Не постојат никакви пилоти што признале запрашување на население од воздух

Фото: скриншот од дел од постот

Дезинформациите за „кемтреилс“ сега се проширија со нова варијанта – дека некакви си уапсени пилоти признале оти запрашувале население со хемиски супстанци и поради тоа три големи европски земји ќе ја тужеле Светската здравствена организација (СЗО). Проверката на факти откри дека такво нешто не постои, уште помалку дека светската агенција Ројтерс емитувала таква вест

Дезинформациите за „кемтреилс“ сега се проширија со нова варијанта – дека некакви си уапсени пилоти признале оти запрашувале население со хемиски супстанци и поради тоа три големи европски земји ќе ја тужеле Светската здравствена организација (СЗО). Проверката на факти откри дека такво нешто не постои, уште помалку дека светската агенција Ројтерс емитувала таква вест

 

Објава на Фејсбук на македонски јазик од познат практичар на теории на заговор повторно го сврти вниманието со дезинформација за постоење на „запрашување“ на луѓето и труење од воздух, познато како „кемтреилс“ (chemtrails).

Во објавата кратко е напишано:

28.12.2020

Пилотите го признале труењето од воздух

Под ваквата објава залепен е колаж од фотографии кои треба да ја убедат читателската публика дека станува збор за запрашување, но и текст на српско-хрватски јазик на најголемата фотографија на кој пишува:

Вонредно! Полска, Шведска и Норвешка поднесуваат тужба против СЗО за инфицирање на Европа. Ова го јави Ројтерс. Затворените пилоти признале дека запрашувале со хемикалии кои предизвикуваат хемиско запаление на белите дробови

 

Ројтерс никогаш не емитувал таква вест

Повеќе пати се разобличени дома и во светот ваквите лажни објави за „кемтреилс“. Подолу во текстот ќе ги наведеме основите за ваквото лажно тврдење и вести поткрепени со теории на заговор.

Но, најпрво фактот, дека таква вест од Ројтерс за некои заробени пилоти што истурале хемиски супстанции врз население со намера да ги инфицираат со хемикалија што предизвикувала воспаление на белите дробови, НЕ ПОСТОИ! Нема таква вест ниту на сервисот на Ројтерс или како пренесена од Ројтерс вест во некои други медиуми. Тоа може да се утврди со алатката за длабоко пребарување на сајтот на Ројтерс, преку внесување на одбрани зборови поврзани со зборовите од веста, која во постот што го рецензираме се нуди како наводно точна.

Тоа што повторно се шири ваква дезинформација не е изненадување, со оглед дека повеќе од две децении траат ваквите објави секаде во светот. Впрочем, такви вести „Вистиномер“ разобличи и во претходниот период, особено откако поради пандемијата „кејмтреилс“ почна да се поврзува и со ширењето на корона вирусот.

На пример, пред неколку месеци имаше ширење на дезинформација, поткрепена со фотографии, за кои по проверката на факти се покажа дека станува збор за авион за гаснење пожари. Или уште еден пост од почетокот на ноември, кога се ширеше дека тој ден „нè запрашувале на најјако“. И овој пост „Вистиномер“ го разобличи.

Може и да се потсети јавноста што објави „Вистиномер“ во еден од своите текстови за т.н. „кемтреилс“ како глобален феномен што служи за ширење вести, за кои нема поткрепа во фактите:

 

Теорија на заговор стара повеќе од две децении

Таканареченото „запрашување“ на населението или „кемтрејлс“ е теорија на заговор која е постара од две децении. Всушност, почетоците се во САД во 1996 година, откако Воено-воздушните сили на САД објавиле извештај за можна модификација на времето. Застапниците на оваа теорија на заговор веруваат во повеќе цели на „запрашувањето“. Од психолошко влијание врз населението, до тоа дека крајната цел е депопулација на земјината топка. Покрај ваквите теории на заговор често се објавуват фотографии кои се земени од различни тестови на патнички авиони изведувани за да се утврди балансот на авионите при полетување, слетување или во текот на летот.

Постојат повеќе научни иследувања на оваа теорија на заговор и ниту еднаш не е пронајден каков било доказ дека тоа навистини се случува. Едно од посеопфатните е на „Кеит групата“, истражувачка група при Харвард универзитетот, која тоа го потврди… (Извадок од рецензијата на „Вистиномер“ објавена на 1-ви декември 2020).

Според сè погоре кажано, особено и според проверката што ја направивме на објавени текстови на веб страницата на Ројтерс, но и генерално на интернет, може да се тврди дека постот на Фејбук што го рецензираме содржи невистини и дезинформира. Не постојат уапсени пилоти што признале такво нешто или тужби од трите прибалтички држави дека покренале некаква си тужба до СЗО поради запрашување на население.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција