Не е вистина дека вакцината „гардасил“ против ХПВ предизвикува рак и други сериозни болести
Европскиот центар за контрола и превенција на болести има видеоматеријали каде ги дебанкира сите наведени тврдења од објавата за разни болести за кои невистинито се тврди дека се предизвикани од вакцината „гардасил“. Таа според сите европски и светски медицински организации претставува вакцина со поволен безбедносен профил и превенира појава на рак на грлото на матката.
Опсежни популациски студии не покажале врска меѓу вакцинацијата и намалената плодност. Европскиот центар за контрола и превенција на болести ги дебанкира сите наведени тврдења од објавата за разни болести за кои невистинито се тврди дека се предизвикани од вакцината „гардасил“. Таа според сите европски и светски медицински организации претставува вакцина со поволен безбедносен профил и превенира појава на рак на грлото на матката
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
АЛАРМАНТНО!!! КАЈ НАС Е ВО ТЕК ПЕЛЦАЊЕ НА ШКОЛСКИ ДЕЦА НАД 12 години ДЕВОЈЧИЊА И МОМЧИЊА HPV – Гардасил најопасна таканаречена вакцина со последици на долг рок. Предизвикува неплодност, рак, невродегенеративни нарушувања, автоимуни, …и други заболувања со непозната етиологија кои може да се јават и по неколку години. Родители не наседнувајте на лекарските „безбедна” е, како и за К -19. Повикајте се на оваа декларација од УНЕСКО.
Во склоп на објавата е споделен статус на хрватски јазик во кој се сугерира на родителите да „не потпишуваат информирана согласност за вакцинација на нивните деца со ХПВ вакцина зашто ќе им го уништат здравјето и животот на децата“ а има и тврдење дека „обидите за присилување на вакцинација се злосторство против човештвото“.
Наспроти изнесеното во објавата, нема ништо алармантно во тоа што во Северна Македонија во тек е вакцинација на децата над 12 години со вакцини против ХПВ на производителот „Мерк“ со име „гардасил“. Впрочем, Уставниот суд на земјава веќе има донесено решение со број 102/2022 од 26 април 2023 година во кое се позанимавал детално со вакцинацијата на децата и законската регулатива во Северна Македонија, утврдувајќи дека нема ништо неуставно во задолжителната вакцинација на децата за одредени болести.
Имено, во членот 33 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ 149/2014 – стр. 66), е определено дека вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б и хуман папилома вирус (ХПВ) (календар за имунизација).
Според Уставниот суд, пропишувањето на задолжителна вакцинација против одредени болести е во согласност и со член 39 став 2 од Уставот.
Со определувањето на правото, но истовремено и должноста на секој граѓанин да го чува и унапредува како своето здравје, но и здравјето на другите, јасно е дека уставотворецот наложил грижа и заштита пред сѐ на јавниот интерес кој се состои во зачувувањето на општата здравствена состојба на населението и кој во овој случај надвладува над уставно загарантираните индивидуални слободи и права во смисол на личен избор по однос на сопственото здравје на граѓанинот. Освен грижата за сопственото здравје, граѓаните не би смееле да го доведат во опасност здравјето на другите. Во тој контекст е и обврската на граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Република Македонија, со оглед на тоа дека со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира, туку и на останатото население, пишува во решението од Уставниот суд.
Се додава дека „јасно и недвосмислено произлегува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата“.
Оттука, во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Судот констатирал и дека согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација при што ниту едно дете не треба да биде лишено од правото на таквата здравствена заштита, а секако за обезбедување на највисоко ниво на здравствена заштита е и вакцинирањето на детето заради негова заштита од разни заразни болести и заштита на другите од развој на одредени заразни болести кои без примена вакцина можат да го загрозат не само здравјето на поединецот, туку и на целокупното население. Оттука, условувањето на упис на детето во основно училиште со приложување на доказ за извршена вакцинација не претставува дискриминација од причина што ова претставува еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје како поединец, а и заштита на другите деца, пишува во решението на Уставен суд.
Во смисла на наведеното, Судот укажал и на ставот на Европскиот суд за човекови права изразен во пресудата во предметот „Вавричка и други против Република Чешка“ (Vavřička and Others v. the Czech Republic“ application no.47621/13) од 8 април 2021 година.
Декларацијата на УНЕСКО којашто е цитирана во објавата што ја рецензираме во членот 7 утврдува дека „за лицата кои немаат капацитет да се согласат“ (како што се децата) одлуките треба да се носат во согласност со домашното законодавство во најдобар интерес на засегнатите лица. Значи, самата согласност за вакцинација во најдобар интерес на детето ја дава неговиот родител. Оваа декларација за разлика од Уставот на Република Северна Македонија и за разлика од Законот за спречување и заштита од заразни болести не е правно обврзувачка! Во Декларацијата не се забрануваат вакцините за децата и истата ги поддржува јавно-здравствените мерки додека се почитуваат и човековите права.
Во објавата се наведува дека „во тек е пелцање на школски деца над 12 години девојчиња и момчиња ХПВ“ со вакцината „гардасил“.
Невистинито се наведува дека „гардасил“ е „најопасна таканаречена вакцина со последици на долг рок, предизвикува рак, неплодност, невролошки и автоимуни нарушувања и други заболувања со непозната етиологија кои можеле да се јават и по неколку години“. Исто така се наведува „родителите да не им веруваат на лекарите кои тврдат дека оваа вакцина е безбедна исто како и за ковид вакцините“.
„Вистиномер“ на страницата на Бирото за јавни набавки ја пронајде јавната набавка на Министерството за здравство за периодот од 2024 до 2026 година за вакцините кои се задолжителни. Меѓу нив е вакцината против ХПВ.

Од договорот за јавна набавка е евидентно дека вакцините против ХПВ купени во Северна Македонија се од производителот Мерк Холандија, со име „гардасил“ во 70 илјади дози. Овие вакцини се за континуирана имунизација на населението во земјава од јануари 2024 до декември 2026 година.
Не е точно дека, како што се наведува, „гардасил“ е „најопасна таканаречена вакцина со последици на долг рок, предизвикува рак, неплодност, невролошки и автоимуни нарушувања и други заболувања со непозната етиологија кои можеле да се јават и по неколку години“.
„Гардасил“ според американското здружение против рак е безбедна (впрочем во САД оваа деветовалентна вакцина е единствено достапна). Вакцините против ХПВ се користат од 2006 година, поминале обемни безбедносни тестирања пред да станат достапни. Стотици милиони дози од ХПВ вакцината се дадени низ целиот свет.
Како и секоја вакцинација, може да има чести благи несакани ефекти од ХПВ вакцината кои обично брзо исчезнуваат, како главоболка или треска. Може да има болка, црвенило и/или оток на местото каде што е дадена инјекцијата. Мал број луѓе може да имаат посериозен несакан ефект што може да се појави со која било вакцина, како што е алергиска реакција или несвестица кога се дава вакцината. Секој што има тешка алергија на квасец или која било друга состојка во вакцината не треба да ја прими ХПВ вакцината. ХПВ вакцината е безбедна. Состојките во ХПВ вакцината, како и сите вакцини, помагаат да се осигура дека е ефикасна и безбедна. Овие состојки се јавуваат природно во животната средина, човечкото тело и храната. На пример, ХПВ вакцината содржи алуминиум како вакцините за хепатитис Б. Алуминиумот го зајакнува имунолошкиот одговор на телото на вакцината. Луѓето се изложени на алуминиум секој ден преку храна, прибор за готвење, вода, па дури и мајчино млеко. Вакцините што содржат алуминиум се користат со децении и безбедно им се даваат на милијарди луѓе. Научниците и здравствените организации ширум светот внимателно ја следат безбедноста на вакцините против ХПВ. Стотици студии спроведени кај милиони луѓе ширум светот покажаа дека вакцината против ХПВ е безбедна. Во САД, безбедноста на вакцините ја следат неколку национални системи кои работат заедно за да се осигурат дека сите штетни ефекти од вакцините можат да се откријат рано. Центрите за контрола и превенција на болести на САД (CDC) и Администрацијата за храна и лекови на САД (FDA) ги прегледуваат сите сериозни несакани ефекти пријавени во Системот за пријавување на несакани ефекти од вакцини (VAERS) за да следат потенцијални безбедносни проблеми за кои можеби ќе треба дополнително проучување, наведуваат од Американското здружение против рак.
Според производителот односно она што е наведено на сајтот на „гардасил“, несаканите ефекти вклучуваат болка, оток, црвенило, чешање, модринки, крварење и грутка на местото каде што сте ја примиле инјекцијата, главоболка, треска, гадење и вртоглавица. На сајтот на производителот се предупредува вакцината да не ја примаат тие што имаат алергиска реакција на состојките.
Нема кредибилни научни докази дека вакцината „гардасил“ предизвикува рак. Напротив, таа е создадена за спречување на одредени видови рак. Земјите со висока стапка на вакцинација бележат значително намалување на ХПВ инфекции и предканцерозни промени. Опсежни популациски студии не покажале врска меѓу вакцинацијата и намалена плодност. Европскиот центар за контрола и превенција на болести има видеоматеријали каде ги дебанкира сите наведени тврдења од објавата за разни болести. Видеото може да се погледне овде.
Во истото видео се тврди дека нема поврзаност меѓу болести и неплодност и вакцината против ХПВ.
Исклучителниот обем на научни докази кои вклучуваат повеќе од 20 години истражување и развој, продолжуваат да го поддржуваат профилот на безбедност и ефикасност на нашите ХПВ вакцини, изјави за Франс Прес од компанијата „Мерк“ која ја произведува вакцината.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД објави дека студија од 2019 година објавена во журналот „Педијатрија“, не идентификувала неочекувани безбедносни грижи поврзани со „гардасил“ (вакцината спомената во објавата што ја рецензираме). Според нив, најчестиот несакан ефект е болка, оток и црвенило во пределот на раката каде што дозата е администрирана. „Гардасил“ не се препорачува за оние кои се алергични на квасец или кои претходно имале алергиски реакции на вакцини, но алергиски реакции се можни после која било вакцина.
Проверувачите на факти на „Асошиејтед Прес“ пишуваат дека:
Инфекциите кои ги предизвикуваат најголемиот дел од ХПВ карциномите, се намалија за 88 проценти кај тинејџерките и помал број на жени развиваат цервикален канцер откако вакцината Гардасил беше одобрена во 2006 година.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар