Не се случи ветеното заживување на езерото Треска
Ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за „ревитализацијата на спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ како стратешки приоритет“, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“ (стр.16 и стр.27), со која излезе на локалните избори во 2017 година, е неисполнето. Досега (26.07.2021) не се случи ветеното заживувње на езерото Треска. Амбициозниот проект заглави низ општинските и градските лавиринти, иницијативите за јавно-приватно партнерство… Деновиве на локацијата над езерото Треска беше промовиран комплексот „Планет“, приватна инвестиција којашто допрва ќе се гради на простор од 150.000 метри квадратни.
Ветување: ИЗЛЕТНИЧКИ ЦЕНТАР „ТРЕСКА“ НАЗАД КАЈ ГРАЃАНИТЕ!
Езерото „Треска“ е изградено со самопридонес на граѓаните на Скопје, а во моментов, просторот е запоставен и руиниран. Со неговото враќање во надлежност на градот и со негова ревитализација, Скопје и скопјани добиваат излетничко место за одмор, култура, забава, за кампување и разладување во летните денови. Ревитализацијата на комплексот „Треска“ е истовремено и социјална и културна мерка. Заради подобра достапност на Центарот „Треска“, ќе го интензивираме градскиот јавен превоз на градот.
[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ (стр.16 и стр.27) – датум: октомври 2017 г. ]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за „ревитализацијата на спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ како стратешки приоритет“, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“ (стр.16 и стр.27), со која излезе на локалните избори во 2017 година, е неисполнето.
Враќање на стариот сјај на езерото Треска Шилегов ветувше и во изборнта кампања:
Новата администрација на градот Скопје, јас како градоначалник, ќе го ставиме во целосна функција, во полн капацитет овој капитален објект.
Со јавно приватно партнерство ќе изградиме пречистителна станица, која што ќе ја направи здрава водата, во езерото Треска, тука ќе го префрлиме ноќниот живот и целокупното езерце ќе биде ставено во функција, што само по себе ќе има извесна социјална мерка, бидејќи луѓето од Скопје кои немаат средства да одат на годишен одмор, оваа убавина, ќе биде од нивна помош за во топлите летни денови скопјани да можат да се забавуваат и разладат... На ова место ќе го вратиме животот во Скопје, живот во Скопје за сите, порчуваше тогаш Шилегов од локацијта кај езерото Треска
Сепак, ваквите изборни планови не се оставрија, досега (26.07.2021) не се случи ветеното заживувње на запуштениот спортско-рекретивен центар „Еезеро Треска“. Амбициозниот проект заглави низ општинските и градските лавиринти, иницијативите за јавно-приватно партнерство… Деновиве на локацијата над езерото Треска беше промовиран комплексот „Планет“, приватна инвестиција којашто допрва ќе се гради на простор од 150.000 метри квадратни.
Езеро Треска
Езерото Треска е изградено во 1978 година со самопридонес од жителите на Скопје. Езерото се протега на површина од 136.000 метри квадратни , длабоко е од 1,6 до 3 м и има капацитет од 10.000 капачи. Поради загаденоста на водата, езерото е затворено за капење од 1998 година.
Од 2013 година езерото Треска е во надлежност на Општина Сарај. Владата минатата година донесе и одлука дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево, кое се наоѓа околу езерото да се пренамени во градежно, за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план и да ги вцрта маркичките за хотелски комплекс и викенд населба.
Уривање на објектите околу езерото
На почетокот на годината (јануари 2021) Општина Сарај почна со уривање на објектите и содржините околу езерото Треска. Со градежна механизација беа отстранети бунгаловите, тоалетите, гардеробите, рестораните, кафулињата и останатите објекти изградени во 70-тите години од минатиот век со самопридонес на граѓаните. Од Општината посочија дека рушењето на објектите во кругот на езерото е дел постапката за заживување на езерото Треска. Претходно, кон крајот од минатата година (2020), Општина Сарај им даде рок од 60 дена на сопствениците на камп приколки во кругот на езеро Треска за да ги отстранат нивните објекти.
Новиот ДУП за езерото Треска
На крајот на јануари Општина Сарај го претстави новиот детален урбанистички план за ревитализација на езерото Треска. Новоусвоениот ДУП-от за езеро Треска предвидува Спортско-рекреативен центар, базени, аквапарк, простор за забава за деца и возрасни, викенд куќички, хотели и трговски центар, објави „Порталб.мк“ на 29 јануари оваа година. Тогаш беше соопштено дека во тек се правни процедури за прогласување на езерото слободна туристичка зона и по завршувањето може да започне реализацијата на овој проект. А, откако Владата ќе објави јавни повици за инвеститори, ќе започнат работите, коишто според првичните пресметки се очекува да траат околу три години.
Комплекс „Планет“
Минатата недела, на 22 јули, беше промовиран проектот на Комплексот Планет во Општина Сарај, којшто се гради на влезот на Скопје од западната страна, меѓу реките Вардар и Треска, на локацијата над автопатот Скопје-Тетово и езерото Треска. Новата елитна населба ќе биде сместена меѓу селата Љубин и Арнакија на 15 хектари и ќе има 142 луксузни вили со базени, паркови, спортски игралишта и центри, градинки, ресторани, маркети, фитнес и спа-центри, како и други содржини. Целиот станбено-деловен комплекс зафаќа околу 20 отсто од вкупната површина што ја опфаќа инвестицијата, а остатокот од 80 отсто ќе биде зеленило. Изградбата ја вршат градежните компании на инвеститорите „Блеро-Фикс“ и „Валмир компани“.
На промоцијата на оваа нова инвестиција вредна 28 милиони евра присуствуваа премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, министерот Оливер Спасовски, претседателот ДУИ, Али Ахмети и градоначалниците на Скопје и Сарај Петре Шилегов и Блерим Беџети.
Градоначалникот Шилегов им посака на инвестоторите успешна работа, додавајќи дека „се надева оти комплексот ќе биде вистински пример за успешен проект кој може да се реализира преку соработка на приватниот сектор, државните институции и локалните самоуправи.“
Ова е првата населба во Скопје која нуди поинаков концепт на живеење и првата елитна населба од овој вид која се гради како резултат на вашата упорност и визија. Навистина ми е драго што успеавте да препознаете дека политиките кои ги креираше Градот Скопје во изминативе 3 години, пред се, за рамномерен развој на сите делови од градот, помогнаа во вашата одлука да инвестирате во овој проект. Со нашата работа изминативе неколку години, активностите на Владата и општина Сарај, испративме порака до граѓаните и инвеститорите дека Скопје е град кој е еднаков за сите – кажа на промоцијата Шилегов.
Со оглед на тоа што, елитниот комплекс над езерото Треска допрва треба да се гради, јасно е дека ветениот „стратешкиот приоритет за ревитлизација и заживување на еден од бисерите на Скопје“ нема изгледи да се реализира до крајот на мандатот на Шилегов кој завршува за два месеца. Така што, ова негово изборно ветување го оценуваме како неисполнето.
Опозицијта обвини за бетонизација на езерото
Во изминатиот период опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го критикуваше скопскиот градоначалник дека не го исполнил ветувањето за ревитализација на езерото Треска.
Шилегов на потегот кај што ветува елитна населба ветуваше ревитализација на езеро Треска и спортски центар Сарај, а сега ќе прави бетонизација околу езерото и спортскиот центар, за елитната населба на власта. Ова е само уште еден криминал за раскрчмување на државно земјиште, за функционерите на СДСМ и ДУИ да се одделат од народот во скап комплекс за кој како што вели Шилегов се споиле сите институции само да се реализира, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ истиот ден (22.07.2021) кога беше промоијата на проектот на Комплексот Планет.
Деновиве (25.07.2021) портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, повторно реагираше дека:
Шилегов со лажни и популистички ветувања во предизборието не ја врати Треска на скопјани, ја претвори во елитна населба
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Петре Шилегов за локалните избори 2017 година – „Живот во Скопје за сите!“ (стр.16 и стр.27): (октомври 2017) [Проверено: 26.07.2021]
- Веб-страниц на СДСМ (02.10.2017): Шилегов: Ќе го ставиме Езеро Треска во функција и ќе им го вратиме на граѓаните на Скопје [Проверено: 26.07.2021]
- МТМ (05.02.2018) Шилегов: Езерото Треска повторно ќе биде еден од бисерите на Скопје [Проверено: 26.07.2021]
- МТМ (16.01.2019) Град Скопје во рок од 30 дена, треба да обезбеди документација за изградба на СРЦ Езеро Треска – [Проверено: 26.07.2021]
- СДК (26.07.2019)- Езерото Треска ќе се враќа во функција со изградба на хотели и викенд населба околу него [Проверено: 26.07.2021]
- Мета (20.01.2021): Општина Сарај почна да ги руши објектите во кругот на Езеро Треска (галерија) [Проверено: 26.07.2021]
- Мета (30.01.2021): Порталб: Општина Сарај го претстави ДУП-от за езеро Треска, Беџети тврди Треска ќе стане вистинска атракција [Проверено: 26.07.2021]
- Тајм.мк (22.07.2021): Во општина Сарај беше пуштен во употреба комплексот „Планет“ [Проверено: 26.07.2021]
- Скопје инфо (22.07.2021):Промовиран проектот за елитниот комплекс „Планет“ кој ќе се гради во Сарај [Проверено: 26.07.2021]
- Веб-страниц на Град Скопје (22.07.2021): Промовиран проектот за комплексот Планет во Општина Сарај [Проверено: 26.07.2021]
- Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ(22.07.2021): Шилегов вети дека ќе ја врати Треска на скопјани, а сега ја бетонизира и прави елитна населба за функционерите на СДСМ и ДУИ [Проверено: 26.07.2021]
- Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ (25.07.2021): Шилегов со лажни и популистички ветувања во предизборието не ја врати Треска на скопјани, ја претвори во елитна населба [Проверено: 26.07.2021]
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар