Не наседнувајте на финансиска измама, Мицкоски и владата не промовираат „инвестициска платформа“

Христијан Мицкоски Фото: Влада на РСМ

Граѓаните да не оставаат лични податоци и податоци од банкарските сметки бидејќи со лажен маркетинг се манипулираат во голема финансиска измама со цел да бидат финансиски оштетени. Не станува збор за реална инвестиција и стабилна компанија, туку измамничка шема во која што е злоупотребен идентитетот на премиерот Христијан Мицкоски кој никогаш не ги дал тврдењата што му се припишуваат.

Граѓаните да не оставаат лични податоци и податоци од банкарските сметки бидејќи со лажен маркетинг се манипулираат во голема финансиска измама со цел да бидат финансиски оштетени. Не станува збор за реална инвестиција и стабилна компанија, туку измамничка шема во која што е злоупотребен идентитетот на премиерот Христијан Мицкоски кој никогаш не ги дал тврдењата што му се припишуваат

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Оваа изјава ја шокираше земјата: Вака ќе влијае на сите.

Во склоп на објавата се споделува видео-материјал кој е невистинит и креиран со вештачка интелигенција а во која се злоупотребува идентитетот на премиерот Христијан Мицкоски на начин што се сугерира дека тој промовира „инвестициска платформа“. За таа цел се споделува видеоматеријал на кој се претставува како Мицкоски да го дал интервјуто, што никогаш не се случило. Видеото е направено на начин што се земени снимки од Мицкоски и потоа графички се променети и додаден е тон креиран со вештачка интелигенција за да се измами популацијата. Мицкоски никогаш нема промовирано инвестициска платформа на начинот на кој тоа е направено во видеото генерирано со вештачка интелигенција и станува збор за монтажа.

Сите зборови кои наводно ги кажува Мицкоски во видеото се монтирани и лажни тврдења кои што му се атрибуираат нему, а Мицкоски никогаш не ги дал. Тој не промовирал инвестициска платформа, ниту пак постои платформа на која како што лажно се тврди во видеото „ако инвестирате 39 илјади денари неделно, ќе заработите над 520 илјади денари неделно“. Се работи за измама и граѓаните не треба да ѝ веруваат на истата, односно не треба да оставаат свои лични и банкарски информации поведени од овој видео материјал.

Ваквиот вид на измами се случуваат така што граѓаните се манипулираат поради нивната верба во одредено високопозиционирано или експертско лице, во случајот Мицкоски (универзитетски професор и премиер). Познати експертски или политички фигури се злоупотребуваат од страна на измамниците поради тоа што граѓаните во нив имаат доверба, поради тоа што тие имаат одредена популарност и имаат стекнато кредибилитет.

Не е вистина дека „десетици илјади жители на Северна Македонија заминуваат од работа и одат во предвремена пензија поради финансиска платформа лансирана од владата“. На страницата на Владата нема промоција ниту пак на прес-конференција е промовирана ваква финансиска платформа. Доколку постоеше ваква платформа, таа ќе беше официјално искомуницирана со јавноста, ќе имаше прес-конференција, маркетинг кампања, официјално соопштение за истата. Ништо такво не постои на официјалните канали на владата. Со лоши маркетиншки трикови, се злоупотребува Мицкоски на начин што се креира чувството на „голема шанса“, односно граѓаните се излажани преку видеото да поверуваат дека „само тие што го гледаат истото ја имаат големата шанса да пристапат кон програмата која со инвестиција ќе заработува пари за нив“.

Не е точно и Мицкоски не го кажал тврдењето дека „парите што ќе ги инвестирате во платформата ќе бидат како аванс од вашата пензија“. Напротив, граѓаните се манипулираат и се дезинформираат да ги остават податоците после што им се јавува „консултант“, кој всушност е измамник, и кој ја убедува жртвата да ги открие податоците од банкарската картичка. Целта на измамниците е да ги прелажат граѓаните да ги остават нивните податоци во раце на измамниците, за тие да ја преземат контролата врз средствата на сметката.

Не е точно наведеното дека „овој линк од видеото што го гледате е уникатен и достапен само еднаш“. Видеото може да се гледа неограничен број пати и да се препраќа и не исчезнува. За да се креира уште поголемо психолошко ослободување кај граѓаните се тврди дека „ова не е шема или сомнителна операција со криптовалути“, иако измамата е евидентна и од акцентот со кој е монтиран тонот врз видеото од Мицкоски.

Граѓаните да не оставаат лични податоци и податоци од банкарските сметки бидејќи со лажен маркетинг се манипулираат во голема финансиска измама со цел да бидат финансиски оштетени. Не станува збор за реална инвестиција и стабилна компанија, туку измамничка шема во која што е злоупотребен идентитетот на премиерот Христијан Мицкоски, кој никогаш не ги дал тврдењата што му се припишуваат.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција