Не постојат докази дека „сатанистичка Европа“ се подготвува за војна против православието
Објавата користи реални информации за зголеменото вложување во европската одбрана, но врз нив гради непоткрепени заклучоци дека Европа е „сатанистичка“, дека се подготвува за војна против православието и дека има цел да го востоличи антихристот како владетел со светот.
Објавата користи реални информации за зголеменото вложување во европската одбрана, но врз нив гради непоткрепени заклучоци дека Европа е „сатанистичка“, дека се подготвува за војна против православието и дека има цел да го востоличи антихристот како владетел со светот. За ваквите тврдења не се приложени докази
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Сатанистичка Европа го враќа служењето на воен рок во повеќе држави,меѓу кои: Германија,Франција,Ирска,Италија,
Холандија,Шпанија,Хеватска,Србија,
Данска,Шведска…..
Сатанистичка Европа се спрема за војна со Православна Русија,инаку третата светска војна е веќе започната 24.02. 2022….Украина е само увод во неа.
Целта е уништување на Православието и зацарување на антихристот.
Тврдењата дека „сатанистичка Европа“ повторно го воведува задолжителниот воен рок во повеќе држави со цел да се подготви за војна против Русија, дека Третата светска војна започнала на 24 февруари 2022 година и дека крајната цел е „уништување на православието и зацарување на антихристот“, не се поткрепени со докази и претставуваат комбинација од делумно точни информации, шпекулации и религиозно-идеолошки интерпретации.
По руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, голем број европски држави навистина започнаа да ги зголемуваат буџетите за одбрана, бројот на војници и резервисти, како и да ги преиспитуваат моделите за воена служба. Причината што официјално ја наведуваат владите е влошената безбедносна состојба во Европа и проценката дека е потребно зајакнување на одбранбените капацитети. Ова го нотира и анализата на Европскиот парламент за подготвеноста на земјите-членки и различните модели на воена служба.
Сепак, не е точно дека сите земји наведени во објавата „го враќаат воениот рок“. Анализата на Европскиот парламент покажува дека во ЕУ постојат различни модели – дел од државите имаат активна задолжителна воена служба, дел ја укинале, а други само разгледуваат или дебатираат за нејзино повторно воведување. На пример:
-
- Шведска повторно воведе селективна задолжителна воена служба во 2017 година, откако претходно ја суспендираше во 2010 година. Мерката се однесува на ограничен број регрути, а не на целата генерација.
- Данска има задолжителна воена служба со децении. Во мирнодопски услови, најголем дел од потребите се пополнуваат со доброволци, а доколку нема доволно, се применува систем на регрутација (conscription). Во последните години земјата ги проширува правилата, вклучително и за жените.
- Хрватска повторно воведе задолжителна основна воена обука по долг период на суспензија.
- Германија не го врати класичниот задолжителен воен рок, туку се потпира на доброволно регрутирање и проширување на резервниот состав, додека можноста за поширока задолжителна служба останува предмет на политичка дебата.
- Франција нема повторно воведено класичен задолжителен воен рок.
- Ирска, Италија, Холандија и Шпанија исто така немаат повторно воведено задолжителна воена служба како што се тврди во објавата. Преглед на состојбата во европските држави објави и Euronews.
Европските држави навистина ги зајакнуваат своите армии поради безбедносните последици од војната во Украина. Но, нема официјален документ, стратегија или изјава од Европската Унија или НАТО во која се наведува дека целта е напад врз Русија или „војна против православието“.
Во официјалните документи и изјави како причина се наведуваат одвраќање, зајакнување на одбраната и зголемување на подготвеноста поради променетата безбедносна средина по руската инвазија врз Украина.
Во објавата се наведува дека целта е „уништување на Православието и зацарување на антихристот“.
За ова не се нуди ниту еден доказ. Станува збор за религиозно верување и теолошка интерпретација која не може да се потврди со проверливи факти. Не постојат официјални политики на Европската Унија, НАТО или европските влади насочени кон уништување на православната вера.
Почетокот на целосната руска инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година е неспорен историски факт. Меѓутоа, тврдењето дека со тоа започнала Третата светска војна не е факт, туку политичка или лична проценка. Ниту Обединетите нации, ниту меѓународното право, ниту историската наука официјално не го дефинираат конфликтот како светска војна.
Објавата користи реални информации за зголеменото вложување во европската одбрана, но врз нив гради непоткрепени заклучоци дека Европа е „сатанистичка“, дека се подготвува за војна против православието и дека има цел да го „востоличи антихристот“ како владетел со светот. За ваквите тврдења не се приложени докази.
Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистина која содржи елементи на теорија на заговор.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар