Не наседнувајте! Лажна докторка нуди неодобрен лек за цистит

Центар со баш такво име – Британскиот центар за урологија и гинекологија, не постои. Докторка со име Елизабет Вилсон постои во градот Колумбија во државата Мисури во САД. Споредбата на  фотографијата од вистинската докторка Вилсон и наводната докторка од текстот што го рецензираме покажува дека станува за сосема друга личност. Оваа докторка никако не може да се поврзе со лекот што се рекламира во текстот, кој не може да се најде на официјалниот регистар на лекови на Министерството за здравство, што значи тој не е одобрен ниту препорачан од официјални институции

Центар со баш такво име – Британскиот центар за урологија и гинекологија, не постои. Докторка со име Елизабет Вилсон постои во градот Колумбија во државата Мисури во САД. Споредбата на  фотографијата од вистинската докторка Вилсон и наводната докторка од текстот што го рецензираме покажува дека станува за сосема друга личност. Оваа докторка никако не може да се поврзе со лекот што се рекламира во текстот, кој не може да се најде на официјалниот регистар на лекови на Министерството за здравство, што значи тој не е одобрен ниту препорачан од официјални институции

 

Лажна докторка рекламира лек за циститис и женски болести. Оваа објава е всушност онлајн измама која прво објаснува, односно заплашува за последиците од циститот, а потоа наводно нуди решение, поточно продажба на лек кошто не е официјален, регистриран и одобрен.

Во текстот е преставена извесна докторка Елизабет Вилсон за која се тврди дека е главен уролог на Британскиот центар за урологија и гинекологија. Прво, таков центар со баш такво име не постои, а со тоа ни таква докторка која работи во него. Со пребарување на фотографијата од докторката на Гугл, јасно станува дека е искористена обична фотографија и преставена како некоја докторка.

Пребарувањето на името на докторката, ни покажува дека докторка со вакво име и оваа специјалност постои, но таа нема никаква врска со никаков Британски центар за урологија и гинекологија, туку е докторка од градот Колумбија во државата Мисури во Соединетите Американски држави. Споредбата на  фотографијата од вистинската докторка Вилсон и наводната докторка од текстот што го рецензираме, јасно покажува дека станува за сосема друга личност. Оваа докторка никако не може да се поврзе со лекот кој се рекламира во текстот.

Половина од текстот е плагијат. Иако е преставен како интервју со лажната докторка, всушност, првиот дел од текстот каде што се објаснува што е цистит е препишан од текст што го напишал доктор Васил Илиев, специјалист по гинекологија и акушерство од клиниката Жан Митрев. Тој текст е објавен на нивната официјална веб-страница.

Постои и унгарска веб-страница која ја има истата содржина како и македонската. Таму докторката Елизабет Вилсон е преставена како виш уролог при центарот за Урологија и Гинекологија во Унгарија. Подолу, како и во македонската верзија од текстот, има тестимонијали од „задоволни клиенти“. Единствената разлика е што во тој текст се нуди лекот „Уротрин“, а во македонската верзија „Детоник“.

Пребарувањето на лекот, што во текстот привлечно се нуди за одредена цена, покажува дека станува збор за лажен лек, кој на одредени веб-страници се нуди како лек за уринарни инфекции, а на други како лек за хипертензија односно висок крвен притисок.

Лекот не може да се најде ниту на официјалниот регистар на лекови на Министерството за здравство, што значи и да постои, тој не е одобрен ниту препорачан од официјални институции.

За да привлече повеќе продажба и инстант заинтересираност, во текстот се користат маркетиншки трикови како „50% попуст“, „останати се 5 пакувања“ со што читателите може да наседнат и да направат брза порачка која нема да им го реши проблемот.

Вакви лажни објави, за лекови кои наводно можат да ви помогнат во најмала рака се неетички и нехумани, а истовремено можат да бидат и опасни односно да го загрозат здравјето на луѓето.

Доколку имате ваков или каков било проблем, не верувајте дека решение може да бидат вакви лажни објави за наводни лекови. Консултирајте се со вашиот лекар и информирајте се од официјални извори пред да наседнете на вакви измами и направите каква било он-лајн порачка колку и да ви изгледа дека тоа може да биде добро решение на вашиот моментален проблем.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција