Не се намали времето за чекање за операција на катаракта

Никола Тодоров Фото: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

Со зголемување на бројот на хируршки интервенции низ државата, ќе се намали периодот на чекање за операција на катаракта. Наместо од три до шест месеци, пациентите ќе чекаат помалку од два месеца. (Никола Тодоров – 12.08.2013 година)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерот за здравство, Никола Тодоров, на прес-конференција одржана на 12.08.2013 година, најави дека бројот на интервенции за катаракта, до крајот на 2013 година, ќе се зголеми од 500 на 1.200 во неколку градови и тоа во Битола, Тетово, Штип, Прилеп и Струмица, како и во Скопје, со што ќе се намали времето за чекање за интервенција. Како што пренесоа медиумите, Тодоров тогаш рече дека за операција на катаракта се чека од три до шест месеци, а интенцијата е овој период да се намали на околу два месеца. Проверката на „Вистиномер“, покажа дека, иакo министерот ова ветување го даде во 2013 година, сепак, тоа досега (16.03.2017) не е исполнето.

Наш соговорник од Скопје вели дека пред неполн месец се обидел да закаже операција на катаракта на скопската клиника за офталмологија, но му било кажано дека термин има дури за две години, по што заминал во приватната болница Систина.

Не можам да чекам две години, ќе ослепам дотогаш. Бев во Систина, таму ми закажаа за една недела. Ќе си платам приватно, но што да правам кога видот е во прашање – вели соговорник на Вистиномер.

Се обидовме да стапиме во контакт со директорот на очната клиника д-р Илјаз Исмаили, но во телефонски разговор ни рече дека е зафатен и дека ќе добиеме повик од службите кои ќе ни дадат податоци за тоа колку се чека за операција на катаракта на Клиниката која тој ја води. Одговор не добивме.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Сашо Стојчев вели дека за операција на катаракта во Градската болница се чека околу 3 месеци.

Лани имавме 2.200 интервенции за катаракта, а таа бројка ќе се обидеме да ја достигнеме и годинава. Но, ако се вршат волку операции на годишно ниво и во другите болници, како што е очната клиника и клиничките болници во Битола, Тетово, Штип, Прилеп и Струмица, тогаш сигруно листите на чекање ќе се намалат – изјави д-р Стојчев за „Вистиномер“.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на министерот за здравство Никола Тодоров, дека пациентите ќе чекаат помалку од два месеца за операција на катаракта, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција