Не постоела „гаранција“ дека НАТО нема да се проширува кон исток
НАТО уште во 1994 година официјално ја потврдило политиката дека Алијансата е отворена за членство на други европски држави. Во соопштението од декември 1994 година НАТО експлицитно зборува за очекувано проширување кон демократските држави на исток.
НАТО уште во 1994 година официјално ја потврди политиката дека Алијансата е отворена за членство на други европски држави. Во соопштението од декември 1994 година НАТО експлицитно зборува за очекувано проширување кон демократските држави на исток
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
НЕ ИМ ВЕРУВАЈ НА „ВАВИЛОНЦИТЕ” ОД ДИВИОТ ЗАПАД НИ КОГА ГАРАНЦИИ ТИ ДАВААТ! Мицкоски бара ГАРАНЦИИ од ЕУ, дека после внесувањето на Бугарите во МК Устав, нема да има други слични барања!
Наивен! Па тие и на една МОЌНА Великаја Русија ѝ „гарантираа” дека НАТО нема се шири кон Исток, па ИЗЛАЖАА, не па за Малата Македонија ќе му ја мислат!
Не е точно дека ЕУ ѝ дало гаранции на Русија оти НАТО нема да се шири на исток. Во 1990 година, кога се воделе клучните разговори, Советскиот Сојуз сè уште постоел, а Европската Унија била создадена дури со Договорот од Мастрихт во 1993 година. Затоа, не може да се зборува за „гаранција од ЕУ“ во денешна смисла. Она што навистина се случило е посложено. Во текот на преговорите за обединувањето на Германија во 1990 година, западни политичари навистина дале повеќе усни уверувања до советското раководство во врска со идното ширење на НАТО. Најпознат е разговорот од 9 февруари 1990 година меѓу американскиот државен секретар Џејмс Бејкер и Михаил Горбачов, во кој Бејкер зборувал за тоа НАТО да не ја прошири својата воена јурисдикција „ни педа“ кон исток. Декласифицираните документи покажуваат дека слични пораки биле упатувани и од други западни лидери.
И западно-германскиот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер, како и други западни лидери, давале слични политички уверувања. Значи, може да се зборува за усни уверувања од западни политичари, но не за гаранција дадена од ЕУ.
Но, клучниот факт е дека овие уверувања не биле преточени во правно обврзувачки договор со кој НАТО се откажува од идно членство на Полска, Унгарија, Чешка или други источноевропски држави. Договорот „2+4“, потпишан во септември 1990 година и со кој се регулираше германското обединување, содржи конкретни ограничувања за распоредувањето странски сили и нуклеарно оружје на територијата на поранешна Источна Германија, но не содржи забрана за идно проширување на НАТО во Источна Европа.
Токму тука лежи суштината на спорот. Постоеле усни политички уверувања, но не постоела потпишана гаранција дека НАТО никогаш нема да се прошири на исток. Националниот архив за безбедност на Универзитетот Џорџ Вашингтон, врз основа на декласифицирани американски, советски, германски, британски и француски документи, оценува дека советските лидери навистина слушнале повеќе уверувања за неширење на НАТО. Истовремено, самите документи покажуваат дека прашањето било тесно поврзано со преговорите за германското обединување и дека не било преточено во општа правна забрана за идно проширување на Алијансата.
Дополнително, НАТО уште во 1994 година официјално ја потврдило политиката дека Алијансата е отворена за членство на други европски држави. Во соопштението од декември 1994 година НАТО експлицитно зборува за очекувано проширување кон демократските држави на исток. Неколку години подоцна, во 1997 година, НАТО и Русија потпишаа тнр.Основачки акт, кој претставува историски политички договор межу двете страни и чија цел беше да се изгради безбедносна архитектура на соработка после Студената војна. Според него, беше основан НАТО-Русија Постојан заеднички совет, со овој акт Русија доби глас и платформа за дијалог, но, не и право на вето врз проширувањето на НАТО. Од друга страна, пак, НАТО истакна дека нема намера да поставува нуклеарно оружје на територијата на новите земји-членки. Постојаниот заеднички совет во 2002 беше заменет со НАТО-Русија Совет, но практичната соработка е замрзната откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, а тој престана да постои во целост во 2022 година, отккао Русија изврши целосна инвазија врз Украина.
На страницата на НАТО, во делот каде се разоткриваат дезинформациите тврдењето дека „НАТО вети на Русија дека нема да се проширува по студената војна“, ова тврдење е потенцирано како „мит“.
Митот дека западните лидери ветувале дека нема да дозволат нови членови да се приклучат, циркулира со години и активно се користи во дезинформациски кампањи од страна на Кремљ уште од почетокот на руската војна против Украина. Иако записите покажуваат дека во почетните фази од дискусиите за повторно обединување на Германија, американскиот државен секретар Џејмс Бејкер и неговиот западногермански колега, Ханс-Дитрих Геншер, ја изнесоа таквата идеја еден со друг и со советските лидери во 1990 година, но дипломатските преговори брзо продолжија и идејата беше отфрлена. Основачкиот договор на НАТО – потпишан во 1949 година од 12-те првични членки и од секоја земја што се приклучила оттогаш – вклучува јасна одредба што ги отвора вратите на НАТО за „секоја друга европска држава што е во позиција да ги унапреди принципите на овој Договор и да придонесе за безбедноста на Северноатлантската област“. Ова никогаш не се променило. Ниту еден договор потпишан од сојузниците на НАТО и Русија никогаш не содржел одредби дека НАТО не може да прима нови членки. Одлуките за членство во НАТО се донесуваат со консензус меѓу сите сојузници, стои на страницата на НАТО.
Се додава дека опишувањето на политиката на отворени врати на НАТО како „експанзија“ е веќе дел од митот.
НАТО не бараше нови членови, ниту пак, имаше за цел да се „прошири кон исток“. НАТО го почитува правото на секоја нација да го избере својот пат. Членството во НАТО е одлука прво за оние земји кои сакаат да се приклучат. Потоа, сојузниците на НАТО треба да ја разгледаат апликацијата, се додава во објаснувањето од НАТО.
Во објавата се прави паралела меѓу разговорите за иднината на НАТО во 1990 година и денешните барања на С. Македонија во процесот на европска интеграција. Но, станува збор за две различни историски и правни ситуации, па едната не може да служи како доказ за другата. Во времето на клучните разговори за германското обединување во 1990 година, Европската Унија сè уште не постоела. ЕУ е формално создадена со Договорот од Мастрихт, потпишан во 1992 година, кој стапил во сила на 1 ноември 1993 година.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме во која се вели дека Русија добила гаранција од НАТО дека Алијансата нема да се проширува кон исток ја оценуваме како дезинформација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар