Не се ,,лекувајте” од Ковид-19, со гаргара, лук, пилешка супа и без лекар!

Објава на Фејсбук шири дезинформации кои може да го загрозат здравјето на луѓето, кои лекувајќи се со надрилекарски ,,совети” може  да го одложат медицинскиот третман или консултацијата со лекар

Објава на Фејсбук шири дезинформации кои може да го загрозат здравјето на луѓето, кои лекувајќи се со надрилекарски ,,совети” може  да го одложат медицинскиот третман или консултацијата со лекар

 

Во текстот што го рецензираме а кој е објавен и преку Фејсбук пост, изнесени се низа невистинити, проблематични, па дури и опасни за јавното здравје тези од наводен лекар од Кина, Вонг Кин Чунг. Во овие тези на ниво на надрилекарство се препорачуваат солена вода, различни намирници за јадење и медицински непоткрепени совети, кои не само што можат да го одложат болничкиот третман на некој што се лекува сам себеси дома, туку и на ниеден начин не придонесуваат да се иницира борба со коронавирусот во организмот! Иако датира од јуни, постот сè уште се коментира и се споделува на Фејсбук и затоа заслужува рецензија.

Написот што се шири на социјалните мрежи, веќе е дебанкиран од независни факт чекери од Тајван, што значи дека тој претходно е објавуван и на други јазици и во други земји, на таков начин изложувајќи ги во опасност и граѓаните на тие држави.

Но, да тргнеме со ред.

Не е вистина тоа што се наведува како совет од професорот, дека ако се плакне устата со ладна солена вода, ако се пие вода и црвено вино, ако се зема витамин Ц, се јаде пилешка супа, тоа ќе го спречи напредувањето на Ковид 19. Не може да се потврди дека Вонг Кин Чунг е медицински професор, доктор или нутриционист. Во дата базата за медицина ПабМед, има два труда со името Вонг Кин Чунг, но ниеден не е поврзан со медицина или исхрана.

Понатаму, самата Светска здравствена организација посочува дека е лага, односно штетна дезинформација да се тврди дека солената вода и гаргарата на некој начин може да го спречат ширењето на коронавирусот, како што се сугерира во лажната информација која ја рецензираме.

СЗО е децидна дека некои видови течности за гаргара може да елиминираат некои микроби кои се наоѓаат во плунката во рок од неколку минути. Сепак, тоа не значи дека ќе ве заштитат од Сарс Ков 2. СЗО експлицитно го разбива и митот пласиран во веста што ја рецензираме, дека лукот има својства против коронавирусот.

Лукот е здрава храна која може да има некои антимикробни својства. Меѓутоа, не постои доказ од тековните анализи дека јадењето лук ги заштитува луѓето од коронавирусот.

Лажно е и тврдењето дека пиењето многу вода и хидрираното тело имаат било каква врска со ширењето на коронавирусот или намалувањето на неговите штетни последици врз организмот.

„Вистиномер“ објави рецензии  дека лукот и водата , како и правењето гаргара со солена вода, не се чудотворен лек за Ковид -19. Преглед на разни дезинформации поврзани со коронавирусот може да се најде и на страниците на „Критинк“

Топлата пилешка супа, витаминот Ц, црвеното вино, печурките не можат да се користат како лекови за коронавирусот, иако овие намирници не се штетни за организмот. Пациентот, како што се наведува во тајванската верзија во која се побива оваа лажна информација, може да се чувствува подобро откако ќе се најаде, но тоа не значи дека не е инфициран со вирусот. Ваквиот вид совети за ,,домашни лекарства од кујната” можат многу да наштетат, зашто тие може да ја наведат јавноста дека ако се храни на ваков начин ќе биде во ред, а со тоа таа да го одложи медицинскиот третман.

Тајванските лекари, исто така, посочиле дека земањето аспирин може да ги намали температурата и болката, но ако пациентот не го довери своето здравје на медицински професионалец, самолекувањето на своја рака може само да ги „затскрие“ симптомите на Ковид-19, иницијално, но не и на долг план. Затоа, клучно е да се бара лекарски третман и лекарска евалуација.

Со оглед на тоа што нема докази дека наведените намирници го спречуваат или помагаат во третманот со Ковид-19, а и со оглед на тоа што на почетокот на текстот се наведува дека ,,ако не ве примаат во болница не очајувајте, само применувајте ги моите совети”, од исклучителна важност е да се напомене дека овој текст е  невистинит, нема медицинска поткрепа, Вонг Кин Чунг не може да се потврди дека е професор по медицина, доктор или нутриционист и дека споделувањето на ваквите дезинформации може да го загрозат здравјето на луѓето што го одложуваат медицинскиот третман или консултацијата со лекар, лекувајќи се со комплетно неточни надрилекарски ,,совети”.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција