Не наседнувајте на лажната наградна игра во која е злоупотребен брендот „ДМ“

Не оставајте лични податоци од вашата банкарска картичка на објавата која ветува дека за 120 денари ќе ви биде испратен „пакет од ДМ“. Станува збор за измама и лажна наградна игра во која е злоупотребен брендот на маркетот. Објавата е споделена од профил што не е поврзан со ДМ и е измамнички

Не оставајте лични податоци од вашата банкарска картичка на објавата која ветува дека за 120 денари ќе ви биде испратен „пакет од ДМ“. Станува збор за измама и лажна наградна игра во која е злоупотребен брендот на маркетот. Објавата е споделена од профил што не е поврзан со ДМ и е измамнички

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Мајка ми работеше во dm 9 години. И на денот кога нејзиното здравје почна да се влошува, едноставно ја отпуштија. Како веќе да не беше важна. Затоа денес сакам да споделам нешто што компанијата внимателно го крие. Многу малку луѓе го знаат ова, но dm има договор со одредени брендови редовно да испраќа кутии со производи за да собира мислења од клиентите. Овие кутии се достапни преку малку познат дел на нивната веб-страница. Сè што треба е да одговориш на неколку многу едноставни прашања. Зошто толку малку луѓе ја искористуваат оваа можност? Бидејќи вработените претпочитаат да го чуваат овој пристап за себе и нивниот близок круг. Ќе го оставам линкот во коментарите за сите кои се заинтересирани. Направете го тоа додека сè уште имате шанса. И ако се прашуваш зошто го правам ова… само замисли за момент дека тоа беше твојата мајка. Што би направил ти?
Во склоп на објавата се споделуваат фотографии од луксузна козметика за кои невистинито се тврди дека ќе ја добијат тие што ќе одговорат на прашалник, а во првиот коментар под објавата е линкот до овој прашалник. Станува збор за невистинита објава којашто има за цел преку измамнички маркетинг и злоупотреба на брендот на ДМ маркетите, да дојде до личните и банкарски податоци на граѓаните за потоа тие финансиски да бидат оштетени. Првата страница од лажниот прашалник изгледа вака:
Не е вистина дека доколку одговорите на 4 прашања и преку својата банкарска сметка платите 120 денари за „достава“ ќе добиете било какви производи. Напротив, податоците од вашата картичка ќе паднат во рацете на измамници коишто ќе може да располагаат со вашите пари, поточно финансиски да ве оштетат. Сепак, кога ќе се одговори на 4 прашања меѓу кои дали пазарите во „ДМ“, дали сте маж или жена, со колку луѓе живеете во домаќинството, пренасочени сте на страница каде невистинито се тврди дека сте добиле „пакет подарок со производи“.
А потоа граѓаните се пренасочуваат на лажна страница каде од нив се бара да остават лични банкарски податоци. Не го правете тоа бидејќи финансиските средства на вашата банкарска сметка може да бидат украдени.
Дека станува збор за невистинита објава и лажна наградна игра потврдија од официјалната страница на ДМ маркетите од каде предупредија да не се наседнува на измамата и потврдија дека објавата не е поврзана со нив и нивниот бренд.
ВАЖНО СООПШТЕНИЕ! Би сакале да ве известиме дека повторно е креирана ЛАЖНА НАГРАДНА ИГРА ! Ве молиме да бидете внимателни и да не споделувате приватни информации!  Сите наши наградни игри на социјалните мрежи се организираат на нашите официјални профили, каде покрај името ќе ја најдете плавата значка, која всушност значи верифицираност!, напишаа од ДМ маркетите.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција