Не е вистина дека термините Родител 1 и Родител 2 ќе се користат во пилот програмата за сексуално образование

Оценката што ќе се добива за овој предмет ќе биде описна, присуството на учениците на овие часови е условено од добивање на писмена согласност од родителите, кои претходно биле информирани за содржините кои ќе ги изучуваат нивните деца и во наставните материјали, односно во прирачниците, воопшто не се споменуваат термините родител 1 и родител 2, како што лажно се тврди во постот кој го рецензираме

Рецензираме пост објавен на Фејсбук, во кој што се коментира воведувањето на незадолжителната програма за сексуално образование, најавена со почеток од септември, но, не во сите, туку само во четири основни училишта во земјава. Оценката што ќе се добива за овој предмет ќе биде описна, присуството на учениците на овие часови е условено од добивање на писмена согласност од родителите, кои претходно биле информирани за содржините кои ќе ги изучуваат нивните деца и во наставните материјали, односно во прирачниците, воопшто не се споменуваат термините родител 1 и родител 2, како што лажно се тврди во постот кој го рецензираме.

РОДИТЕЛ 1? РОДИТЕЛ 2? УШТЕ СИ СПИЕШ? ИМАШ ДЕЦА? ЌЕ ГИ ДАДЕШ НА ЗЛОТО БЕЗ ОКО ДА ТИ ТРЕПНЕ? РОДИТЕЛИ? УЖИВАЈТЕ САМО? ДЕЦАТА СЕ ПРЕДМЕТИ ИЛИ СЕ НАШИОТ ЖИВОТ? НЕ БИДИ ВО СЕНКА! ЗА ТВОЕТО ДЕТЕ СЕ РАБОТИ! ЗА ИДНИНАТА НА СИТЕ ДЕЦА! КОЛКУ ПАРИ ВИ ТРЕБААТ ЗА ДА СЕ РАЗБУДИТЕ??? ВАШИОТ ЖИВОТ ЛИ Е САМО ВЛАСТ И ПОЛИТИКА,КАРИЕРА??? ИЛИ СЕ ДЕЦАТА?? СЕМЕЈСТВО??? РАЗБУДИ СЕ!!! ТАТКО,МАЈКО!!!!! НЕМА НАЗАД ПОСЛЕ ОВА!!! ТИ СИ ОДГОВОРЕН. ТИ СИ РОДИТЕЛ!!!, се наведува во постот.

Освен тоа, од постот се добива впечаток како пилотирањето на сексуалното образование да ќе се спроведува во сите основни училишта во земјава и за сите деца, што не е точно.

Фактите за пилот програмата за сексуално образование се следните:

Ќе се спроведува во 4 основни училишта на македонски и на албански јазик во Скопје и во Тетово за деца на возраст од 14-15 години. Програмата ќе ја предаваат обучени наставници со поддршка на тренери за ССО на ХЕРА. Статусот на предметот во наставниот план е проектен, на ниво на вонучилишна активност, односно станува збор за изборен предмет во согласност со родителите.

Според ХЕРА, причината за воведување на пилот програмата за ССО во основното образование е да се измерат резултатите и знаењата и ставовите кај младите за теми од нивен интерес, за да се развие наставна програма која одговара на потребите и средината-културата во која живееме и за да може полесно да се интегрира во наставата за основно образование, согласно новата концепција.

Работна група на Бирото за развој на образованието во февруари 2018 година беше формирана за да подготви наставен модел за пилот ССО. Одлуката за пилотирање на ССО беше донесена на 162 седница на Владата во ноември 2019 година. Во јануари 2020 година беше подготвена наставна програма од Бирото за развој на образованието (БРО) и ХЕРА во согласност со стандардите на УНЕСКО. Во декември 2020 година беа обучени наставници од пилот училиштата за спроведување на ССО, а во март 2021 година беа подготвени прирачници за наставници за спроведување на програмата.

Темите на кои ќе зборуваат учениците на овие часови се однесуваат на промените кои се случуваат во пубертетот, симптоми на ХИВ и сексуално преносливи инфекции и заштита, каде да се обратат за помош при здравствени проблеми или насилство, зошто е потребна еднаквост меѓу мажите и жените, како да го прифатат своето тело и изглед, како да препознаат насилство и да се заштитат, да се заштитат и побараат помош од сексуално насилство, како да градат здрави партнерски врски, да ги почитуваат луѓето без да дискриминираат и да се изборат и самите да бидат почитувани.

Програмата за ССО содржи 7 теми за учење во интерактивни работилници, односно ќе биде од 36 школски часа. Темите се род, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, граѓански аспекти, врски и односи, насилство, тело и слика за телото.

Сексуално образование има во Холандија, Шведска, Финска, Швајцарија, Норвешка, Австрија, Естонија, Португалија, Белгија, Ирска, Германија и Велика Британија. Во Албанија ССО е воведено уште од 2012 година во основните и средните училишта. Во Босна и Херцеговина ССО програмата во некои кантони повеќе години се реализира како изборна.

Дополнително, во постот кој го рецензираме се поставува и линк од телевизиски прилог во кој се споменува прирачник издаден од ХЕРА во 2013 година, а кој бил подготвен за да служи како дополнителна алатка за наставниците за реализирање на предметот животни вештини, во однос на теми поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, а не за сегашната пилот програма за сексуално образование.

За реализација на пилот програмата за сеопфатно сексуално образование се користат посебни прирачни материјали за наставниците кои се обучуваат. Наведениот прирачник не е дел од овие материјали, велат од ХЕРА.

Дополнително, самите обучени наставници, ќе имаат право да изберат кои наставни содржини ќе им ги предаваат, а кои не на своите ученици.  Оттука, тврдењето дека термините родител 1 и родител 2 ќе бидат употребувани во пилот програмата за сексуално образование во земјава (кое ќе се спроведува на почеток само во 4 училишта и тоа не за сите, туку само за ученици, чии родители дале писмена согласност да ги посетуваат овие часови), го оценуваме како невистина. Овие термини воопшто не се наведени во прирачните материјали, туку се измислица на авторот на постот, за да го дискредитира пилотирањето на програмата во четирите основни училишта.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција