Не се покачени платите на здравствените работници

Се најавува дека платите на здравствените работници ќе бидат зголемени наредната година, но само пет отсто Фото: zdravstvo.gov.mk

 

Ќе ја покачиме основната плата на сите здравствени работници за 15% во првите 6 месеци.

[Извор: Изборна програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“ (стр.226)]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година, СДСМ вети дека во првите шест месеци откако ќе дојдат на власт, ќе биде покачена основната плата на сите здравствени работници. Ова изборно ветување на социјалдемократите, дадено во изборната програма  насловена  „План за живот во Македонија“(на стр.226), досега  (07.12.2017) не е исполнето,  иако рокот за неговата реализација е поминат, имајќи предвид дека Владата предводена од СДСМ е избрана на 31 мај 2017 година. Неодамна (24.11.2017) премиерот Зоран Заев на собраниската седница посветена за пратенички паршања, кажа дека во моментот не може да го исполнат споменатото изборно ветување и дека „во зависност од успешните политики“, тоа  ќе се обидат да го направат наредната година.  Засега има најави  (во предлог-буџетот за 2018 година), дека платите на здравствените работници ќе бидат зголемени догодина, но само пет отсто.

Пред десетина дена премиерот Заев во Собранието одговорајќи на  прашањето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, како што пренесоа медиумите, меѓу другото, рече:

Стоиме на нашите ветувања и ќе имаше пари за 15 отсто (за здравствените работници н.з.) во 2018 година, уште од сега да ги најавиме на истекот на 2017 година, ако не се измачивте толку душмански врз државата сиве овие години наназад, па да мораме да имаме плаќање од 60 милиони евра обврска само во здравството во сите 120 здравствени институции.

Пртитоа, тој посочи дека „пет отсто покачување на платите во здравството се пет милиони евра, 15 отсто се 15 милиони евра“ , и додаде:

Зарем мислите дека не можеме да повлечеме кредит од десет милиони евра плус и да го испорачаме ветувањето. Не, ние се откажавме. Ќе ги зајакнеме перформансите на самото Министерство и на самото владино работење и ќе ги покачиме платите и тоа ќе се обидеме да го стигнеме и во 2018 година во зависност од нашите успешни политики

На почетокот на ноември (2017), пак,  министерот за финансии, Драган Тевдовски,  соопштувајќи ги  буџетските проекции за 2018 година, рече дека се:

Обезбедени се средства за 5 проценти  покачување на платите  на докторите и на медицинските сестри во јавните здравствени установи. 

Наредниот ден (03.11.2017) имаше реакција од Самостојниот синдикат на клиничките центри, во која велат дека  дека за нив е неприфатливо платите догодина да им се зголемат само за пет отсто.

Спротивно на јавно декларираната заложба на Владата за задржување на докторите, медицинските сестри и останатите вработени во здравството, Синдикатот на Клиничките центри смета дека предложениот буџет за 2018 година во делот за платите на вработените во јавното здравство, претставува дополнителен поттик за одлевање на докторите, медицинските сестри и останатиот персонал вработен во јавните здравствени установи, стои во соопштението до јавноста од Самостојниот синдикат на клиничките центри.

Имајќи го предвид сето ова, ветувањето на СДСМ: „Ќе ја покачиме основната плата на сите здравствени работници за 15% во првите 6 месеци“, го сметаме за неисполнето


ИЗВОРИ:

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција