Не е завршена реконструкцијата на улиците во Стар Аеродром
Проект: Реконструкција на улица Руди Чајaвeц, улица Пандил Шишков, улица Вангел Тодоровски и улица Милан Зечар со тротоари (Стар Аеродром)
Опис на проектот: Реконструкција – проширување на улиците со тротоари и осветлување. (Средства: 33.700.000 денари Извор на финансирање: Општина Аеродром Рок: декември 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски дадено за локалните избори во 2013 година за „Реконструкција на улица Руди Чајaвeц, улица Пандил Шишков, улица Вангел Тодоровски и улица Милан Зечар со тротоари (Стар Аеродром)“, според проверката на „Вистиномер“ е делумно исполнето. Реконструкцијата на улицата „Руди Чајaвeц“ е завршена, улиците „Пандил Шишков“, улица „Вангел Тодоровски“ се во фаза на реконструкција, додека пак, реконструкцијата на улицата „Милан Зечар“, сè уште не е почната. Овој проект го има во делот „Транспорт и патна инфраструктура“ во Изборна програма на Конески (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром! ( стр. 57).
Во септември 2015 година медиумите информираа дека почна реконструкцијата на улицата „Методија Шатаров Шарло“ (по старо „Руди Чајавец“) во Стар Аеродром.
Станува збор за проект што опфаќа изградба на нова фекална канализација во должина од околу 400 метри и нова атмосферска канализација од околу 300 метри, потоа изградба на нова водоводна мрежа, како и целосно ново асфалтирање во должина од 700 метри. Новата улица ќе добие и целосна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, а предвидена е и изградба на тротоари во должина од околу 1.300 метри. На оваа локација ќе се изградат и нови линии за јавно осветлување во должина од околу 600 метри со 30 сијалични места.
На 16 јануари 2017 година градоначалникот Коневски во интервју за порталот „Курир“, меѓу проектите што ја одбележаа 2016 година во Општина Аеродром, ја спомна и реконструираната улица „Методија Шаторов Шарло (поранешна „Руди Чајавец“)
Во март 2017 година медиумите информираа дека е во тек изградбата на четири нови улици во Општина Аеродром, меѓу кои, се спомнуваат и улиците „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“
Станува збор за изградба на фекална и атмосферска канализација, асфалтирање, тротоари и јавно осветлување на улиците „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“и двете новопроектирани улици 4 и 5 со вкупна должина од околу 800 метри. Ширината на улиците ќе изнесува седум метри. Од општинскиот буџет се издвоени вкупно 31,4 милиони денари за реализација на овој градежен зафат. За изведувач на градежните активности е избрана фирмата „ЈУ-БАЈ 2 Амет“ од скопското село Бојане.
Во истата информација е наведено и дека „во функција на подобрување на инфраструктурата, Општина Аеродром веќе ја реконструираше улицата „Методија Шаторов-Шарло“ (поранешна „Руди Чајавец“)“.
Во врска со улицата „Милан Зечар“, портпаролот на Општина Аеродром, Маја Манчевска ни рече дека „реконструкцијата на оваа улица не е почната бидејќи таму сè уште се градат објекти“.
Па, имајќи го предвид сето ова, вклучително и фактот дека мандатот на Коневски е веќе завршен, според Методологијата на „Вистиномер“, неговото изборно ветување: „Реконструкција на улица Руди Чајaвeц, улица Пандил Шишков, улица Вангел Тодоровски и улица Милан Зечар со тротоари (Стар Аеродром)“, го оценуваме како делумно исполнето.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Аеродром“,(Транспорт и патна инфраструктура стр. 57). [Пристапено: 25.05.2017]
- Грид.мк (11.09.2015): Почна реконструкцијата на улицата „Руди Чајавец“ [Пристапено: 25.05.2017]
- Лидер (11.09.2015): Почна реконструкцијата на улицата „Руди Чајавец“ [Пристапено: 25.05.2017]
- Курир (16.01.2017): Коневски најавува повеќе инфраструктурни проекти за општина Аеродром [Пристапено: 25.05.2017]
- Дејли.мк (30.03.2017): Нова улица ќе се пробива од Трета македонска бригада до воен базен [Пристапено: 25.05.2017]
- Билд (30.03.2017): Четири нови улици се градат во населбата Стар Аеродром [Пристапено: 25.05.2017]
- МКД (30.03.2017): Неодамна почна изградба на четири нови улици во Стар Аеродром [Пристапено: 25.05.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар