Не наседнувајте на измамата – скопскиот аеродром не нуди изгубени куфери за 123 денари!
Аеродромот во Скопје не спроведува наградна игра за изгубени куфери, а со изгубениот багаж постапува според строго воспоставена процедура која не вклучува негова продажба.
Аеродромот во Скопје не спроведува наградна игра за изгубени куфери, а со изгубениот багаж постапува според строго воспоставена процедура која не вклучува негова продажба
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од повеќе натрупани куфери и пишува:
Меѓународниот аеродром Скопје организира распродажба на неподигнат багаж за само 123 денари. Во складиштата за чување се насобрале голем број изгубени или заборавени куфери. Според важечките правила, аеродромот има право да го уништи багажот што не е подигнат повеќе од 6 месеци. Наместо тоа, повторно се организира хуманитарна распродажба, при што куферите се нудат по цена од само 123 денари по парче. Повеќе информации на веб-страницата. Враќање е можно во рок од 14 дена!
Дополнителен показател дека станува збор за измама е тоа што сајтот од кој се споделува лажната објава не е на аеродромот управуван од ТАВ. До официјалната страница на ТАВ аеродромот на Фејсбук може да се пристапи на следниот линк.
На официјалната Фејсбук страница на скопскиот интернационален аеродром беше објавено предупредување дека станува збор за измама.
Почитувани патници и следбеници на Фејсбук-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје. Би сакале да ве известиме, а во исто време и да ве предупредиме, дека, за жал, повторно се појавија нови лажни Фејсбук страници и профили, а преку нив и линкови на веб-страници, преку кои се шират невистинити информации за наводна продажба на изгубен багаж во име на Меѓународниот аеродром Скопје, односно аеродромскиот оператор ТАВ Македонија. Апелираме до сите вас да бидете внимателни, особено кога од вас се бара да внесете лични податоци и детали од трансакциски сметки, што може да бидат злоупотребени. ТАВ Македонија како сериозна и одговорна компанија која се грижи за своите клиенти, ги презема сите достапни правни мерки во врска со овие лажни објави. Сите официјални информации и вести во врска со и за Меѓународниот аеродром Скопје, можете да ги најдете на веб-страница на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/mk-MK/, Фејсбук-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://www.facebook.com/SkopjeAirport Инстаграм https://www.instagram.com/skopjeairport/ Твитер (X) https://x.com/skopjeairport . Сите други страници на социјалните мрежи кои што можеби ќе ги сретнете лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот Аеродром Скопје и нашата дејност, наведоа од ТАВ Македонија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар