Не наседнувајте, д-р Драган Даниловски не промовира „Хипертеа“!

Доктор Даниловски за „Вистиномер“ потврди дека неговиот идентитет е злоупотребен во рекламата со невистинита содржина и дека тој не е промотор на наведениот производ.

Доктор Даниловски за „Вистиномер“ потврди дека неговиот идентитет е злоупотребен во рекламата со невистинита содржина и дека тој не е промотор на наведениот производ

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која со видео кое што е создадено со помош на вештачка интелигенција, злоупотребен е идентитетот на професор доктор Драган Даниловски, со цел да се измамат граѓаните да поверуваат дека тој е промотор на производот „Хипертеа“, иако тој никогаш не  го промовирал истиот. Во невистинитата објава се пласираат медицински тврдења кои што не се на доктор Даниловски. За таа цел неколку дена пред објавата на ова монтирано видео, создаден е и објавен и втор елемент, негово фиктивно „интервју“ кое е целосно измислено, а до кое се стигнува ако кликнете  на ознаката „Дознај повеќе“, сместена веднаш под видеото.

Доктор Даниловски за „Вистиномер“ потврди дека неговиот идентитет е злоупотребен во рекламата со невистинита содржина и дека тој не е промотор на наведениот производ. Дополнително, во коментар под самата објава која што достигна значителна виралност, тој напиша:

Зарем не гледате дека ова е креирано со вештачка интелигенција? Никогаш не сум тврдел вакво нешто! Никогаш не сум рекламирал никаков лек ниту чај! Не наседнувајте наивно!

Скриншот од коментарот на докторот под самата објава на Фејсбук

Гласот на Даниловски е монтиран во видео материјалот со целосно сценарио кое што треба да ги убеди корисниците на социјалните мрежи дека „Хипертеа“ има 100 илјади задоволни корисници во Македонија, иако Даниловски воопшто не е промотор ниту има било каква врска со производот. Видео материјалот е впрочем неовластено преземен и преработен со додавање на невистинито сценарио и тон. „Вистиномер“ го пронајде оригиналното интервју кое што Даниловски го има дадено за „Радио Слободна Европа“. Станува збор за интервју кое може да го погледнете на следниот линк и е дадено во јуни 2024 година.

На оригиналното видео интервју, кое што е украдено и злоупотребено, Даниловски воопшто не зборува за високиот крвен притисок, ниту за „Хипертеа“, туку зборува за тоа дека изградбата на нов клинички центар во тој момент според него не е приоритет и дека има погорливи проблеми за решавање отколку изградба на нов Клинички Центар. Тој во вистинското интервју од 2024 г. говори дека треба да се спојат клиниките во еден субјект, со професионални, а не партиски менаџери.

Во пишаниот текст пак, кој е во склоп на објавата што ја рецензираме, повеќе елементи сугерираат дека е невистинит и „монтиран“ односно фабрикуван. Прво, не постои новинар во земјава со име Даниел Гавриловски, со чие име невистинито е потпишан „текстот“. Понатаму, во текстот Даниловски невистинито е посочен како „професор невролог“ што тој не е, бидејќи Даниловски е професор епидемиолог и поранешен министер за здравство.

Видео материјалот е опасен по јавното здравје зашто е исклучително е опасно луѓе со висок крвен притисок кои се на терапија, да се откажат од истата за да се препуштат на „Хипертеа“. Токму со вакви „здравствени“ тврдења какви што лажно му се атрибуираат на Даниловски, крајниот резултат е опасност по јавното здравје, а крајната цел е поголема продажба на производот.

Исто така, неточно е наведеното дека Даниловски досега има извршено над 100 илјади операции на мозок, впрочем и самата бројка е неверојатна. Тој не е неврохирург и нема извршено операции на мозок. Неточно е наведеното во текстот дека „Хипертеа“ растопува „4 килограми холестерол за 6 недели, омекнува 1 килограм грутки“.

Всушност, „Хипертеа“ не е лек. Станува збор за производ кој е регистриран во категоријата храна (чај од билни тревки). Овој чај од билки кој на социјалните мрежи во повеќе наврати е рекламиран со злоупотреба на лични податоци на лекари, со лажни медицински тврдења и со нечесен маркетинг. Во склоп на текстот исто така се пласирани фабрикувани „наводно позитивни искуства од корисници“ кои што се измислени и не потекнуваат од реални Фејсбук корисници.

„Вистиномер“ и во минатото има рецензирано невистинити содржини на социјалните мрежиповрзани со овој производ, а а во последно време тие зачестуваат.
Во истиот период кога се појави објавата што ја рецензираме, пласирана беше и невистинита ваква реклама со злоупотреба на професор доктор Александар Петличковски. Тој за „Вистиномер“ рече дека случајот го пријавил во секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција