Не се изградени ветените катни гаражи во Охрид

Катна Гаража, Фото Скриншот

Во нашиот четиригодишен мандат ќе изградиме најмалку две катни гаражи, за кои предвидуваме да се наоѓаат кај градскиот пазар и на бул. „Туристичка“. (Средства: 80.000.000,00 денари, извори на финансирање: Буџет на Општината и ЈПП, Рок: 2014 – 2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за изградба на катни гаражи во Охрид е најавен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (за локални избори 2013-2017 година во Охрид, дел „Урбанизам и животна средина“, стр.36), чиј кандидат и актуелен градоначалник е Никола Бакрачески. Ова ветување е неисполнето.

Eдно од најгорливите прашања во урбанистичкото уредување на Охрид е недостатокот од паркинг простор, особено во летно време кога расположливите паркинзи се претесни за двојно зголемениот број на возила. Изградбата на катни гаражи, кои би го решиле проблемот со узурпација на улици и тротоари, е проект кој се најавува во секоја предизборна кампања за локалните избори во Охрид.

Се наоѓаме на уште една од многуте локации на истрошени и неостварени ветувања. Сведоци сме дека во 21. век наместо да ги согледуваме придобивките од она што многу одамна требаше да биде изградено во сферата на урбанизмот во градот, денес се наоѓаме во ситуација да отпочнуваме проекти што многу одамна требаше да бидат изградени, изјави Бакрачески…Ветувам дека на ова место ќе изникне современа катна гаража, која ќе биде во функција на огранизирање на паркинг-просторот, ќе придонесе за надминување на сообраќајниот метеж во овој дел на градот, и посредно во поширокото централно градско подрачје, рече Бакрачески. (изјава на Никола Бакрачески за време на предизборната кампања – 15.03.2013)

Иако, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ проектот е со рок на реализација до 2015 година, конкретна најава за отпочнување на овој проект има дури на 07.02.2016 година. Беше најавена изградба на две катни гаражи при што едната ќе се гради со средства од ЕЛЕМ и ќе биде во близина на Центарот за Култура, кој по модел на jавно приватно партнерство ќе го гради Министерство за култура. Другата катна гаража е инвестиција на АД за стопанисување со станбен и деловен простор и ќе се гради на потегот кај СРЦ “Билјанини извори”. Според најавата, градбата би почнала во втората половина на 2016 година.

Според нашите стратешки планови во урбанизмот таа катна гаража ќе треба да се гради на потегот кај СРЦ “Билјанинин извори” со оглед на тоа што најголем дел од туристичките автобуси што доаѓаат и сега се паркираат на тој простор. Со нашите планови за заокружување или комплетирање на спортско – рекреативниот центар кој што ќе биде со сите содржини што ги предвидовме за изградба сметавме дека таа локација е најдобра. Претпоставувам дека со градба на оваа катна гаража ќе се започне во втора половина на 2016 година. (изјава на градоначалникот Бакрачески дадена на 04.02.2016) 

Во април 2015 година Општина Охрид го објави Отчетот за сработеното за период април 2013-април 2015 година. Во извештајот и покрај деталниот пристап за опис на активностите на општината за спроведување на сите планирани капитални инвестиции и инфраструктурни проекти, проектот за изградба на катни гаражи воопшто не се споменува.

Имајки ја предвид оваа анализа, може да се заклучи дека ветувањето за изградба на катни гаражи во Охрид не е исполнето.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Милена Јосифовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција