Не наседнувајте: Лажна наградна игра го злоупотребува брендот на „ДМ“ маркетите
„ДМ“ не е организатор на оваа наградна игра, а текстот што е споделен во објавата, за „мајката која 5 години се кршела од работа без пауза“ е невистинит. Со злоупотреба на брендот, логото и името на „ДМ“ маркетите, се промовира измамнички начин за финансиска измама и злоупотреба на банкарските картички на лицата коишто ќе го пополнат формуларот. Уште кога ќе се погледне самата адреса на веб-страницата станува јасно дека таа не е поврзана со домејнот на „ДМ“, бидејќи почнува со https://promomarkets.store/. Маркетот на својата официјална Фејсбук страница извести за измамата
„ДМ“ не е организатор на оваа наградна игра, а текстот што е споделен во објавата, за „мајката која 5 години се кршела од работа без пауза“ е невистинит. Со злоупотреба на брендот, логото и името на „ДМ“ маркетите, се промовира измамнички начин за финансиска измама и злоупотреба на банкарските картички на лицата коишто ќе го пополнат формуларот. Уште кога ќе се погледне самата адреса на веб-страницата станува јасно дека таа не е поврзана со домејнот на „ДМ“, бидејќи почнува со https://promomarkets.store/. Маркетот на својата официјална Фејсбук страница извести за измамата
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Маjка ми се кршеше од работа 5 години у dm — без ден пауза, без да се жали, секогаш прва на смена… И што доби за возврат? Ја избркаа ко партал, само зашто малку се разболе. Без збор, без благодарност. Кога ми кажа — ми се крши срцето, бе. И ај да ви кажам нешто што не се зборува на глас. Само оние што работеле таму или имаат некој внатре знаат. dm има некаков муабет со козметички брендови — секој месец им праќаат продукти, и тие прават кутии за обични луѓе, само за да дадат мислење. И фазон е што тие кутии стварно можеш да ги добиеш, ама страницата е скриена ко игла во сено. Треба само да одговориш неколку баш лесни прашања — дете да беше ќе ги решеше. И бам! Ти стига кутијата дома, полна со стварчиња. Зошто никој не збори за ова? Па затоа што работниците сакаат да си ги чуваат сите кутии за себе, нормално Јас веќе ја земав мојата — и не лажам, имаше шминка, креми, па и брендови што ги гледаш само у реклами. Сè оригинал, спакувано, не е некоја срања. Го оставам линкот у коментари. Споделете со некој што мислите дека ќе му користи. Зошто ако ова ѝ го направеа на твојата мајка… стварно ќе молчеше.
Во склоп на објавата се споделува фотографија со козметички брендови „Нарс“, „Худа Бјути“ – коишто не се продаваат во „ДМ“ во С. Македонија. Во склоп на објавата е презентирана и фискална сметка на којашто се појавува телефонски број наводно од „ДМ“ – 02 320 4100.
„Вистиномер“ се обрати во службата за информации од целосниот телефонски именик на Република Северна Македонија од каде ни кажаа дека телефонскиот број припаѓал на „Џонсон Мети“, меѓутоа не е повеќе во функција и е неважечки. Адресата којашто е впишана на невистинитата „фискална сметка“ не кореспондира со адреса на ниеден „ДМ“ маркет.
Во склоп на објавата во коментарите се остава линк до наводна „анкета“ за која невистинито се тврди дека ако ја пополните ќе добиете пакет со производи, меѓутоа уште кога ќе се погледне самата адреса на веб-страницата станува јасно дека таа не е поврзана со домејнот на „ДМ“, бидејќи почнува со https://promomarkets.store/.
Невистинито на линкот во склоп на „анкетата“ се тврди дека „ДМ“ секој понеделник избира 10 случајни корисници што „ќе добијат можност да освојат фантастични награди“. Меѓутоа, со злоупотреба на брендот, логото и името на „ДМ“ маркетите, се промовира измамнички начин за финансиска измама и злоупотреба на банкарските картички на лицата коишто ќе го пополнат формуларот.
Од исклучителна важност е да се знае дека „ДМ“ не е организатор на оваа наградна игра, а текстот што е споделен во објавата, за „мајката која 5 години се кршела од работа без пауза“ е невистинит. Во невистинитата анкета, пак, се објавени 4 прашања кои се општи – за тоа колку години има корисникот, дали е маж или жена, дали пазарел во „ДМ“ после што корисникот е префрлен до невистинито „известување“ дека „добил кутија со производи“ и дека тие „ќе бидат испорачани за 5-7 дена“.
Маркетот на својата официјална Фејсбук страница извести за измамата.
ВАЖНО СООПШТЕНИЕ! Би сакале да ве известиме дека повторно е креирана ЛАЖНА НАГРАДНА ИГРА!Ве молиме да бидете внимателни и да не споделувате приватни информации! Сите наши наградни игри на социјалните мрежи се организираат на нашите официјални профили, каде покрај името ќе ја најдете сината значка, која всушност значи верифицираност, велат од „ДМ“ маркетите на нивната официјална Фејсбук страница.
Дополнителна опасност е што на лажниот измамнички формулар (на сајтот за наплата) на дното се споменува „претплата“, што сугерира на потенцијална опасност на жртвите многупати да им биде наплаќано откако еднаш ќе ги остават своите лични податоци.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар