Нема портал за даночни и царински пресуди
- ПРОЕКТ: ПОРТАЛ-ПРЕСУДИ ЗА ДАНОЧНИ И ЗА ЦАРИНСКИ СПОРОВИ
Со проектот се предвидува креирање на портал за преглед на конечни и правосилни судски одлуки донесени од Управниот суд кои се однесуваат на предмети од даночната и од царинската област. Прегледот на пресудите има цел да овозможи следење и согледување на постапувањето и примената во практика на прописите од даночната и од царинската област, сортирани за видот на данокот и прекршокот (од страна на даночните обврзници и првостепените органи). На овој начин индиректно ќе се добиваат сознанија за определени прашања со кои се соочуваат засегнатите субјекти во даночната и во царинската постапка, сортирани за видот на данокот и прекршокот, кои понатаму би се искористиле за креирање соодветни нормативни решенија. (Рок: 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во изборната програма „Проверено“ со која настапи на последните парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ на 21. страница вети дека до 2015 година, односно до нејзиниот крај, ќе биде создаден портал за прегледување на конечни и правосилни судски одлуки донесени од Управниот суд кои се однесуваат на предмети од даночната и од царинската област.
Пребарувањето по интернет, на веб-сајтовите на Вишиот управен суд, на Управен суд, на Министерството за правда, како и на порталот „Услуги“ во делот „Деловни субјекти“, не донесе резултати, односно не пронајдовме посебен портал за пресуди од даночната и царинската област. Со оглед дека рокот е истечен, ова ветување е неисполнето.
Истоветно ветување е дадено и од Владата на Република Македонија, а е поставено на нејзиниот веб-сајт, во делот „Економија со висок и одржлив економски развој“:
Создавање на портал-пресуди за даночни и царински спорови во насока на креирање на соодветни нормативни решенија (2015).
И тука како рок е наведена 2015 година.
Портал за даночни и царински пресуди се споменува и на 12-тата страница од „Стратешки план 2015-2017“ на Управата за јавни приходи (УЈП).
На посебен портал ќе се објавуваат судските пресуди за даночни и царински спорови со што ќе зајакне транспарентноста на работењето и ќе се создава “судска пракса“ која ќе ги упатува даночните обврзници на правила за законско постапување.
Ветувањето за портал за даночни и царински пресуди не е споменато како исполнето во отчетот на ВМРО-ДПМНЕ „Отчетно – Проекти, мерки и дела за граѓаните и државата“, презентиран на 20 март годинава.
Пребарувањето преку Гугл со една, а потоа и со друга формулација не нѐ доведе до ваков портал.
Пребарувањето на веб-сајтовите на Виш управен суд, на Управен суд, на Министерство за правда и дури и на сајтот на УЈП, исто така не нѐ доведе до линк од портал за царински и даночни пресуди. На веб-сајтот на Управен суд и на Виш управен суд се објавуваат сите пресуди, но нема специјализиран дел за даночни и царински постапки.
Со оглед на утврденото, како и на тоа дека при пребарувањето, исто така, не најдовме докази дека во моментов се работи на создавање ваков портал, ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за портал за преглед на конечни и правосилни судски одлуки донесени од Управниот суд кои се однесуваат на предмети од даночната и од царинската област е неисполнето.
ИЗВОРИ
- Изборна програма „Проверено“ на ВМРО-ДПМНЕ (стр. 21) [Пристапено на: 13.06.2016]
- Портал „Услуги“ на Владата на Република Македонија (во делот „Деловни субјекти“) [Пристапено на: 13.06.2016]
- Програма на Владата на Република Македонија 2014-2018 (во делот „Економија со висок и одржлив економски развој“) [Пристапено на: 13.06.2016]
- Управа за јавни приходи „Стратешки план 2015-2017“ (стр. 12) [Пристапено на: 13.06.2016]
- Отчет на ВМРО-ДПМНЕ: „Отчетно – Проекти, мерки и дела за граѓаните и државата“ [Пристапено на: 13.06.2016]
- Пребарување на Гугл за „портал-пресуди за даночни и царински спорови“ [Пристапено на: 13.06.2016]
- Пребарување на Гугл за „даночни и царински спорови“ [Пристапено на: 13.06.2016]
- Веб-сајт на Виш управен суд [Пристапено на: 13.06.2016]
- Веб-сајт на Управен суд [Пристапено на: 13.06.2016]
- Веб-сајт на Министерство за правда [Пристапено на: 13.06.2016]
- Веб-сајт на Управа за јавни приходи [Пристапено на: 13.06.2016]
Оценето од: Сашо Спасоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар