Не, нема одземање на децата ако родителите одбијат да ги вакцинираат

Манипулативен пост на Фејсбук шири панична вест, објавена на српски портал пред седум месеци, дека наводно, ќе следуваат високи казни и одземање на децата, во случај на одбивање на обврската за задолжителна вакцинација. Ова се разбира не е вистина. Ваквите објави веќе се дебанкирани и оценети како лажни од сервисите за проверка на факти во соседството, како represent.rs и raskrinkavanje.ba.

Манипулативен пост на Фејсбук шири панична вест, објавена на српски портал пред седум месеци, дека наводно, ќе следуваат високи казни и одземање на децата, во случај на одбивање на обврската за задолжителна вакцинација. Ова се разбира не е вистина. Ваквите објави веќе се дебанкирани и оценети како лажни од сервисите за проверка на факти во соседството, како represent.rs и raskrinkavanje.ba.

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук  ја дезинформира јавноста дека, наводно, ќе се изрекуваат високи казни, па дури и одземање на децата доколку нивните родители одбијат да ги вакцинираат. Прво, од самиот пост не е јасно за каква вакцина се работи?! Тој делува збунувачки, дотолку повеќе, што сме во екот на пандемијата со коронавирусот, па може да се добие впечаток дека се мисли на вакцината за Ковид-19.

Но, за што станува збор?

Во прашање е пренесен „бајат“ текст од српски портал, објавен уште во април оваа година (2020), со сензационалиостички наслов: Задолжителна вакцинација или следуваат големи казни и одземање на децата„ (Vakcinacija obavezna ili slede velike kazne i oduzimanje dece). Но, ваквото манипулативно тврдње, искажано и во насловната конструкција и внатре во содржинскиот дел на написот, е неточно.

Ваквите невистинити наводи, во текстот се само паушално нафрлени без никаква поткрепа или извор на информацијата. Написот цело време се повикува на „професијата“, користи формулација „струка“ , ама не прецизира на кој здравствен авторитет во Србија се повикува. Особено, што таква официјaлна информација соопштена од српските здравствени власти нема, а такво нешто не може да се најде ниту со темелно пребарување на Интернет.

Самиот текст е илустриран со фотографија од епидемиологот и член на Кризниот штаб за сузбивање на коронавирусот во Србија, а од минатиот месец и министерка за социјална политика, д-р Дарија Кисиќ Тепавчевиќ. Па, на прв поглед се добива впечаток дека текстот се темели на нејзина изјава. Меѓутоа, кога ќе се отвори и прочита написот, ќе се види дека познатата српска докторка воопшто не се споменува. Така што, не е јасно зошто нејзината фотографија стои во текстот. Освен, можеби, за да се манипулира со нејзниот авторитет, да се создаде привид кај публиката дека, наводно, таа изјавила такво нешто.

Инаку, задолжителната вакцинација на децата во Србија не е ништо ново, таа се спроведува со години и е предвидена со Правилникот за имунизација (и стариот и новиот), со кој, меѓу другото, се дефинираат бројот и видот на вакцините, како и калнедарот и времето на вакцинирање. Наспроти тоа,  (дез)информацијата во текстот е пласирана како вакцинацијата сега за првпат да станува задолжителна во Србија.

Според  актуелниот Закон за заштита на населението од заразни болести, пак, кој е на сила во Република Србија, за родителите кои ќе одбијат да ги вакцинираат децата предвидени се казни од 30.000 до 150.000 динари. Но, никаде не се спомнува одземање на децата. Тоа е чиста невистина.

Текстови со иста или слична содржина пролетта се појавија на повеќе портали, сајтови и блогови во Србија и се ширеа на социјалните мрежи.

Ваквите објави веќе се дебанкирани и оценети како лажни од сервисите за проверка на факти во соседството, како represent.rs и raskrinkavanje.ba.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција