Не, ЕУ нема да испраќа војска во Украина за да војува со Русија

Фото: Ssolbergj - Own work, CC BY-SA 3.0, Link

Не станува збор за никаков план на ЕУ за испраќање војски што ќе војуваат со Русија, како што тоа го тврди објавата, туку овие војски би се испратиле поствоено, по евентуално постигнат договор за мир, и би биле гаранција за безбедноста на Украина, односно гаранција дека Русија нема повторно да ја нападне

Не станува збор за никаков план на ЕУ за испраќање војски што ќе војуваат со Русија, како што тоа го тврди објавата, туку овие војски би се испратиле поствоено, по евентуално постигнат договор за мир, и би биле гаранција за безбедноста на Украина, односно гаранција дека Русија нема повторно да ја нападне

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

ЕУ прави прецизни планови за испраќање ВОЈСКА во Украина за војување со РУСИЈА!!! И Топовско месо од малите православни државички!!! Придобивки у МАЈЧИНАМУ!!!Го дадовме СВЕТОТИ ИМЕ.Се збришавме од БИБЛИЈАТА,зошто не му дошол на СВЕТИ ПАВЛЕ,еден СЕвероЏГАН ….Малку ИМ беше тоа ,незадоволни!?!?А за да ги усреќиме алчните Бриселски бирократи и милитантното НАТО им го понудивме на ТАЦНА,полигонот КРИВОЛАК да си го тестираат оружјето со осиромашен ураниум а ние да се контаминираме со канцерогени супстанци. Па за испраќање ВОЈСКА – војници ,Ви се молам!!! мало УПИКУВАЊЕ,нели имаме силно искуство во Авганистан.има да бидеме супер ,ќе не пофалат !?!?!ПОЛТРОНСКАТА ПОЗИЦИЈА и ОПОЗИЦИЈА.

Објавата изнесува две дезинформации. Прво, не е точно дека ЕУ прави прецизни планови за испраќање војска во Украина за војување со Русија и второ, не е точно дека на Криволак се користи оружје со осиромашен ураниум.

Точно е дека Европската Унија изработува прецизни планови за испраќање војска во Украина, но не за да војува со Русија. Имено, како што посочи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во интервју за Фајненшал тајмс, Европа изработува „прилично прецизни планови“ за распоредување на мултинационални трупи во Украина како дел од постконфликтните безбедносни гаранции што ќе имаат поддршка од американските капацитети.

Безбедносните гаранции се од најголема важност и апсолутно клучни. Имаме јасна мапа на патот и имавме договор во Белата куќа… и оваа работа напредува многу добро, рече Фон дер Лајен.

Претседателот Трамп нè увери дека ќе има американско присуство како дел од „бекстопот“, изјави Фон дер Лајен за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека „тоа беше многу јасно и постојано потврдено“.

Распоредувањето треба да вклучи потенцијално десетици илјади војници предводени од Европа, поддржани од САД, вклучувајќи системи за контрола и команда и средства за разузнавање и надзор, се вели во извештајот, додавајќи дека овој договор бил договорен на состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и високи европски лидери минатиот месец.

Специјалниот американски пратеник за Украина, Стив Виткоф, на 17 август 2025 година, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во воената база во Енкориџ, на Алјаска, се согласил нивните европски сојузници да ѝ понудат на Украина безбедносна гаранција слична на мандатот за колективна одбрана на НАТО, што би било дел од договорот за завршување на војната.

Успеавме да ја добиеме следната отстапка: САД да можат да понудат заштита слична на Член 5 од Договорот за НАТО, што е една од вистинските причини зошто Украина сака да биде во НАТО, изјави тој за Си-ен-ен, пренесе Фокус.

Знaчи, не станува збор за никаков план за испраќање војска што ќе војува со Русија, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме, туку овие војски би се испратиле поствоено, по евентуално постигнат договор за мир, и би биле гаранција за безбедноста на Украина, односно гаранција дека Русија нема повторно да ја нападне.

Што се однесува до втората дезинформација во објавата, дека на Карпалак се користело оружје со осиромашен ураниум, ваквото тврдење Вистиномер го дебанкираше пред две години. Како што објавивме во 2023 година, станува збор за тенденциозна шпекулација преку која се проектира теорија на заговор и се создава неоснован страв кај јавноста. Министерството за одбрана тогаш демантираше дека на Криволак се користи осиромашен ураниум. Оттаму посочија дека се вршеле мерења на квалитетот на воздухот пред, за време и по вежбите, при што било утврдено дека армиските активности не предизвикуваат загадување на животната средина. Од МО беа децидни дека обуките и вежбите со сојузниците и партнерите од НАТО на полигонот Криволак, не се од каква било опасност по здравјето на граѓаните.

Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција