Не постои трејдерка Мирјана Ивановска која ќе ви помогне лесно да заработите пари

Видеото, споделено во објавата е направено со помош на вештачка интелигенција, а ликовите во него, со обратно пребарување на фотографии на Гугл, не можат да се најдат никаде. Вистиномер побара информации и за „трејдерката“ Мирјана Ивановска, она што го најдовме е дека станува збор за лажен профил

Видеото, споделено во објавата е направено со помош на вештачка интелигенција, а ликовите во него, со обратно пребарување на фотографии на Гугл, не можат да се најдат никаде. Вистиномер побара информации и за „трејдерката“ Мирјана Ивановска, она што го најдовме е дека станува збор за лажен профил. Имено, извесна Стефи Трајчевска на Фејсбук на 8 август алармирала дека овој профил на Телеграм лажно ги користи нејзините фотографии

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Мирјана ти помага да ги решиш проблемите. Приклучи се сега!

Објавата споделува видео во кое луѓе држат пари во рацете и ѝ се заблагодаруваат на извесна Мирјана Ивановска за тоа што со нејзина помош успеале да заработат илјадници денари за многу кратко време.

Видеото, според квалитетот личи дека е направено со помош на вештачка интелигенција, а ликовите во него, со обратно пребарување на фотографии на Гугл, не можат да се најдат никаде.

Поради нашите сомнежи за автентичноста, видеото го проверивме на две платформи за детекција на содржина креирана со вештачка интелигенција. Според веб-сајтот Deepfakedetection.io, неколку суптилни артефакти – вклучувајќи неприродни движења на очите, непостојано трепкање и мали отстапувања во синхронизацијата на усните – укажуваат на можна манипулација со вештачка интелигенција.

Движењата на очите на субјектот изгледаат малку неприродно и искинато, што потенцијално укажува на манипулација со вештачка интелигенција. Постојат недоследности во моделите на трепкање, при што некои трепкања изгледаат премногу брзи или премногу бавни во споредба со природното човечко однесување. Забележани се мали отстапувања помеѓу изговорените зборови и движењата на усните, што укажува на можна аудиовизуелна десинхронизација. Суптилни артефакти околу устата и очите при изразување емоции укажуваат на можен процес на генерирање „дипфејк“ (deepfake). Благите недоследности во осветлувањето на лицето сугерираат дека лицето можеби било наложено врз поинаква позадина или услови на осветлување. Текстурата на кожата изгледа неприродно мазна во одредени делови, што може да биде вообичаен артефакт кај содржините генерирани со вештачка интелигенција, стои во анализата на видеото на Deepfakedetection.io.

Дека видеото е генерирано со вештачка интелигенција, ни потврди и веб-сајтот HumanMeter.

Потоа објавата споделува и линк на кој „ќе си ги промените животот“, а тој линк води до профил на Телеграм на извесна Мирјана Ивановска – трејдерка.

Тргувам повеќе од 6 години Во текот на изминатите 3 години, тоа стана еден од моите главни извори на приход ✨ Мајка на мало ангелче @Mirjanai, стои во описот на профилот.

Профилот понатаму не нè однесе никаде, освен што бара од нас да ја спуштиме апликацијата Телеграм. Самото префрлање од една на друга социјална мрежа е само по себе сомнително и тоа особено Телеграм, со оглед на тоа што таа социјална мрежа не соработува со органите на прогонот, заради што нивниот газда беше притворен во Франција.

Вистиномер побара информации за оваа „трејдерка“ на Гугл, она што го најдовме е дека станува збор за лажен профил.

Имено, извесна Стефи Трајчевска на Фејсбук на 8 август алармирала дека овој профил на Телеграм лажно ги користи нејзините фотографии.

Почитувани пријатели,

Ве известувам дека на Telegram е направен лажен профил со мои слики. Сакам јавно да се оградaм од целата содржина, пораки и активности кои се објавуваат преку тој профил.

Јас не стојам зад тој профил и немам никаква поврзаност со него. Ве молам да не комуницирате со него и доколку го забележите, да го пријавите.

Ви благодарам на разбирањето и поддршката, стои во објавата на Трајчевска која го споделува лажниот телеграм профил на Мирјана Ивановска.

Од сето ова може да се заклучи дека очигледно станува збор за лажна и измамничка објава која има за цел да ги измами следбениците на социјалните мрежи.

Поради сето погоре, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција