрание на РСМ

Тоа што Северна Македонија гласа против резолуцијата на Руската Федерација за борба против неонацизмот, исто како и земјите од ЕУ, е поради солидарност со Украина, како и поради злоупотребата на оваа резолуција од страна на Русија која јавно ја имаше оправдано својата воена агресија со тоа што тврдеше дека спроведува таканаречена „денацификација“ на Украина

Тоа што Северна Македонија гласа против резолуцијата на Руската Федерација за борба против неонацизмот, исто како и земјите од ЕУ, е поради солидарност со Украина, како и поради злоупотребата на оваа резолуција од страна на Русија, која јавно ја имаше оправдано својата воена агресија со тоа што тврдеше дека спроведува таканаречена „денацификација“ на Украина

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Комитетот на Генералното собрание на ОН усвои резолуција на Руската Федерација за борба против неонацизмот.
За документот ЗА гласаа 116 земји, а против гласаа 54 земји, меѓу кои и Северна Македонија!!! Погледнете кои земји гласаа ЗА а кои против и ќе ви стане јасно што се случува во светот.
„Борбата против глорификацијата на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за поттикнување модерни форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција“
Со текстот, Собранието изразува загриженост за глорификацијата на нацистичкото движење, неонацизмот и поранешните членови на организацијата Вафен СС, вклучително и со поставување споменици и споменици и одржување јавни демонстрации во име на величање на нацистичкото минато. Ги повикува државите да ги елиминираат сите форми на расна дискриминација со сите соодветни средства – вклучувајќи го и законодавството – и да донесат дополнителни мерки за поддршка на обуката на полицијата и другите агенции за спроведување на законот за идеологиите на екстремистичките политички партии за да ги зајакнат нивните капацитети за справување со расизмот и ксенофобија злосторства и превентивни практики за расно профилирање.
Северна Македонија гласаше против оваа резолуција!
Очигледно со нас управуваат нацисти !

Пред да се случи гласањето за резолуцијата што се споменува во објавата што ја рецензираме, од страна на земјите на ЕУ имаше објаснување за гласањето. Тоа објаснување е дијаметрално спротивно на наведеното дека со земјава управуваат нацистите. Прво, со земјава управува власт избрана на демократски избори и никој од владејачката коалиција не поддржува, ниту пак, глорифицира нацизам. Во самото објаснување дадено пред гласањето од страна на ЕУ пишува дека заедничката борба против современите облици на екстремистички тоталитарни идеологии, вклучително и неонацизмот за ЕУ останува клучен приоритет.

ЕУ цврсто стои против сите форми на антисемитизам, кој е некомпатибилен со основните вредности и принципи на кои е основана ЕУ. ЕУ и нејзините земји-членки презедоа обемни правни и политички мерки за борба против актите на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција. Ние поддржуваме и поттикнуваме конструктивна дискусија во контекст на глобалниот пораст на неонацизмот и антисемитизмот, пишува во објаснувањето пред гласањето.

Меѓутоа, како што се додава во објаснувањето, ЕУ смета дека оваа резолуција ја злоупотребува оваа агенда и продолжува да става акцент на селективен и извртен начин на прашања кои во суштина се далеку од борбата против расизмот и дискриминацијата.

Тоа е прикриен обид на Руската Федерација да ја промовира сопствената искривена верзија на историјата под превезот на борбата против неонацизмот. Важно е да се запамети дека за многу европски земји крајот на Втората светска војна не донесе слобода, туку дополнителна окупација и експлоатација, поголема репресија и злосторства против човештвото од страна на другите тоталитарни режими. Силно ја осудуваме политички мотивираната злоупотреба на наративот на антинацизмот и недвосмислено ја отфрламе неточната и погрешна употреба на терминот „денацификација“ за да се оправда руската нехумана, сурова и незаконска агресивна војна против Украина. Ова ги поткопува вистинските напори за борба против неонацизмот. Како и претворањето на резолуцијата која треба да се занимава со сериозно прашање во средство за пропаганда и дезинформации. Како што продолжува агресијата против Украина, видовме како Руската Федерација продолжува да ги злоупотребува форумите на ОН за ширење на овој лажен наратив, велат од ЕУ во објаснувањето

Со други зборови, иако Европската Унија останува целосно посветена на глобалната борба против расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата, антисемитизмот, антимуслиманската омраза и поврзаната нетолеранција – сепак земјите членки на ЕУ ќе гласаат со „не“ за резолуцијата и тоа однапред го имаат најавено. 

Поради сите овие причини, земјите-членки на Европската унија ќе гласаат „не“ за резолуцијата. Силно го охрабруваме поширокото членство во ОН да гласа „не“. Го повторуваме нашиот повик до Русија веднаш да ја прекине својата агресивна војна против Украина и да ги повлече сите свои сили од целата територија на Украина во нејзините меѓународно признати граници, се вели во објаснувањето.

Првиот пат кога Русија ја имаше поднесено резолуцијата против глорификација на нацизмот и неонацизмот, Македонија гласаше воздржано. Тоа беше пред почетокот на руската воена инвазија врз Украина. Веќе за втората предлог-резолуција на Русија со истата идеја за борба против величење на (нео)нацизмот, во декември 2022, во првата година од руско-украинската војна, Македонија во ОН гласаше „против“, како и овојпат, кога исто така се најде во тие што гласаа „против“.

Без разлика на ова, Третиот комитет на Генералното собрание на ОН ја усвои резолуцијата на 11 ноември со 116 гласа „за“, 54 гласа „против“ и 11 воздржани. Меѓу земјите што гласаа против точно е дека е и Северна Македонија, заедно со Украина, САД, Обединетото Кралство, Германија, Јапонија, Унгарија и Канада. Но тоа што Северна Македонија гласа против, исто како и земјите од ЕУ е поради солидарност со Украина и злоупотребата на оваа резолуција од страна на Руската Федерација, која јавно ја имаше оправдано својата воена агресија со тоа што тврдеше дека спроведува таканаречена „денацификација“ на Украина.

Пред усвојувањето на резолуцијата, Комитетот го одобри амандманот (документ A/C.3/79/L.51 ) во кој со загриженост се забележува дека Руската Федерација се обиде да ја оправда својата територијална агресија против Украина на основа за наводното елиминирање на неонацизмот. Ваквата употреба на неонацизмот за оправдување на територијалната агресија сериозно ги поткопува вистинските обиди за борба против неонацизмот

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција