Не, над Земјата нема „заштитна купола“

Фото: Towarzysz Przewodniczący, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Видео материјалот е компилација на повеќе невистинити тврдења, со цел да се промовира теорија на заговор која е научно дебанкирана.

Видео материјалот во објавата што ја рецензираме е компилација на повеќе невистинити тврдења, со цел да се промовира теорија на заговор која е научно дебанкирана

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал и пишува:

Земјата е рамна. Досега скоро сите презентирани податоци од НАСА се лаги и измами над човештвото!

Во склоп на објавата се споделува видео-материјал според кој Земјата е рамна плоча и „овој видео материјал е најдобриот доказ за тоа“. На англиски јазик со српски превод во видеото се поставуваат прашањата – ако Земјата се врти, зошто не го чувствуваме тоа? Зошто на авионите што летаат на исток и на запад им треба исто време, кога самата ротација на Земјата би требало да направи голема разлика? И зошто хоризонтот секогаш се чини рамен без разлика колку високо одите?

Да разговараме за водата. Водата секогаш е на исто ниво. Океаните, езерата и реките лежат рамно на своите површини. Ако Земјата е топка, каде е доказот за тоа во водените површини? Гравитацијата наводно ја држи водата, но зошто не можеме да го видиме закривувањето? Еве ја вистината, Земјата не е топка што орбитира туку е рамна. Сонцето и Месечината не се оддалечени милиони милји туку се мали локални и совршено врамнотежени додека ротираат над нас обезбедувајќи светлина и енергија. Над рамната Земја е сводот, пространа заштитна купола која држи се на свое место. Се споменува во древните научни текстови и се гледа во начинот на кој се движат ѕвездите. Не поминуваат низ бесконечен простор туку ротираат во совршени патерни над нас. Земјата е повеќе од физичка рамнина, тоа е електромагнетен систем. Сонцето емитува позитивна енергија полнејќи се што ќе допре, месечината има негативен набој, овде не се работи само за плимата или времето, тоа е темелот на целиот живот. Древно знаење. Цивилизациите низ историјата ја знаеле вистината. Египќаните градеа пирамиди не како гробници туку како хабови на енергија совршено ускладени со ѕвездите. Масоните користат таблички црно-бели, кои симболизираат рамнотежа – светло и темно, позитивно и негативно се е вкоренето во моделот на рамната земја. Небесниот свод. Дали некогаш се прашувате зошто ѕвездите трепкаат како да се близу а не како да се светлосни години оддалечени? Тоа е зашто се внатре во сводот и се заштитна купола што го опфаќа нашиот свет. Оваа купола објаснува зошто ѕвездите со текот на времето формираат совршени кружни патеки со текот на времето. Не се врти Земјата, туку небесата ротираат над нас. Пробајте го овој експеримент, гледајте брод кој плови преку хоризонтот. Вообичаената наука вели дека исчезнува поради тоа што Земјата е топка и закривена. Но ако земете телескоп или двоглед и ќе видите како бродот повторно се појавува. Нема исчезнато, туку тоа е само трик на перспективата, се вели во видео-материјалот споделен во склоп на објавата што ја рецензираме.

Проверувачите на факти на „Ројтерс“ пишуваат дека луѓето на Земјата не живеат под „купола“ како што се наведува во објавата на оние што веруваат дека Земјата е рамна плоча. Теоријата е невистинита и има бројни докази – ракети кои што стигнуваат во вселената без да „удрат“ во купола. Експертите за „Ројтерс“ посочуваат дека ако имало „купола“ над Земјата, космонаутите досега ќе ја сретнеа. Лора Бличер, комуникациски менаџер во Центарот за летови во вселената на НАСА, за „Ројтерс“ вели дека „НАСА има испратено вселенски летала далеку во соларниот систем и уште подалеку, и нема сретнато купола“. Фотографиите од Земјата фотографирани од вселената од страна на НАСА без никаква „купола“ во видикот може да се погледнат на следниот линк.

Повеќе од 250 роботски вселенски бродови се испратени во вселената од 1958 година кога НАСА првпат почна да истражува подалеку од земјината атмосфера. НАСА исто така има снимки од стотици вселенски летови со луѓе, почнувајќи со првиот лет на „Проект Меркур“ во 1961, па продолжувајќи со мисијата на Меѓународната вселенска станица и сите тие мисии ја напуштија Земјата и се вратија без да „удрат“ во било каква „купола“.
Имаме испратено астронаути на Месечината, кои не се удрија ни во купола ни во „свод“, изјави за „Ројтерс“ Торстен Бекер, професор на Одделот за геолошки науки на Универзитетот на Тексас во Остин.
Земјата не е рамна плоча и постојат многу начини да се докаже тоа. Кога ќе се погледне библиотеката со слики на НАСА, може да се видат бројни фотографии од Земјата направени од Меѓународната вселенска станица на кои се гледа обликот на Земјата. Мислењето дека Земјата е сфера било целосно потврдено уште од античките грчки филозофи како Аристотел (384–322 п.н.е.), кој добил емпириски докази откако патувал во Египет и видел нови соѕвездија. Различни ѕвезди се видливи од различни делови на Земјата, бидејќи постои поделба помеѓу северната и јужната хемисфера. Ератостен во третиот век п.н.е. бил првиот човек кој го пресметал обемот на Земјата. Исламските научници направиле понатамошни напредни мерења од околу 9 век од нашата ера наваму, додека европските морепловци кружеле околу Земјата во 16 век.
Сликите од вселената кои се направија во поново време беа последен доказ. Дека Земјата не е рамна покажува и следниот доказ – фактот што различни локации на Земјата имаат различни годишни времиња во ист период, затоа што сончевите зраци – кои се речиси совршено паралелни – удираат на Земјата под различни агли. Кога Земјата би била рамна, сончевите зраци секогаш би биле под ист агол, што значи дека во сите места од светот би имало исти годишни времиња во ист период, што не е случај.

Друг пример за заобленоста на земјата е тоа што бродовите исчезнуваат зад хоризонтот кога отпловуваат, пишува сајтот за проверка на факти „Лид Сторис“.

Во објавата се поставува прашањето зошто ако Земјата се врти, не го чувствуваме тоа. Одговорот е познат. Причината поради која не чувствуваме дека Земјата се врти е – гравитацијата.
Но, и тоа што брзината со која се врти Земјата е константна.
Дополнително, постои и „Кориолисов ефект“, сила што прави „работите (како авиони или воздушни струи) што патуваат на долги растојанија околу Земјата да изгледаат како да се движат по крива, а не по права линија“. Тоа објаснува зошто авионите не може да летаат само право во права линија и да стигнат до нивната дестинација, туку мора да летаат по закривена рута. Поради тоа што Земјата ротира толку брзо, да се лета во права линија со авион би значело дека авионот ќе слета на погрешна локација. Земјата секогаш се движи, така што пилотите мораат да пресметуваат и колку нивната дестинација „ротирала“ од почетокот на летот.
Проверувачите на факти на „Ју Ес Еј Тудеј“ пишуваат дека Земјата е толку голема што луѓето не можат директно да ја набљудуваат закривеноста од површината на Земјата и закривеноста станува видлива само од точка на набљудување што е најмалку 40 милји над површината на земјата.
Невистинито е и тврдењето од објавата што ја рецензираме дека „не е можно Земјата да е сфера зашто водените површини секогаш се рамни и затоа не може да се сместат во форма на сфера за да се конфомираат на формата на Земјата“ односно дека „водата изгледа рамна“. Токму гравитацијата е таа што прави водата да изгледа „рамно“ односно водените површини на Земјата да изгледаат рамно со тоа што влече кон центарот на земјината топка.
Наспроти изнесеното во објавата, сонцето и месечината се оддалечени милиони милји. Експерти за „Ројтерс“ тврдат дека се работи за оддалеченост од 93 милиони милији.
Идејата дека пирамидите биле градени да складираат енергија и совршено ускладени со ѕвездите не е поткрепена со цврсти научни докази. А уште помалку тоа докажува „дека земјата е рамна“.
Наспроти изнесеното во објавата, ѕвездите трепкаат не зашто се „близу“. Како што е објаснето во Енциклопедијата Британика, светлината што ја емитуваат ѕвездите, не е трепкање туку само така изгледа кога се гледа од Земјата. Имено, како што светлината од ѕвездите минува низ различните слоеви на земјината атмосфера, светлината се искривува и тоа прави тие да изгледа како да „трепкаат“. Втората причина поради која така изгледа, според Британика е токму тоа што ѕвездите се оддалечени.
Не е точно ни дека „Земјата не се врти туку небесата ротираат над нас“ и тоа е дебанкирано.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција