Не наседнувајте, доктор Жан Митрев е злоупотребен во реклама за препарат што го враќа видот за 30 секунди

Во објавата со помош на личности познати во медицинскиот свет и лица кои предизвикуваат доверба кај популацијата, се пласираат опасни и неточни медицински тврдења, се пласира невистина дека „Европа полудела“, се максимизира драматичноста за да се прелаже јавноста дека таканаречениот „препарат“ и „домашен метод“ го враќа видот. 

Во објавата со помош на личности познати во медицинскиот свет и лица кои предизвикуваат доверба кај популацијата, се пласираат опасни и неточни медицински тврдења, се пласира невистина дека „Европа полудела“, се максимизира драматичноста за да се прелаже јавноста дека таканаречениот „препарат“ и „домашен метод“ го враќа видот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал кој е создаден со помош на вештачка интелигенција. Видеоматеријалот е комплетно фингиран и од аспект на „сценариото“, односно зборовите што се читаат во него како оф-тон, а сепак во него се користат и делумно веродостојни видеоматеријали, за да се создаде лажен впечаток дека се работи за веродостојни медиумски производи.

Така, во конкретниот случај е злоупотребен новинарот Мишко Иванов чии снимки се презентираат, но со погрешен, измислен и неверодостоен текст, притоа припишувајќи му на Иванов зборови што не ги кажал.

Во објавата, односно во нејзиното невистинито сценарио, изгледа како Иванов да ги изговара следниве реченици во склоп на вестите:

Европа полуде изминатиот викенд кога македонскиот доктор Жан Митрев во живо покажа домашен метод кој го враќа видот за само 30 секунди побрзо од се што нуди современата медицина. Многу гледачи споделија дека нивниот вид се подобрил веќе по 48 часа, исчезнале главоболките и заморот на очите, гласи невистинитиот текст кој е намонтиран врз вистинско видео од новинарот Мишко Иванов.

За сето време, на екранот се презентирани видеоматеријали од кромид и лук во тегла. Доктор Жан Митрев наспроти наведеното во видеото фабрикувано со помош на вештачка интелигенција никогаш не промовирал никаков „домашен метод“ кој го враќа видот, ниту пак таква содржина била презентирана на било кои вести, вклучително не и на вестите кои ги водеше Мишко Иванов пред неколку години.

Видеото е создадено со вештачка интелигенција, со невистинито и додадено „сценарио“ во поглед на позадинскиот текст. Исто така, на овој начин со помош на личности познати во медицинскиот свет и лица кои предизвикуваат доверба кај популацијата, се пласираат опасни и неточни медицински тврдења, се пласира невистина дека „Европа полудела“, се максимизира драматичноста за да се прелаже јавноста дека таканаречениот „препарат“ и „домашен метод“ го враќа видот.

Граѓаните кои имаат проблеми со видот од било каков вид, треба да се лекуваат со медицина базирана на докази и да консултираат лиценцирани, обучени и едуцирани специјалисти кои индивидуално ќе ја проценат нивната состојба и ќе ги третираат.

Не е точно наведеното во видеото, ниту пак Мишко Иванов некогаш на вести изнел тврдење дека „некое истражување предизвикало бурна реакција и големите фармацевтски компании почнале да отстрануваат видео за да ги заштитат своите милијарди профити од продажба на лекови“. Неточно е тоа што е наведено во сценариото „дека дури и Илон Маск го коментирал овој феномен наведувајќи дека овој метод се користи во Спејс Екс за заштита на видот на астронаутите од влијанието на вселената“. Неточно е наведеното во сценариото „дека уредникот успеал да зачува копија од интервјуто на Жан Митрев“ и дека „ова видео многу брзо исчезнува од интернет“. Тоа е додадено невистинито сценарио, зборови кои што се фабрикувани. „Вистиномер“ го пронајде оригиналното видео од вистинското интервју и истото можете да го погледнете на овој линк. 

Во вистинското видео чии снимки се злоупотребени за невистинит маркетинг, доктор Жан Митрев не рекламира никаков „пробив во медицината за офталмологијата“ ниту било каков медицински препарат кој ја налутил фармацевтската заедница, туку зборува за други теми. Всушност, доктор Жан Митрев е кардиохирург а не офталмолог, и никогаш поради тоа не се произнесува на теми какви што се наведени во фабрикуваната објава креирана со вештачка интелигенција што ја рецензираме.

Сите граѓани пред каква било интервенција на очите, треба да се консултираат со очен лекар и да не им веруваат на невистинитите објави во коишто се злоупотребуваат идентитетот и се додаваат лажни тврдења атрибуирани на специјалисти од други полиња, како во случајов – кардиохирургија. Станува збор за видео кое е изменето (altered content) во делот на синхронизацијата, со цел да се добие лажна претстава дека реномиран лекар препорачува некаква состојка за враќање на видот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција