Не се гледа „светлина“ за ветениот тунел под Кале

Фото: Принтскрин видео

Продолжувањето на булеварот „Свети Климент Охридски“, со мост над реката Вардар, тунел под скопското Кале и поврзување со булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица) , вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“, стр.19, е неисполнето.

Засега нема ништо од стартот на изградбата на овој капитален проект со кој требаше да се намали сообраќајнииот метеж во центарот на Скопје, да се зголеми мобилноста и протокот на возила, а истовремено се очекуваше тој да донесе позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава. Амбициозниот проект заглави во тендерските постапки, така што ветената изградба нема изгледи да се реализира до крајот на мандатот на градоначалникот Шилегов кој завршува за три-четири месеци (октомври 2021).

Ветување: Продолжување на бул. „Свети Климент Охридски“, со мост над реката Вардар и со тунел под Скопското кале и поврзување со булеварот „Никола Карев

[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“  стр.19 – датум: октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Продолжувањето на булеварот „Свети Климент Охридски“, со мост над реката Вардар, тунел под скопското Кале и поврзување со булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица) , вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма„Живот во Скопје за сите!“, стр.19, е неисполнето.

Засега нема ништо од стартот на изградбата на овој капитален проект со кој требаше да се намали сообраќајнииот метеж во центарот на Скопје, да се зголеми мобилноста и протокот на возила, а истовремено се очекуваше тој да донесе позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава. Амбициозниот проект заглави во тендерските постапки, така што ветената изградба нема изгледи да се реализира до крајот на мандатот на градоначалникот Шилегов кој завршува за три-четири месеци.

Фото: Принтскрин видео

ХРОНОЛОГИЈА НА НЕРЕАЛИЗИРАНАТА ИДЕЈА „ТУНЕЛИ ПОД КАЛЕ“

Пред речиси три години, на крајот на септември 2018 г.,  Шилегов на прес-конференција со видеопрезентација го најави почетокот на постапката за проектирање на капиталниот градежен зафат „Тунелите под Кале“.

Со подземни тунели под Кале и нов мост преку Вардар ги спојуваме двете страни на Скопје. Голем дел од планираните транзитни и градски магистрали во градот не се реализирани, што претставува сериозна тешкотија за нормално одвивање на сообраќајот,  рече тогаш Шилегов.

Со ова решение требаше да се растовари сообраќајот во западниот дел од градското подрачје. Оската југ-запад да стане пофункционална, а голем дел од возилата кои транзитираат кон северните делови на градот да се движат по новоизградената сообраќајница.

Според плановите на градските власти изведбата на овој комплексен проект би се одвивала во  три фази и тоа:

  • I фаза – булевар Свети Климент Охридски од пред раскрсницата со булеварот Илинден со изградба на мост и вијадукт до тунелот;
  • II фаза – тунелот како посебен;
  • III фаза – булевар Свети Климент Охридски и раскрсница со булевар Никола Карев.

Целта на Град Скопје со овој проект е да го поврзе булеварот „Свети Климент Охридски“ со пластичарската улица. На тогашната презенатција беше кажано и дека:

Булеварот ќе биде издигнат на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата на РМ сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар, кој ќе биде долг 173, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето.

Скопје првпат ќе добие тунел долг 250 метри, а широк 20 метри. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри над пластичарската улица.

На овој начин, според Шилегов, Град Скопје го оформува вториот сообраќаен прстен во метрополата.

Со проектот ставаме крај на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Го растоваруваме сообраќајот на Бит-пазар, „Цветан Димов“ и на мостот „Гоце Делчев“. До саканата дестинација ќе се стига најмалку од 5 до 20 минути побргу за разлика од сега. Тоа придонесува за заштеда на време и гориво, а намалениот обем на сообраќај значи и почист воздух во Скопје, говореше тогаш градоначалникот Шилегов.

Фото: Официјален ФБ профил на Град Скопје

Набрзо потоа (октомври 2018) беше распишан тендерот за изработка на основниот проект и на измените и дополнувањата на проектот за инфраструктура на идната скопска сообраќајница.

Но, овој тендер за избор на фирма која ќе ги проектира тунелите под Кале, пропадна.

На јавниот повик кој лани во октомври (2018) го распиша Град Скопје понуди доставиле три фирми, две странски и една домашна, но поради недостатоци од формален карактер постапката морала да се поништи, објави портлот Сакам да кажам“ на почетокот фрвриари 2019 година.

На крајот на мај 2019 година од кабинетот на градоначалникот Шилегов, за порталот „Сакам да кажам“ изјавиле дека во вториот обид на јавниот оглас за изработка на проект на сообраќајницата која треба да минува под тврдината Кале, понуди доставиле три фирми. За најповолна е избрана на турско-македонскиот конзорциум, однодно турската фирма „Мега инжинеринг“ и Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии.

На 12 јуни 2019 година градоначалникот  Шилегов, претседателот на одборот на директори на компанијата „Мега инженеринг консалтинг АД“, Ајкут Јилдирим, и претставникот на Групата на понудувачи – Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии Скопје АД, Борис Танески, го потпишаа договорот за изработка на проект за изградба на мост во центарот на градот, тунели под скопското Кале и кружен тек што ќе ги поврзува булевар Свети Климент Охридски со булеварите Никола Карев и Македонско-косовска бригада. 

Согласно со договорот, изработката на основниот и инфраструктурниот проект очекуваме да заврши до крајот на оваа година, со што се создаваат услови во текот на следната година, по завршувањето на постапка за избор на понудувач, да се почне и реализацијата на овој клучен сообраќаен проект. Со ова сообраќајно решение на граѓаните на Скопје ќе им биде овозможено од Водњанска до Чаир со автомобил да стигнат за помалку од 5 минути. Со постојната сообраќајна инфраструктура за оваа релација мораа да потрошат во најдобар случај помеѓу 15 и 20 минути движејќи се преку раскрсницата кај Мавровка и Бит-пазар, каде што според нашите податоци дневно поминуваат меѓу 70.000 и 80.000 возила, кажа тогаш Шилегов.

Што значи, според најавите, проектот требаше да биде готов до крајот на 2019 година, а во 2020 година да почне изградбата на овој инфраструктурен објект.

Ваквите планови не се остварија. Во септември минатата година Град Скопје го раскина договорот за проектирање на тунелите под Кале со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“, бидејќи не ги испочитувале роковите за изработка на проектот.

Во меѓувреме Шилегов  изјавува дека нема да се откаже од овој капитален проект за Скопје и верува дека до крајот на својот мандат ќе ја почне реализацијата на долго најавуваната идеја за тунел под Кале, сообраќајница која постои во генералните урбанистички планови речиси 60 години.

Сепак, тоа досега (01.07.2021) не се случи.

Во изминатиот период опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати  го критикуваше скопскиот градоначалник дека не ги исполнил крупните изборни ветувања, меѓу кои и проектот за „продолжување на бул. „Свети Климент Охридски“, со мост над реката Вардар и со тунел под Скопското кале и поврзување со булеварот „Никола Карев“. Деновиве портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, повторно реагираше дека:

Никаде го нема тунелот под Кале.

 

 ИЗВОРИ:

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција