Не е воведена можноста за предвремено пензионирање
Ќе воведеме можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намалување на надоместокот за пензија.
[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.215);]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека во привите шест месеци од мандатот ќе се воведе можноста „за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија…“, е неисполнето.
Ова изборно ветување на социјалдемократите е посочено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во поглавјето „ПЛАНОТ 180 – ИТНИ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ“ – (Социјална политика стр.215). Што значи според изборните проекции опцијата за предвременото пензионирање требаше да се воведе најдоцна до крајот на ноември 2017 година, со оглед на тоа што новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови, досега (12.02.2018) тоа не се случи, а нема ниту најави дека оваа мерка ќе се спроведе.
Сугестиите од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), пак, се старосната граница за заминување во пензија да се зголеми. Во Извештајот на ММФ од ноември 2017 година (стр.14) се забележува дека старосната граница за пензионирање во Македонија е пониска отколку што е во земјите во регионот и се препорачува таа граница да се помести колку што е просекот во Европската Унија, како и да се намалат опциите за предвремено прензионирање.
Деновиве (09.02.2018) беше презентирана и анализа на Институтот за економски истражувања Finance Think, според која, потребни се итни реформи на пензискиот Фонд бидејќи системот е неодржлив, а финансиската дупка од година в година се продлабочува. Експертите сметаат дека треба постепено да се зголеми старосната граница, но и да се плаќаат повисоки придонеси во Фондот за пензиско:
Промените се постепени и имаат можност да се прилагодат на економијата. Тоа значи дека по пет години, економијата ќе ни биде на највисоко ниво и невработеноста на пониско ниво. Поместување на границата по 5 години за 1 година ќе бидеп полесно да се издржи, отколку да границата да се промени. Дополнително, по 10 години и животните век расте и ќе биде сосема очекувано тоа да се случи. Ваков тип на реформа се случува долг временски рок и тоа е недостаток и ќе биде потребен консензус од сите засегнати страни.“- „Фајнанс тинк“.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија (стр.215) [Пристапено: 12.02.2018]
- Меѓународен монетарен фонд (11.2017) : Извештај(стр.14) [Пристапено: 12.02.2018]
- Денар (23.11.2017): Зголемување на старосната граница на пензионирање?! [Пристапено: 12.02.2018]
- Нетпрес (23.11.2017): Зголемување на старосната граница за пензионирање [Пристапено: 12.02.2018]
- Грид.мк (09.02.2018): Потребни се реформи за спас на Пензискиот фонд [Пристапено: 12.02.2018]
- 24 Вести (09.02.2018): Потребни итни реформи за спас на државниот пензиски фонд [Пристапено: 12.02.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар