Не е вистина дека во Србија никој не ги контролира вакцините

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите произлезени од различни извори „Истиномер“, елегантно оповргнува тврдење на претседателот на политичкото движење „Доста је било“, Саша Радуловиќ, дека во Србија никој не ги контролира вакцините.

Радуловиќ на Твитер, меѓу другото, напишал дека „Во Србија вакцините не се контролираат, квалитетот на вакцините не се контролира“.

Тој во твитовите вели дека до тие информации дошол во разговор со родители чии деца заболеле набргу по вакцинирањето. На неговото прашање дали некој ги контролира вакцините, родителите на тие деца го добиле следниот одговор: ,Па повеќе никој не контролира, откако со „Торлак“ направија тоа што направија, повеќе нема никаква контрола’“.

„Истиномер“ во својата статија потсетува дека Институтот „Торлак“ не е надлежен за контрола на вакцините, туку се занимава со производство, но тоа не значи дека никој во Србија не ги контролира вакцините.

„Имено, квалитетот на лековите и медицинските средства, а со тоа и на вакцините, го контролира Агенцијата за лекови и медицински средства (АЛИМС). Граѓаните на сајтот на АЛИМС може да пристапат до делот „отворени податоци“ каде се наоѓа и Регистарот на издадени сертификати од контролата на квалитетот на лековите во употреба во хумана медицина. Исто така е достапен и Регистар на лекови за употреба во хуманата медицина. На листата се наоѓаат и обврзувачките вакцини за коишто зборува Радуловиќ“, пишува „Истиномер“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција