Не постојат докази дека за 599 денари ќе добиете iPhone уреди преку онлајн продажба

Фејсбук-реклама за „тајни кутии“ со наводни iPhone уреди, AirPods и брендирани производи користи сензационалистички тврдења и украдени рецензии со цел да привлече купувачи.

Реклама на Фејсбук за „тајни кутии“ со наводни iPhone уреди, AirPods и брендирани производи користи сензационалистички тврдења и украдени рецензии со цел да привлече купувачи. Не постојат докази дека за 599 денари може да се добијат скапи брендирани производи преку купување на „мистериозни кутии“ од ваков тип

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која промовира продажба на таканаречени „мистериозни кутии“ и вели:

Таа ја отвори кутијата… и почна да плаче од среќа!
Вчера едно девојче од Скопје отвори обична кутија за 599 денари…
а внатре беше вистински iPhone 16!
Сега е твој ред.
Новата тура пристигна и во некои кутии има вистински бомби:
iPhone, AirPods, смарт часовници, парфеми, брендирана облека…
599 денари
Плаќање при достава
Брза испорака низ цела Македонија
Залихата се топи многу брзо.
👉 Кликни сега и откриј што се крие во твојата кутија

Објавата тврди дека заинтересираните коишто ќе кликнат на линкот може да се добијат скапи производи како iPhone 16, AirPods (бежични слушалки), паметни часовници, скапи парфеми и козметика, дури и брендирана облека. Во објавата се наведува дека „едно девојче од Скопје“ наводно добило „вистински iPhone 16“ во таква кутија, со што кај читателот остава впечаток на реална и проверена понуда.

Сепак, ваквите тврдења не се поткрепени со вистински докази. Рекламата се темели на емоционални и сензационалистички пораки, како „ја отвори кутијата и почна да плаче од среќа“, или дека „вредноста во кутијата e значително поголема од цената што ја плаќате“, а „залихите се ограничени и сериите се распродаваат за кратко време“, што е типичен маркетинг модел кај сомнителни онлајн понуди чија цел е да поттикнат повеќе продадени производи без претходна проверка. Ако кликнете на линкот за нарачка, ќе треба да ги оставите вашите лични податоци коишто можат да бидат злоупотребени.

Објавата носи до линк на веб-страница каде се објавени неколку рецензии, дел без фотографии само со текст, при што се користат лични податоци на луѓе, а дел со фотографии кои не можат да се поврзат со реални купувачи. Дел од тие фотографии се совпаѓаат со фотографии кои се преземени од профили на други лица на социјалните мрежи, вклучително и фотографија на лице кое се идентификува како мис Италија, што јасно укажува на неовластено користење на туѓи фотографии за промотивни цели.

Во рекламата и на веб-страницата се наведува компанија под името „Cargo Line“, која на различни места е претставена со меѓусебно неповрзани дејности. Според информациите достапни на страницата, фирмата истовремено се претставува како фризерски салон и како компанија поврзана со фармацевтски активности, што создава сериозни недоследности околу нејзиниот вистински идентитет и деловна дејност.

Дополнително, проверката на наведените податоци и адреса во Италија не потврдува постоење на компанија „Cargo Line“ што работи на начин претставен во рекламата или која е поврзана со продажба на iPhone уреди и таканаречени „мистериозни кутии“. Достапните деловни податоци за компании со слично име во Италија упатуваат главно на транспортни и логистички дејности, а не на продажба на електронски производи или ваков тип промотивни понуди.

Ваквиот тип на понуди како продажба на „мистериозни кутии“ кои содржат скапи уреди по многу ниска цена, не е поврзан со официјални дистрибутивни канали на производителите или регуларни трговци со елекротника. Обично, ваквите понуди не содржат проверливи информации за потеклото на производите или условите за нивно враќање, како и реалната гаранција на истите.

Самата содржина на рекламата е насочена кон создавање на итност со пораките „залихата се топи“, „попустот истекува за неколкуминути и цената се удвојува“, „остануваат само 6 пакети“, или „кликни сега“, што кај читателот предизвикува емоционален притисок, што е чест образец кај измамнички онлајн шеми.

Заклучокот е дека не постојат докази дека за 599 денари може да се добијат скапи брендирани производи преку купување на „мистериозни кутии“ од ваков тип. Сите информации укажуваат дека станува збор за маркетинг-содржина со елементи карактеристични за потенцијални онлајн измами и лажни наградни игри – за што „Вистиномер“ пишувал честопати – вклучително и користење на украдени фотографии и непроверливи сведоштва.

Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција