Не постои уцена за влада, постои уцена за мандат
Иванов, кој рече дека неговиот став не бил сменет за недавање на мандатот на Зоран Заев, недоследно им кажува на партииите и пратениците што требало да им биде прво на дневен ред – европските реформи, заборавајќи дека токму такви европски реформи и спроведување на препораките од Прибе ветуваат и најавуваат партиите што имаат мнозинство во Собранието, но никако да го добијат мандатот
Изјава: …Императив за партиските лидери треба да биде спроведување на ургентните реформски приоритети. Прва точка на дневниот ред на партиите и пратениците треба да бидат европските реформи, а не спроведување на пост изборна платформа креирана во туѓи држави. Платформа со која се загрозува независноста на државата, се условува постигнување на парламентарно мнозинство, се уценува составот на нова влада. Се нарушуваат добрососедските односи со директно мешање во внатрешните работи во Македонија, се поттикнуваат тензии во меѓуетничките односи, се манипулираат граѓаните со прашања кои се надвор од рамковниот договор, се бара промена на Уставот. Затоа, на Република Македонија и се потребни европски реформи, а не туѓи платформи….
[Извор: Веб страна на Претседател на РМ, датум: 04.04.2017]
OБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ѓорге Иванов, по функција Претседател на РМ, по средбата во Скопје со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, даде изјава во која, меѓу другото, искажа невистина и недоследности.
Иванов, кој рече дека неговиот став не бил сменет за недавање на мандатот на Зоран Заев, недоследно им кажува на партииите и пратениците што требало да им биде прво на дневен ред – европските реформи, заборавајќи дека токму такви европски реформи и спроведување на препораките од Прибе ветуваат и најавуваат партиите што имаат мнозинство во Собранието, но никако да го добијат мандатот. Тие приоритети и реформи, а не некаква платформа беа дел од Програмата на идната влада што во јавноста веќе ја претстави лидерот на СДСМ, но и повторени и потврдени во сите настапи на функционерите на сите четири партии што имаат мнозинство во парламентот.
По оваа недоследност на Иванов, следува невистиниот дел од изјавата во повеќе елементи: Платформа со која се загрозува независноста на државата; Се уценува составот на новата влада; Се поттикнуваат тензии во меѓуетничките односи, Се манипулира со граѓаните со прашања кои се надвор од рамковниот договор, Се бара промена на Уставот.
Прво Иванов неточно го прекрстува документот од Декларација, во Платформа. Декларацијата е изразена политичка волја или намера, а Платформа е цврст програмски документ на една или повеќе политички партии.
Самите потписници на Декларацијата го употребуваат терминот политичка агенда: „взаемна поддршка на заедничка политичка агенда кој предвидува реализација на следните цели во идниот или во секој понатамошен владин мандат“
Декларацијата, не е вистина дека ја загрозува независноста на Македонија. Нема ниту еден аргумент за таквото тврдење на Иванов. Во ниту еден дел од Декларацијата не стои такво нешто. А доколку мислел дека е договaранa во Тирана, само ќе повториме дека е потпишана во Скопје, и е документ на политички парламентарни партии регистрирани и активни во Република Македонија.
Со Декларацијата не се уценува никаков состав на новата влада. За составот на новата влада допрва треба да се разговара ако Иванов се одоброволи да го даде мандатот. Така што, не постои ниту еден аргумент, барем не јавно познат, дека станува збор за нешто што би личело на уцена за состав на новата влада.
Со Декларацијата не се поттикнуваат тензии во меѓуетничките односи, ама со злоупотреба на тој документ и со искажување невистини околу него, да. Тензии не можат да се подигнат во демократско општество ако група парламентарни политички парти искажуваат волја нешто да постигнат преку заедничка политичка агенда, при што во самата Декларација не постои елемент на ускратување на право на некоја друга етничка заедница во Македонија. Но, тензии секако дека ќе се постигнат (и се постигнуваат), со пропагандата што се спроведува на разни начини во јавноста околу оваа Декларација, а е поттикната со изјави и говори на пратеници и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, пред сè, на лидерот Никола Груевски. Тој неколку пати во последните недели изјавуваше дека Македонија била нападната и само народот е тој што ќе може да ја одбрани.
Со Декларација не се манипулира со граѓаните со прашања кои се надвор од Рамковниот договор. Се мисли на Договорот од Охрид од 2001 година, преточен во Уставни амандамни. Станува збор токму за делови од Охридскиот договор, но не директно, туку за примена на Законот за употреба на јазиците. Се бара измена на тој закон и поширока употреба на албанскиот јазик, согласно аманданот V на Уставот на РМ.
И конечно, не се бара промeна на Уставот. Се бара дискусија за прашања – грб, знаме, химна, за кои, ако се воспостави некаков дијалог меѓу партии кои имаат минимум 81 пратеник, односно барем двотретинско мнозинство, па потоа ако настане нивно усогласување, дури тогаш би се овозможило таквото двотретинско мнозинство во Парламентот, како единствено место каде што може да се менува Уставот, навистина и да го промени. Што е речиси невозможно во оваа пратеничка констелација во која ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеник. Ако, пак, Иванов мисли на прашањето за името, од партијата што го чека мандатот за да состави коалициона влада стопати повторија дека за такво прашање конечниот одговор ќе го имаат граѓаните кои би се изјасниле на референдум за евентуален предлог.
Поради погоре изложените аргументи, сметаме дека дел од изјавата на Иванов, во кој кажува зошто сè уште не го дава мандатот, е невистина. Покрај невистинитите делови, постои и недоследност и замена на тези, која е најочигледна во делот што се однесува на уцена за состав на влада. Не, не постои уцена за влада поврзана со Декларацијата. Но, постои, така да речеме, уцена од страна на Претседателот на РМ, кој не го дава мандатот со аргументи кои за голем дел од уставните експерти се неодржливи.
ИЗВОРИ:
- (03.04. 2017) Претседател на РМ – Средба со Претседателот на Европскиот Совет, г. Доналд Туск – [Пристапено на 04.04.2017]
- (07.01.2017) Порталб – Deklarata e përbashkët e partive shqiptare të Maqedonisë, ja çfarë shkruan (DOKUMENTI) – [Пристапено на 04.04.2017]
- (08.01.2017) Е Магазин – Сите детали: Објавена заедничката платформа на албанските партии за преговорите за нова влада – [Пристапено на 04.04.2017]
- (10.03.2017) СДСМ/веб страна – Прес на Заев со Програмата на Владата за период 2017 – 2020 – [Пристапено на 04.04.2017]
- (13.03.2017) Вистиномер – Иванов против сите: Пречките за мандатот се уште постојат-[Пристапено на 04.04.2017]
- (20.03.2017) Вистиномер – Груевски во стилот: Државата е нападната ама не ви кажувам од кого – [Пристапено на 04.04.2017]
Оценил: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар