Не постои „агенда“ за чипување
Дигитализацијата на јавните услуги сама по себе не значи воведување каков било чип во човечкото тело. Дигиталните документи претставуваат електронска форма на идентификација или пристап до одредена услуга, а нивното постоење не подразбира физичка промена или имплантација кај граѓаните
Дигитализацијата на јавните услуги сама по себе не значи воведување каков било чип во човечкото тело. Дигиталните документи претставуваат електронска форма на идентификација или пристап до одредена услуга, а нивното постоење не подразбира физичка промена или имплантација кај граѓаните. Исто така, дигиталниот идентитет е концепт поврзан со електронско потврдување на идентитетот, а не со биолошки или физички импланти
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија со најава на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски дека од идниот месец лична карта и возачка дозвола ќе има на мобилен телефон, а наскоро и дигитален паричник за плаќање. Во склоп на објавата пишува:
Слугите на антихристот не спијат… Нема врска дали е вмро или сдсм на власт, Агендата ја спроведуваат и тие и тие. Упорно се оди кон глобална дигитализација, а потоа и чипување на оние што ќе останат живи и востоличување на антихристот….
Не е точно дека постои некаква агенда која води до „чипување“ на оние што ќе останат живи, ниту пак таа е поврзана со дитигализација и постоење на дигитални документи и дигитален паричник.
За вакво сериозно тврдење дека наводно постои „агенда според која луѓето што ќе останат живи ќе бидат чипувани“ би биле потребни проверливи документи, официјални одлуки или кредибилни извори кои би покажале дека постои организиран план за масовно вградување чипови во луѓето. Такви докази не се понудени. Наместо тоа, ваквите наративи најчесто се темелат на неосновани претпоставки, погрешни толкувања и поврзување на меѓусебно неповрзани процеси.
Дигитализацијата на јавните услуги сама по себе не значи воведување каков било чип во човечкото тело. Дигиталните документи претставуваат електронска форма на идентификација или пристап до одредена услуга, а нивното постоење не подразбира физичка промена или имплантација кај граѓаните. Исто така, дигиталниот идентитет е концепт поврзан со електронско потврдување на идентитетот, а не со биолошки или физички импланти.
Слично е и со дигиталниот паричник. Дигиталниот паричник е софтверска алатка што овозможува складирање и користење дигитални податоци, платежни средства, картички или документи преку електронски уред. Тој функционира преку мобилен телефон, компјутер или друг уред и не бара никакво вградување технологија во човечкото тело. Поврзувањето на дигиталните паричници со наводна агенда за „чипување“ е неоправдано.
Во овие наративи често се користи и реалното постоење на нови технологии како доказ за нешто сосема друго. Фактот дека денес постојат бесконтактни плаќања, биометриска идентификација, дигитални лични документи или различни видови електронски идентификатори не значи дека сите овие технологии се дел од една тајна програма таканаречена „агенда“. Станува збор за различни технологии со различна намена, правна рамка и начин на функционирање.
Дополнителен проблем е што тврдењето за „чипување на преживеаните“ не прецизира кој ја спроведува наводната агенда, врз основа на кој закон или документ, во кој временски период и на кој начин би се реализирала. Отсуството на конкретни и проверливи докази не може да се надомести со поврзување на случајни настани или со интерпретации на изјави и документи кои зборуваат за дигитализација.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар