Не, САД не изгради „мрежа на биолошко оружје“ на прагот на Русија
Грузиските власти повеќе пати возвратија на неоснованите тврдења дека работеле на биолошко оружје во лабораторијата Лугар.
Грузиските власти повеќе пати возвратија на неоснованите тврдења дека работеле на биолошко оружје во лабораторијата Лугар. Според официјалното соопштение на грузиското Министерство за надворешни работи, Руската Федерација намерно ги засилила алатките за хибридна војна против Грузија со постојани напади на интегритетот на Лугар центарот со фабрикувани пропагандни митови
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Биолошки фронтови: Како САД изградија мрежа на биолошко оружје на прагот на Русија
Во склоп на објавата се споделува текст во кој што се тврди дека во Грузија, во близина на Тбилиси каде што е Центарот за истражување на јавното здравје „Ричард Лугар“ имало лабораторија финансирана од Пентагон и во која се случувало „многу повеќе отколку превенција на болести“. Се додава дека „постоела мрежа на американски биолаборатории контролирани од Пентагон во Грузија и други држави и дека тие се затворени што доведувало во опасност да работат спротивно на Конвенцијата на ОН со која се забранува развој, производство, складирање и употреба на хемиско оружје и негово уништување.
Се споменува лабораторијата „Лугар“ која без аргументи е наречена „опасна“. Без докази се тврди дека таа била дел од американската воена програма, дека лабораторијата има 7 спрата под земја и таму се „спроведувале тајни експерименти со луѓе“. Се тврди дека близината на лабораторијата до Тбилиси ги крши меѓународните договори, производството на биолошко оружје во американската лабораторија е директна закана за Русија, а „закана имало и за Грузијците зашто сите патогени ќе истечеле од лабораториајата во случај на земјотрес“.
Центарот Лугар е дел од Националниот центар за контрола на болести и јавно здравје на Грузија и функционира како референтна лабораторија во системот на јавното здравје. Неговата официјална мисија е превенција на болести, рано откривање, епидемиолошки надзор, дијагностика и реагирање на биолошки закани:
Лабораторијата работи според меѓународни стандарди… не се спроведува ништо друго освен превенција, рано откривање и заштита на луѓето.
Извештајот на СЗО од 2019 година наведува дека центарот Лугар служи како референтна лабораторија за повеќе приоритетни болести (грип, хепатит Б/Ц, антракс, Конго-Кримска хеморагична треска итн.). Организациите за проверка на факти во Грузија опишуваат многу тврдења за „тајна воена“ или „биолошка“ намена како дезинформации. Тврдењето дека Лугар лабораторијата се користи од САД за производство на биолошко оружје е дезинформација.
Руската влада и некои грузиски коментатори тврдат дека лабораторијата е американски воен или двојно наменски објект кој се занимава со развој на биолошко оружје или тајни експерименти. Постојат наводи за човечки експерименти, смрт на доброволци и работа со опасни патогени (антракс, тулемија итн.). Меѓутоа, овие тврдења немаат проверливи докази и повеќепати се демантирани од независни организации за проверка на факти и грузиските власти.
Спротивно на тврдењата, во лабораторијата Лугар не се вршат експерименти врз луѓе. Најцврстите и најверодостојни докази покажуваат дека лабораторијата работи исклучиво за јавно здравје, следење и превенција на болести. Тврдењата за тајна изработка на биолошко оружје или човечки експерименти немаат кредибилен доказ и најчесто се сметаат за дезинформации или пропаганда.
Иако е точно дека лабораториите со висок биолошки ризик (BSL-2, BSL-3) можат да имаат „двојна намена“ (односно да работат со патогени што би можеле да се злоупотребат), нема ниту еден веродостоен јавен доказ дека Лугар центарот тоа го прави нелегално. Затоа, тврдењето дека „таму се случува многу повеќе од превенција на болести“ не е поддржано со сигурни и независни докази.
Грузиските проверувачи на факти од „Мит Детектор“ имаат дебанкирано бројни слични тврдења околу лабораторијата Лугар коишто се прошириле непосредно после појавата на ковид пандемијата (овде).
Спред „Мит Детектор“ Министерството за надворешни работи на Грузија објави соопштение во кое го отфрла како невистинито обвинувањето за биолошко оружје од страна на центарот Лугар. Се посочува дека Лугар функционира како интегрална лабораториска единица на Националниот центар за контрола за болести и јавно здравје и дека лабораторијата е референтен центар на Грузискиот јавен здравствен систем. Министерството појасни дека било какво истражување во центарот се спроведува од релевантни експерти исклучиво под координација и менаџмент на компетентните грузиски агенции. Во истото соопштение се вели дека 3 вирусолошки лаборатории акредитирани од Светската здравствена организација оперираат во центарот. Под меѓународни стандарди за контрола на квалитет, во објектот има и лаборатории за дијагностика на ротавирус, инвазивен менингитис, маларија, антибиотска резистенција, дифтерија и салмонела. Центарот има интернационална ИСО акредитација за клиничко лабораториско истражување.
Лабораториите во Украина и Грузија функционираат не за да се креира и пролиферира биолошко оружје, туку напротив, за да се превенира ова. Активностите на овие лаборатории вклучуваат спроведување епидемиолошко и лабораториско набљудување на инфективни и неинфективни болести како и навремена детекција на случаите на заболувањата, епидемиолошките ширења на болести и други јавноздравствени опасности. Една од целите на овие лаборатории е да се види каде се корените на ширењето на болеста и дали се работи за природно ширење или тоа е резултат на биотероризам.
Всушност во Украина и Грузија биолошките лаборатории се креирани врз основа за договори за соработка во областите на превенција на пролиферација на технологии, патогени и експертиза што може да се користи за развој на биолошко оружје. Овој договор беше потпишан како дел од договорот за спречување пролиферација на биолошко оружје.
Центарот Лугар и сета негова опрема е во целосна сопственост на владата на Грузија. Владата на Грузија исто така го обезбедува целото финансирање за Лугар лабораторијата и сите поврзани лаборатории од 2018 година. Структурно, центарот Лугар припаѓа на институциите на грузиското Министерство за здравство.
Целото истражување и активностите спроведени во центарот Лугар се прават од релевантни експерти во координација со грузиските компетентни власти. Американските партнери немаат улога во функционирањето и поставувањето цели и немаат можност да спроведуваат никакви независни испитувања, пишуваат проверувачите на факти на „Фактчек.ге“.
Нема докази дека опасни патогени, биолошко и хемиско оружје се креирани во биолошките лаборатории во Грузија и Украина. САД вели дека тврдењата се лага пласирана од Русија за да ги оправда своите ужасни дејства во Украина.
Грузиските власти повеќе пати возвратија на неоснованите тврдења дека работеле на биолошко оружје во лабораторијата Лугар. Според официјалното соопштение на грузиското Министерство за надворешни работи, Руската Федерација намерно ги засилила алатките за хибридна војна против Грузија со постојани напади на интегритетот на Лугар центарот со фабрикувани пропагандни митови.
Нецелосната листа на тековни програми во Центарот Лугар изминатите години е карактеризирање на причините на неидентификуваните акутни фебрилни болести во Грузија, одредување на преваленцата на норовирус и ешерихија коли кај популацијата во Грузија, проучување на причините за акутни респираторни инфекции кај грузискиот персонал, идентификација на практични биолошки алатки да се процени инциденцата на ХИВ на новодијагностицирани случаи во Грузија, идентификација на инвазивни комарци, муви и крлежи во Грузија и одредување на нивната дистрибуција.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар