Не постојат глобалисти кои пишуваат нова библија и создаваат една светска религија
Не е првпат на социјалните мрежи да се шират дезинформации и теории на заговор дека папата Франциск одобрил да се пишува некаква нова библија и дека „светските елити“ сакаат да создадат нов светски поредок со една религија. Во објавата и неточно се тврди дека портпаролот на СЕФ, Јувал Ноа Харари, рекол дека Библијата е „опасна“ и дека треба да се создаде „обединета религија“. Харари не е портпарол на СЕФ, ниту е вработен таму, и тој никаде не рекол дека планира да создаде слични религии или нова Библија за да им служи на интересите на СЕФ
Не е првпат на социјалните мрежи да се шират дезинформации и теории на заговор дека папата Франциск одобрил да се пишува некаква нова библија и дека „светските елити“ сакаат да создадат нов светски поредок со една религија. Во објавата и неточно се тврди дека „портпаролот на СЕФ, Јувал Ноа Харари“, рекол оти Библијата е „опасна“ и дека треба да се создаде „обединета религија“. Харари не е портпарол на СЕФ, ниту е вработен таму и тој никаде не рекол дека планира да создаде слични религии или нова Библија за да им служи на интересите на СЕФ
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Глобалистите пишуваат нова Библија и создаваат една светска религија
Светскиот економски форум и Бил Гејтс работат заедно на препишување на Светата Библија и објавување на нова верзија која ќе воведе нова универзална религија заснована на трансхуманизмот.
Новиот план го доби благословот на папата Франциско и има за цел да ги реконструира основните учења на христијанството со нова верзија на вештачка интелигенција која ќе ги принуди масите да го прифатат како свој нов Бог.
Портпаролот на S EF, Јувал Ноа Харари, рече дека Библијата е „опасна“ и дека треба да се создаде „обединета религија“.
Харари верува дека Библијата не се вклопува во глобалистичката визија на S.E.F , па затоа мора да се создаде нова верзија која ќе ја трансформира духовноста.
Глобалната елита знае дека учењата на Исус Христос директно се контрадикторни со нивната мрачна духовност, а нивните планови можат да успеат само во свет без овие учења.
Веќе гледаме како тие земаат биометрија за да го спроведат „ЗНАKОТ НА ЅВЕРОТ“ проречен во Библијата.
Не е првпат на социјалните мрежи да се шират дезинформации и теории на заговор дека папата Франциск одобрил да се пишува некаква нова библија и дека „светските елити“ сакаат да создадат нов светски поредок со една религија.
Вистиномер веќе еднаш пишуваше дека сатирична вест оти папата најавил нова библија, беше пренесена како да е вистинска.
Теоријата на заговор за нов светски поредок во кој ќе има една влада, една религија и една војска, не е непозната и Вистиномер има пишувано и за неа.
Во 2022 година на социјалните мрежи кружеше дезинформација дека се заговара „крисламот“ да биде официјална светска религија. Оваа теорија на заговор, според која папата Франциск потпишал наводна декларација за една единствена светска религија – „крислам“, се ширеше и во 2019 година и истата беше дебанкирана.
Тврдењето за создавањето на „една светска религија“ позната како „крислам“ потекнува од познатите теории на заговор, како што е теоријата на заговор за Новиот светски поредок. Според овие теории на заговор, повеќето политички и економски случувања во изминатите неколку децении се дел од координираните напори на различни глобални меѓувладини организации за ревизија на меѓународниот политички и економски систем. Во некои толкувања на оваа конспиративна рамка, суштински елемент е создавањето заедничка глобална религија, која последователно ќе го оправда создавањето на тоталитарна глобална влада.
Во контекст на оваа теорија на заговор се ширеа дезинформации дека е претставена извесна „агенда на Обединетите нации од 2021 до 2030 година“, упатувајќи на Агенда 21 и Агенда 30 на Обединетите нации за кои Вистиномер веќе пишуваше.
Што се однесува до тврдењето содржано во објавата дека „портпаролот на S EF, Јувал Ноа Харари, рече дека Библијата е „опасна“ и дека треба да се создаде „обединета религија“, тоа не е точно.
Оваа информација ја дебанкирале Ју-ес-еј тудеј и Митдетектор .
Како што пишува Ју-ес-еј тудеј погрешно биле интерпретирани коментари дадени од авторот Јувал Ноа Харари, кој во едно интервју ја споменал можноста вештачката интелигенција да се користи за создавање религиозни текстови. Харари не е портпарол или вработен во СЕФ, како што тоа го тврди објавата. Меѓународната организација не ја одобрила употребата на вештачка интелигенција за пишување нова Библија.
Светскиот економски форум никогаш не повикал вештачката интелигенција да ја преработи Библијата. Ова се лажни тврдења за дискредитација на важната работа што Светскиот економски форум ја прави работејќи на сериозните глобални предизвици, изјавил Јан Зопф, портпарол на СЕФ, пренесува Ју-ес-еј тудеј.
Тврдењето дека „портпаролот на СЕФ рекол дека Библијата е „опасна“ и дека треба да се создаде „обединета религија“, првенствено произлегува од видео од Јутјуб каналот на Харари. Видеото го прикажува снимањето на првата епизода од шоуто „Не е толку едноставно“ на 19 мај 2023 година, во кое Харари и новинарот Педро Пинто зборуваат за иднината на вештачката интелигенција. Во интервјуто, Харари зборува за можноста вештачката интелигенција да се користи за пишување верски текстови. Сепак, тој не се залага тоа да се случи. Тој всушност предупредува во еден момент за моќта на вештачката интелигенција да ја „поткопа човековата цивилизација“, пренесува Ју-ес-еј тудеј .
Според Харари, вештачката интелигенција е во рана фаза на развој; сепак, таа се развива доста брзо и нејзиното појавување е поинакво од која било друга технологија досега создадена, бидејќи ниту една претходна технологија во историјата не била способна да донесува одлуки или да генерира нови идеи. Овде писателот ја спомнува машината за пишување на Гутенберг, за која вели дека може да произведе безброј копии од Библијата, но не можеше да произведе ниту една нова страница, додека вештачката интелигенција може да произведе цела нова Библија.
Низ историјата, религиите сонувале да имаат книга напишана од натчовечка интелигенција, од нечовечки ентитет. Секоја религија тврди – тоа е нашата книга. Ох, книгите на другите религии, тие – луѓето ги напишале, но нашата книга не, не, не, таа доаѓа од некоја натчовечка интелигенција за неколку години, можеби ќе има религии што се всушност точни. Тоа – само размислете за религија чија света книга е напишана од вештачка интелигенција, вели тој во интервјуто, пренесува Ју-ес-еј тудеј.
Харари никаде во интервјуто не спомнува дека планира да создаде слични религии или нова Библија за да им служи на интересите на СЕФ. Писателот поминува голем дел од разговорот опишувајќи ги опасностите од брзиот развој на вештачката интелигенција. Според него, на човештвото му треба време да се прилагоди на новата технологија и одговорност на владите е да го регулираат спроведувањето на вештачката интелигенција во општеството.
Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар