Не починало шестодишно девојче во Баварија, а уште помалку поради носење маска!

Фото: Youtube скриншот

Не ви ја кажа телевизијата оваа вистина, така?, се прашува во Фејсбук пост, кој што има линк до вест дека трето дете во Германија починало поради тоа што носело маска.

 

Не ви ја кажа телевизијата оваа вистина, така?“, се прашува во Фејсбук пост, кој што има линк до вест дека трето дете во Германија починало поради тоа што носело маска.

Во текстот на веста се објаснува дека девојче на возраст од шест години од околината на Швајнфурт во Баварија, на 28 септември, додека се враќало дома од училиште, се онесвестило во училишниот автобус по што починало. Текстот, исто така, опишува дека возачот на автобусот застанал и повикал итна помош, но ја оставил маската на лицето на девојчето. Кога итната помош го пренела девојчето в болница, тоа починало истата вечер, тврди написот.

Лекарот кој го примил девојчето на клиниката е известен од страна на педијатар дека малечката немала претходно дијагностицирана болест и потоа ги известил родителите дека станува збор за труење со јаглерод диоксид и тоа го означил како причинител за смртта. Пријателите и роднините на починатото девојче известуваат дека таа не сакала да оди со автобус во училиште зашто чувствувала главоболка и дека губи кислород, се изнесува во написот.

Но, информацијата дека девојче починало во автобус поради тоа што носело маска е дезинформација.

На први октомври, полицијата на Долна Франконија излезе со соопштение дека ваквите гласини за шестгодишно девојче кое починало поради неносење маска се невистинити.

Од вторникот, 29 септември, лажни вести се шират на социјалните мрежи за наводната смрт на шестгодишно девојче во Швајнфурт. Постовите тврдат дека детето починало поради тоа што морало да носи маска. Ние не сме запознаени со ниту еден таков случај во Долна Франконија, особено не во областа Швајнфурт. Ве молиме немојте да им верувате на овие лажни вести и немојте да ги споделувате под ниедни околности, предупреди полицијата на Фејсбук.

Баварската полиција на нивниот официјален Твитер канал ги нарече „лажни вести“ тврдењата дека  6 годишно девојче кое починало во автобус е поради употреба на маска.

Како што претходно пишувавме, не постои ниту еден релевантен медицински доказ оти носењето маски може да биде опасно и да предизвика задушување кај децата или кај возрасните. Светската здравствена организација има цело упатство направено во вид на прашања и одговори за употребата на маските кај децата и во него никаде не се вели дека тие можат да предизвикаат гушење.

Маската, засега, останува една од ретките и ефикасна заштита во намалувањето на ширењето на Ковид-19. Се разбира, за да бидат ефикасни, маските треба да се носат правилно, да се чистат и менуваат често.

Значи, ниту шестгодишно девојче починало во Баварија на училишен автобус, а уште помалку тоа било поради носење на маска. Медиумите кои во македонската верзија од постот се прозиваат со инсинуација дека „кријат информации“ во случајот се неправично нападнати, а постот шири паника и невистинити информации кои можат да бидат опасни особено во ситуација кога се поголем број граѓани ја губат битката со коронавирусот, откако пандемијата зема поголем замав.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција