Не е воведен поправеден персонален данок

Фото: sdsm.org.mk (Принтскрин)

 

Ќе воведеме поправеден персонален данок на доход (дополнителната стапка ќе бида само за граѓаните во највисоките 5% од доходот);

Ќе воведеме повисок данок на имот за најбогатите и повисока стапка на акциза за луксузни возила. Посиромашните навистина ќе плаќаат помалку од богатите. Примената на сите овие даночни промени ќе започне во 2018 година.

[Извор: Изборна програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“ (стр.208) , датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека во привите шест месеци по доаѓањето на власт ќе биде воведен „повисок данок на имот за најбогатите и дека сиромашните ќе плаќаат помалку “, досега (10.09.2018),  не  е исполнето.

Ова изборно ветување на социјалдемократите  е посочено на повеќе места  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ . Најнапред на самиот почеток од „Планот за живот во Македонија“, каде на стр.5  ветуваат дека ќе има праведен даночен систем:

 Воведуваме фер даноци. Сиромашните ќе плаќаат помалку, а богатите ќе плаќаат повеќе.

Потоа  на стр.17 во делот „Пет столба, наместо 100 чекори“,  е  објаснето дека  планот на СДСМ е да подигнат  5 столба  кои имаат за цел да намалат определени облици на нееднаквост во Македонија, и дека вториот столб обезбедува праведен даночен и социјален систем.

Неговата цел е да воведе промени во даночниот систем и во системот на социјални трансфери, коишто ќе започнат да вршат намалување на нееднаквоста во распределбата на расположливиот доход во Македонија. Праведниот даночен систем треба да воведе пониски стапки на данок за сиромашните, а повисоки за богатите.

Дека сиромашните  ќе плаќаат помалку од богатите, се  говори и на стр.47 во поглавјето „Праведен даночен и социјален систем“ во делот „Поправеден персонален данок на доход“, каде е подетално објаснето ова ветување:

Ќе воведеме поправеден персонален данок на доход со две стапки (10% и 18%) што ќе содржи и враќање на платениот персонален данок на доход за граѓаните кои имаат многу ниски месечни лични доходи.

  • На граѓаните кои имаат вкупен месечен личен доход до нивото на законски определената минимална плата, ќе им биде вратен износот кој како перосонален данок на доход претходно бил уплатен од страна на нивните работодавачи.
  • Оние кои се во групата на 5% граѓани со највисока годишна даночна основица ќе им се воведе даночна стапка од 18%, за износот на дополнителниот доход. Прагот ќе се дефинира во апсолутен износ врз основа на даночните пријави за 2016 година.
  • За големо мнозинство граѓани ќе остане само постојната даночна стапка на персоналниот данок на доход од 10%.
  • Намалувањата на даночната основица за персонален данок на доход што се применуваат со членот 10 од постојниот закон ќе останат да бидат применувани и понатаму.

Истото ветувањење е составен дел и од  „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“,   во делот „Нови работни места повеќе пари кај граѓаните поддршка за домашните фирми“ (стр.208).

Ова изборно ветување на социјалдемократите  се споменува  и  во Програмата за работата на Владата (2017-2020 г.) , каде на стр.2, во рамки на поглавјето „Праведен даночен систем“, е наведено дека целта на Владата во следниот четиригодишен период е обезбедување на поголема праведност во даночниот систем, со намера да се врши корекција во неправедната распределба на доходот и општественото богатство. Во таа смисла се вели дека  промените во даночниот систем ќе бидат реализирани преку повеќе мерки, при што на прво место е посочено „воведувањето на поправеден персонален данок на доход со две стапки (10% и 18%)“, односно сосема истото ветување дадено во  „Планот за живот во Македонија“ ,

Сепак, наспроти ваквите планови, иако е поминато повеќе од една година (15 месеци) од промената на власта, досега (10.09.2018),  тоа не се случи.

На 09.09.2018 година премиерот Зоран Заев на прес- конференција во Владата кажа дека даночната реформа – воведување на порогресивен данок на персонален доход, е одложена поради референдумот за договорот со Грција.

Даночната реформа ја одложивме, оти ќе беше затскриена, оти во тек е дебатата за референдумот и не сакаме да носиме решенија. Самиот договор со Грција ја донесе потребата да ја одложиме даночната дебата, која требаше да биде во летото. Но тогаш се случи договорот со Грција. Дебатата за даночната реформа веројатно ќе продолжи по референдумот. Левичар сум и сметам дека правичното оданочување е потребно, дека тие што имаат повеќе треба да платат повеќе, а тие што имаат помалку да платат помалку. Дај Боже сите да имаат повеќе. Но, ако нема време за реализација до крајот на годината нема да брзаме ништо, сакаме да им дадеме време за подготовка на ваква даночна реформа и на стопанството и на граѓаните (Заев)

Па, имајќи предвид дека даночната реформа е одложена, а изборно проектираниот рок за воведување на поправеден данок (првите шест месеци од мандатот), е поминат, споменатото ветување на СДСМ го оценуваме како неиспонето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција