Не наседнувајте на лажната анкета за производи „Мустела“ – измама е!

Преку невистинити и фабрикувани анкети со злоупотреба на различни брендови, се прави обид да се таргетираат граѓаните во земјава за финансиска експлоатација.

Преку невистинити и фабрикувани анкети со злоупотреба на различни брендови, се прави обид да се таргетираат граѓаните во земјава за финансиска експлоатација. Позади овие анкети не стојат брендовите, туку нивните имиња, логоа и други обележја се злоупотребени за да се креира доверба кај корисниците, кои потоа би наседнале и би ги дале своите лични и банкарски податоци

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат фотографии од производи на францускиот бренд за производи за кожа за бебиња „Мустела“ и пишува:

Луѓе, Mustela моментално нуди подарочна кутија за бебиња во замена за учество во кратка анкета. Ја видов оваа информација пред неколку дена во една мамска група и решив да пробам. Доволно е само да одговорите на неколку едноставни прашања – тоа е дел од нивната програма за анкети, ништо комплицирано. За возврат, тие испраќаат кутија со бебешки производи! И нема да верувате: веќе по 3 дена ја добив пратката. Вистински сет за бебиња, комплетен пакет. Искрено, бев многу пријатно изненадена. Затоа го споделувам со вас, додека понудата е сѐ уште активна! Побрзајте да ја искористите.
Во склоп на истата објава се споделува линк од надворешен веб-сајт кој на ниту еден начин не е поврзан со „Мустела“. Линкот всушност, во полето каде се гледа адресата, открива дека е неповрзан со брендот. Тој линк води кон невистинита, неверодостојна таканаречена анкета, чија цел е да ги разубеди корисниците на социјалните мрежи дека ако одговорат на анкета ќе добијат пакет производи од „Мустела“. Ова не е вистина и името, фотографиите од производите на брендот се злоупотребени за некој во нивно име лажно да се претставува и да ги манипулира граѓаните за финансиски бенефит. Крајната и единствена цел на оваа невистинита „анкета“ е да се разубедат граѓаните да остават свои лични и банкарски податоци кои што потоа ќе бидат злоупотребени за од банкарските сметки да бидат извлекувани парични средства на граѓаните без тие воопшто да бидат свесни дека таа била причината поради која ги оставаат податоците, а не за да „добијат пакет производи“.
Најпрво на надворешниот линк се прави притисок врз корисниците на социјалните мрежи веднаш да ја пополнат анкетата, без размислување на начин што им се дава невистинитатa информација дека „анкетата завршува денес“ а со тоа и дека мора веднаш да побрзаат и да почнат да ја пополнуваат.
Потоа невистинито им се дава податок на корисниците дека наводно ќе ја добијат кутијата со производи која ја гледаат на екранот, а во која ќе најдат производи за нега на бебето. Фотографијата всушност е неовластено злоупотребена и анкетата не е на „Мустела“. Потоа следуваат 8 едноставни и неважни прашања – колку често купувате производи „Мустела“, како го оценувате нивниот квалитет, дали сте задоволни од промоциите на брендот. Има и прашања со печатни и логични грешки (всушност и во самата објава пишува дека „таа била пронајдена во МАМСКА група“ што е логична и јазична грешка. Се поставува и прашањето дали лесно ги наоѓате производите на „Мустела“ во „нашите продавници“ – и покрај тоа што во Северна Македонија нема продавница на Мустела, туку производите на брендот се продаваат во различни аптеки во земјава.
Потоа граѓаните се водени кон лажно известување дека треба да „го земат подарокот“ и да уплатат 181 денар што е само мамка за да ги остават своите банкарски податоци со што измамниците ќе добијат пристап до нивните сметки и финансии. Особено е важно на вакви платформи, кои што се генерирани со невистинити информации, корисниците на социјалните мрежи да не оставаат свои лични и банкарски податоци. Пакет со производи дефинитивно не пристигнува откако ќе бидат оставени податоците, туку напротив, тие податоци се злоупотребуваат и граѓаните остануваат финансиски оштетени.
Фото: Принтскрин
Во последно време на ваков и сличен начин, преку невистинити и фабрикувани анкети со злоупотреба на различни брендови, се прави обид да се таргетираат граѓаните во земјава за финансиска експлоатација. Позади овие анкети не стојат брендовите туку нивните имиња, логоа и други обележја се злоупотребени за да преку нивната репутација се креира доверба од страна на корисниците кои потоа би наседнале и би ги дале своите лични и банкарски податоци.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција