Не е вистина дека улицата „Јоаким Крчовски“ е преименувана во „Ибрахим Ругова“

Претседателката на Косово, Вјоса Османи – Садриу и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу Фото: cair.gov.mk

Улицата „Ибрахим Ругова“ нема никаква врска со улицата „Јоаким Крчовски“, односно не станува збор за истата улица, како што се тврди во оваа вирална објава на Фејсбук. Точната информација е дека поранешното име на улицата „Ибрахим Ругова“ е „Славеј Планина“, а улицата „Јоаким Крчовски“ сè уште се вика така, нема добиено ново име и неточно се тврди дека е избришана

Улицата „Ибрахим Ругова“ нема никаква врска со улицата „Јоаким Крчовски“, односно не станува збор за истата улица, како што се тврди во оваа вирална објава на Фејсбук. Точната информација е дека поранешното име на улицата „Ибрахим Ругова“ е „Славеј Планина“, а улицата „Јоаким Крчовски“ сè уште се вика така, нема добиено ново име и неточно се тврди дека е избришана

 

Фејсбук објава тврди дека улицата во Скопје, која го носи името „Јоаким Крчовски“, била избришана и преименувана во „Ибрахим Ругова“. Ова не е вистина.

Ај што го избришаа Јоаким Крчовски, за утеха на северџганот им остана Ибрахим Ругова и на македонски јазик, се вели во објавата.

Дел од агендата на претседателката на Косово, Вјоса Османи – Садриу при посетата на Северна Македонија беше свеченото отворање на улицата во Општина Чаир што сега го носи името на некогашниот претседател на Република Косово, Ибрахим Ругова. На свеченоста освен косовската претседателка присуствуваше и Теута Ругова, ќерката на претседателот Ибрахим Ругова.

Објавата на социјалната мрежа Фејсбук, која што е предмет на оваа рецензија, тврди дека пред да се преименува оваа улица според поранешниот косовски претседател, го носела името Јоаким Крчовски, но ова не е точно. Оваа улица претходно се викала „Славеј Планина“, а улицата која го носи името на македонскиот светец и просветител Јоаким Крчовски сè уште се вика така и нејзиното име не е променето.

Пребарувањето на мапата на Гугл ни покажува дека овие две улици се многу блиску една до друга. Всушност, двете почнуваат каде што завршува улица „Топанска“ и повторно се вкрстуваат кај амбасадите на Турција и на Албанија, каде што улицата „Јоаким Крчовски“ подолу продолжува во улицата Прохор Пчински.

 

Преименувањето на улицата „Славеј Планина“ во „Ибрахим Ругова“ не е одлука којашто е донесена сега. Како што напомена и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу за време на свеченоста, ова преименување е дел од Одлуката за преименување на голем дел од улиците во Град Скопје, од кои 66 преименувања се во општина Чаир.

Оваа Одлука ја донесе Советот на Град Скопје во март 2021 година кога расправаше за имињата на 485 улици во градот. Најголем дел од овие улици досега биле именувани со број или биле именувани како краци на други поголеми улици.

Град Скопје тогаш соопшти дека новите имиња, согласно со Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти ќе се црпат од Регистарот на имиња кој бил дополнет од Советот со листа од нови 570 имиња, по претходно добиена согласност од Владата на РСМ.

Согласно со овој закон името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, соопштија од Градот пред две години.

Во оваа Одлука, под редниот број 324 стои и преименувањето на улицата „Славеј Планина“ во „Ибрахим Ругова“.

Од сите погоре наведени факти можеме да заклучиме дека улицата „Ибрахим Ругова“ нема никаква врска со улицата „Јоаким Крчовски“, односно не станува збор за истата улица, како што се тврди во виралната објава на Фејсбук. Точната информација е дека поранешното име на улицата „Ибрахим Ругова“ е „Славеј Планина“, а улицата „Јоаким Крчовски“ сè уште се вика така, нема добиено ново име и неточно се тврди дека е избришана.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција