Не е вистина дека високи државни функционери се вакцинирале преку ред

Категорично тврдиме дека министри и владини функционери не се вакцинирале преку ред, изнесените наводи се лажни, стои во објавата на официјалниот Твитер профил на портпаролот на Владата

 

Во објава на Фејсбук под плаштот на прашалната форма, се пласира дезинформација за наводна вакцинација на високи владини претставници со вакцина против ковид-19, преку ред и спротивно на националниот план за имунизација. Постот е прилично вирален, односно споделен е над 50 пати. Иако објавата започнува во прашална форма, сепак таа во продолжение изнесува експлицитни тврдење дека посочените функционери се вакцинирани во одердени држави:

Дали овие лица од власта се вакцинирале????
Љупчо Николовски – (вакциниран во Дубаи)
Драги Рашковски – (вакциниран Србија
Зоран Заев – ( во државава со српските вакцини)
Радмила Шекеринска – (во државава со српските вакцини)
Артан Груби – (вакциниран во Албанија)
Назим Буши – (вакциниран во Албанија)
За Љупчо Николовски, во овој пост лажно се наведува дека наводно се вакцинирал во Дубаи. Во Дубаи не се спроведува вакцинален туризам, дури и кога Николовски би изразил таква желба, тоа не би било возможно.
„Дојче Веле“ пишува дека  во Обединети Арапски Емирати засега нема вакцинален туризам. Освен тоа, за да се вакцинирате во Обединети Арапски Емирати, мора да донесете лична карта од оваа земја, заедно со картичка дека имате здравствено осигурување, какви што Николовски не поседува.
Што се однесува до српските донирани вакцини, кои беа нешто над 8 илјади од производителот „Фајзер“, со нив се вакцинирани над 5.300 здравствени работници кои работат во ковид центрите. Министерството за здравство најави дека секоја злоупотреба со вакцнирање преку ред и ако се работи за некој што не е здравствен работник, ќе се казнува. Таков беше случајот со секретарот на болницата во Охрид.

Премиерот Зоран Заев, пак, уште во јануари во интервју за „Сител“ телевизија, прашан дали ќе се вакцинираа одговори:

Секако дека ќе се вакцинирам, но, без да ги кршам протоколите, да не бидам пред медицинските работници, пензионерите и хронично болните, јас ќе го дадам примерот и ќе се вакцинирам за да испратам порака дека таа е здрава, безбедна. И сега ја користам приликата да апелирам до сите граѓани, дека според светските експерти таа е исправна и треба сите да ја примиме, освен за оние групи за кои лекарите ќе го исклучат тоа, рече премиерот Заев кој додаде дека вакцинацијата ќе се врши најпрво кај медицинските работници, пензионерите, хронично болните, а потоа кај останатите граѓани.

Инаку, откако беше објавен овој статус на Фејсбук, на порталот „Лидер“ беше плаисрана вест во којашто се тврди дека министри и функционери се вакцинирале преку ред, но таму не се посочуваат конкретни имиња.

Медиумот тврди дека информацијата за наводно вакцинираните владини функционери преку ред, е класифицирана информација и затоа не може да ги објави имињата на наводно вакцинираните.

Меѓутоа, Владата експресно ги демантираше ваквите тврдења, означувајќи ги како лажни.

Владата најостро ги демантира лажните наводи и тврдења во текстовите за наводно вакцинирање функционери.

Категорично тврдиме дека министри и владини функционери НЕ се вакцинирале преку ред како што дезинформираа неколку портали.

Изнесените наводи во овој текст се ЛАЖНИ и единствено имаат за цел да го нарушат угледот и достоинството на министрите и носителите на јавни функции на Владата.

Категорично ДЕМАНТИРАМЕ и бараме медиумите со такви текстови да го објават овој демант, со ИЗВИНУВАЊЕ до Владата, како и целосно повлекување на споменатиот текст, а доколку истото не се случи, ќе ги преземеме сите правни и судски мерки, пишува на официјалниот Твитер профил на портпаролот на Владата на РСМ.

Имајќи го превид сето ова, тврдењето искажано во постот дека високите владини функционери се вакцинираат преку ред, го оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција