Не е вистина дека Вучиќ рекол „мајмунот Заев“

Фото: скриншот од дел од објавата

Преку лажна изјава на српскиот топ политичар за друг топ политичар во С. Македонија, се менува вистинската содржина со цел да се постигне што поголема активност околу објавата на фан страната на Фејсбук на медиумот. Кога ќе се кликне во содржината следи разочарувањето. Таму изјавата е целосно коректно пренесена за разлика од лагата во насловот

 

Страница на социјалната мрежа Фејсбук споделува објава од текст на кој му е залепен лажен, нереален и сензационалистички наслов. Во насловот се тврди дека српскиот претседател Александар Вучиќ го нарекол македонскиот премиер „мајмун“, што е невистина.

Вучиќ: Сакаат да го признаеме Косово и да завршиме како мајмунот Заев со Преспанскиот договор! – се наведува во насловот на објавата.

Станува збор за текст во кој е пренесен дел од интервјуто на Вучиќ за емисијата „Кирилица“, која се емитува на српската телевизија „Хепи“, во кое тој говори за евентуалното признавање на Косово. Вучиќ во интервјуто вели со признавањето на Косово, Србија може да не добие ништо „па да заврши како Заев со Преспанскиот договор“.

Со Косово сакаат да ја срушат цела Србија и тоа не е далеку од вистината. Ќе ви говорат дека најмодерните политичари се оние кои ќе прифатат независност на Косово, а притоа Србија да не добие ништо за возврат. Или да добијам убава приказна од три месеци во западните весници и да завршам како Зоран Заев со приказната за Преспанскиот договор. Човекот не знае што да прави со себе бидејќи не сакаат да му отворат преговори. И јас не знам зошто, ниту постои рационално објаснување, вели Вучиќ.

Притоа, тој никаде во интервјуто не упатува навреди кон Заев, ниту, пак, го нарекува „мајмун“.

Потврда дека Вучиќ не го користи тој збор е видеото од самото интервју во емисијата „Кирилица“ каде што интегрално може да се слушне и види целата изјава на српскиот претседател (6:35 – 7:16 минута).

Но, во цитатот што е извлечен за да се формира насловот, додаден е зборот „мајмун“. Тој дел од насловот е целосно измислен и залепен на вистинската изјава на Вучиќ со цел привлекување на поголемо внимание и активност на Фејсбук страната, иако станува збор за невистинита изјава.

Делот со измислената навреда е додаден само во насловот на текстот, а не и во самиот текст. Па, така, доколку го кликнете текстот за повеќе да се информирате и да дознаете зошто Вучиќ го нарекува Заев „мајмун“, ќе се разочарате. Во текстот изјавата на Вучиќ е коректно пренесена, без измислениот дел. Тогаш ќе сфатите дека сте измамени и дека насловот е лажен.

Голем проблем со вакви кликбејт сензационалистички наслови е што јавноста многу често се информира само преку читање на насловите, а не и содржината на самиот текст. Тоа добро го знаат креаторите на вакви сензационалистички наслови, кои користат вакви „мамки“ што се објавуваат на социјалните мрежи за да привлечат што е можно поголем број на кликови, споделувања и видливост како на објавата така и на самата Фејсбук страница.

Поради овие причини објавата што ја рецензираме може да се оцени како делумно лажна содржина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција