Не се пронајдени лекови што лекуваат од Ковид-19 за 48 часа или за 72 часа

e-Magine Art: Pills 1 CC BY 2.0

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Поведени од низа написи за лекови или терапии кои може да излекуваат од Ковид-19 за 48 часа, односно 72 часа, грчкиот сервис за борба против дезинформациите Ellinika Hoaxes се впуштил во обемно истражување за да се дојде до фактите, по што дошол до заклучок дека станува збор за дезинформации.

Четири грчки портали известиле дека во Австралија бил пронајден лек што може да излекува од Ковид-19 за само 48 часа, но истражувањето на Ellinika Hoaxes утврдило дека навистина постои таков лек што може во тој период да го убие вирусот, но тоа е само при експеримент, односно во лабораториски услови, и дека треба уште многу истражувања за да се види дали ќе може да лекува луѓе.

Станува збор за антипаразитскиот лек Ivermectin, кој може да се купи речиси во целиот свет, студија изведена на Институтот за биомедицински истражувања при универзитетот Монаш и Институтот за инкфекции и имунитет „Питер Доерти“, двата од Австралија утврдиле дека погореспоменатиот лек може да го убие новиот корона вирус, но во лабораториски садови.

Допрва треба да се испитува дали е безбеден и во кои дози кај луѓето и дали би можел да биде ефикасен во човековиот организам, така што е дезинформација тврдењето дека е пронајден лек, пишува Ellinika Hoaxes.

Овој сервис анализирал и друго, сродно тврдење, што го објавиле два грчки новински сајтови – дека со крвна плазма земена од пациенти што ја прележале болеста Ковид-19, може да се лекуваат други пациенти за само три дена, односно за 72 часа.

Но, тоа е извртување на познатите научни факти, посочува Ellinika Hoaxes. Нивната анализа утврдила дека ниту еден од двата текста на порталите не навел со која студија или на кој универзитет е тоа утврдено, па ја побарал основата на ваквите тврдења, која ја пронашол во статија во научниот журнал на Националната академија на науките на САД, објавена на 18 март годинава. Студијата е извршена од научници од Вухан, Шангај и Пекинг, и нејзината цел била да се види дали крвна плазма од пациенти што прележале Ковид-19 може да помогне во лекувањето.

Но, во студијата никаде не се тврди дека е тоа терапија за Ковид-19, како што претставуваат грчките портали, нагласува Ellinika Hoaxes.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција