Не се даваат вакцини кои предизвикуваат компликации и кои веднаш треба да се забранат

И по речиси две години борба со глобалната пандемија со ковид 19, интензитетот на ширењето на онлајн дезинформациите останува висок. Со бројни непроверени информации непрофесионалните медиумски производи шират страв, создаваат стрес и хаос во јавноста. Конкретен пример за таков производ е содржината што ја рецензираме.
Насловот „Според последната студија, веднаш треба да се престане со давање на оваа вакцина затоа што…” , е тенденциозен и сензационалистички и има за цел само да собере што поголем број на кликнувања и да предизвика страв и паника кај читателот. И покрај бомбастичниот наслов, содржината на материјалот што го рецензираме е многу сиромашна со информации и не кажува ништо конкретно од тоа што се навестува во насловот.
Содржината која е објавена во порталот „Ингазета”, информира дека германската компанија КјурВак, го повлекла барањето од Европската агенција за лекови за одобрување на нивна вакцина против ковид 19. Значи, на пазарот нема никаква вакцина за која е побарана забрана за употреба по аплицирање на истата кај населението. Авторот на овој медиумски производ едно вели во насловот и друго пишува во содржината.
Што е КјурВак и од каде потекнуваат овие информации?
КјурВак е германска био-фармацевтска компанија која развива терапии базирани на РНК. Компанијата е пионер во развојот на сосема нова класа на лекови чиј основен принцип е употребата на РНК како носител на информации, со чија помош самиот организам може да произведе свои активни супстанции за борба против разни болести.
Пред една недела компанијата објави дека го повлекла своето барање до Европската агенција за лекови за регулаторно одобрување на нивната прва вакцина против ковид 19. Компанијата објави дека испитувањата на вакцините во третата фаза биле разочарувачки, со една стапка на ефикасност од само 48 проценти. До оваа фаза тестирањата се вршеа врз животни, тестирањата кај луѓето требаше да започнат во следните месеци, известува Ројтерс.
„Во постојаната транзиција од акутни кон ендемични пандемии, нашата одлука ги одразува очекуваните промени во потребите на јавното здравје кои нашата втора генерација потенцијално би можела да ги реши“, рече извршниот директор на КјурВак, Франц-Вернер Хас.
КјурВак и британската фармацевтска компанија. ,,Глаксо Смит Клајн” ќе се обидат да развијат вакцина која истовремено може да делува на повеќе варијанти на коронавирусот. Нивната цел е да произведат заедничка вакцина против коронавирусот и против грипот.
Компанијата беше кандидат за одобрување на новата вакцина од страна на Европската агенција за лекови и имаше склучено договори со Европската Унија за продажба на новата вакцина во земјите членки на ЕУ. Договорот за набавка на нови дози вакцина во борбата против коронавирусот е откажан по повлекувањето на барањето на компанијата КјурВак за одобрување на нивната вакцина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција