Не постојат глобал сатанисти, ниту пак некаков план за „златната милијарда“
Во објавата се спомнува „златната милијарда“, стара теорија на заговор, според која светската елита сака да ги приграби ресурсите и богатството само за себе, а останатите жители на планетата да бидат препуштени на сиромаштија и глад. Оваа заговорничка теорија е често застапувана во говорите на рускиот претседател Владимир Путин, но и од други високи функционери на Кремљ, како линија за напад на Западот додека се одвива војната во Украина
Во објавата се спомнува „златната милијарда“, стара теорија на заговор, според која светската елита сака да ги приграби ресурсите и богатството само за себе, а останатите жители на планетата да бидат препуштени на сиромаштија и глад. Оваа заговорничка теорија е често застапувана во говорите на рускиот претседател Владимир Путин, но и од други високи функционери на Кремљ, како линија за напад на Западот додека се одвива војната во Украина
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
А шо ке бидит со другите 7, 2 милијарди луѓе… ?
“Златната милијарда” е бројот на луѓе кои се потребни за опстанокот на земјата според агендата на глобал сатанистите.
Теоријата на заговор за некакви си сатанисти, на некоја длабока држава и за некаков план за депопулација е добро позната теорија за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата е производ на движењето Кју Анон. Според оваа теорија, една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и ќе бидат срушени само кога Доналд Трамп ќе се врати на претседателското место.
Според описот на Белингкет (bellingcat.com) Кју анон е теорија на заговор којашто лажно тврди дека ексамериканскиот претседател Доналд Трамп долго работи на тоа да ги победи „сатанистите, педофилите, длабоката држава и кабалата“ (често употребувани зборови во наративите на промоторите). И покрај тоа што Трамп во моментов не е претседател и предвидувањата на Кју анон не се остваруваат, конспирацијата продолжува да влече нови следбеници. Освен во САД, проширена е во многу држави и од неа се создадени други опасни наративи, како на пример, оние што ги шират антиваксерите. Следбениците на Кју остануваат активни и во теориите на заговор кои се однесуваат на Украина, пишува Белингкет.
Што се однесува до споменувањето на „златната милијарда“, станува збор за стара теорија на заговор, според која светската елита сака да ги приграби ресурсите и богатството само за себе, а останатите жители на планетата да бидат препуштени на сиромаштија и глад.
Оваа заговорничка теорија е често застапувана во говорите на рускиот претседател Владимир Путин,но и од други високи функционери на Кремљ, како линија за напад на Западот додека се одвива војната во Украина. Во тој контекст Путин, во јули 2022 година, во говорот во Москва кажа:
Моделот на целосна доминација на таканаречената златна милијарда е неправеден.
Веднаш потоа тој запраша:
Зошто оваа златна милијарда од целото население на земјината топка да доминира над сите и да наметнува свои правила на однесување?
Во контекст на теоријата на заговор за депопулација и сатанистите, вреди да се спомне дека теоретичарите на заговор често ги ставаа Агенда 21 и Агенда 2030 на Обединетите нации. Вистиномер и на оваа тема има пишувано во повеќе наврати.
Агенда 21, патем, беше една од неколкуте точки на дневниот ред на Конференцијата на Обединетите Нации за животна средина и развој во 1992 година во Рио де Женеиро. Агендата вклучуваше 31 точка. Сите точки се однесуват на глобалните социјални и економски димензии, зачувување и управување со ресурсите, зајакнување на улогата на жените, децата и работниците, како и предложените методи за имплементација. Агенда 21 има за цел нациите да преземат холистички пристап на социјалните, економските и промените во животната средина и во неа се предложени можни решенија за светските проблеми со фокус на точно определени групи. Но, не е првпат за овој документ да се шпекулира и да се кројат теории на заговор.
Како што пишуваа во 2020 година и проверувачите на факти на Асошиејтед прес., од почетокот целите на Агенда 21 се мета на теории на заговор, како онаа за депопулација. Иако, во Агенда 21 воопшто не се спомнува дека целта е населението да се намали на конкретна бројка.
Слично пишуваа и проверувачите на факти на Фулфакт, Агенда 21 не е глобален план за депопулација на човештвото. Агенда 21 е документ на 351 страница под капата на ООН во кој се прецизирани цели за одржлив развој.
Документот споменува дека има растечка популација во некои места на земјата, но Фулфакт не можеше во него да најде референца за намалувањето на светската популација. Агенда 21 беше злоупотребувана и за дезинформациите што се објавуваа за време на ковид пандемијата, односно за лажно тврдење, дека со овој документ се промовирала задолжителна вакцинација, што, исто така, не е точно.
Што се однесува, пак, за документот Агенда 30, тој претставува план за одржлив развој на кој се имаат согласено земјите членки на Обединетите нации во 2015 година, и вклучува во себе 17 глобални цели кои покриваат работи, како намалување на нееднаквоста и спречување на глад во светот.
Целите на Агенда 2030 се да заврши сиромаштијата во сите форми секаде, заедно со искоренување на гладта, да се обезбеди сигурност дека ќе има храна и подобра исхрана и да се промовира одржлива агрикултура, да се овозможи здрав живот и добросостојба кај сите возрасни групи, да се осигури инклузивно и квалитетно образование и можности за доживотно учење за сите, да се постигне еднаквост меѓу половите, да се охрабрат и зајакнат жените и девојчињата, да се обезбеди добар менаџмент на водата, да се осигури достапност на евтин, сигурен и модерен систем за енергија, да се промовира економски раст, достоинствена работа за сите, да се изгради отпорна инфраструктура, да се намали нееднаквоста меѓу земјите, да се направат градовите инклузивни, безбедни и одржливи, да се преземат итни дејства за борба против климатските промени и нивните ефекти, да се зачуваат океаните, морињата и марински ресурси за одржлив развој, да се заштитат терестријалните екосистеми, да се менаџираат шумите, да се промовираат мирни и инклузивни општества, да се овозможи правда за сите, да се изградат инклузивни институции на сите нивоа.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постојат никакви глобал сатанисти кои планираат намалување на популацијата на планетата до една милијарда, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме. Објавата промовира добро познати и веќе дебанкирани теории на заговор за кои Вистиномер има пишувано во повеќе наврати. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар