Не се укинати економските директори, туку се именуваат нови

Фото: Мета

 

За  предвремените парламентарни избори (декември 2016 година)  СДСМ го даде следното ветување кое досега не го исполни:

Ќе ги укинеме економските директори (на универзитетските клиники)

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ ( стр,138 и стр.226); датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ за укинување на економските директори на универзитетските клиники,  дадено во нивната изборната програма „План за живот во Македонија“ , со која излегоа на вонредните парламентарни избори во 2016 година, е неисполнето. Ова изборно ветување на социјалдемократите го има на две места во Изборната програма и тоа најпрво во делот „Здравство“ (стр.138), а потоа и во рамките на „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите шест месеци“, во делот Секундарна и терциерна здравствена заштита “ (стр.226).

Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата, економските директори на клиниките требаше да се укинат најдоцна до први декември 2017 година, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, тоа досега (07.11.2019) не се случи.

Иако, Владата неколкупати најави дека ќе се укинуваат овие директори, не само што тоа не го исполни туку продолжи да именува нови вакви менаџери на клиниките. Од Министерството за здравство денеска (07.11.2019) информираа дека Насер Муареми, е именуван за в.д. организациски директор во ЈЗУ Универзитетска клиника по кардиологија.

Инаку, набрзо по смената на власта,  на почетокот на јуни 2017 година, укинувањето на економските директори го најави тогашниот министер за здравство Арбен Таравари,  кој  кажа дека, иако клиниките имаат економски менаџери, сепак се заглавени во огромни долгови. Процесот за разрешување на организациските менаџери почна во август 2017 година кога беа разрешени десетина економски директори на јавни здравствени установи и тоа на:

Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Штип, Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Универзитетска клиника за кардиологија, Универзитетска клиника за кардиохирургија, Универзитетска клиника за клиничка биохемија, Универзитетска клиника за неврохирургија, Универзитетска клиника за дигестивна хирургија, Универзитетска клиника за пластична хирургија, Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија, Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија и Универзитетска клиника ТОАРИЛУЦ – ( соопштение од Министерството за здравство)

Но, тогаш не беа разрешени седум организациски или економски директори на клиниките и институтите, кои доаѓаат од редовите на ДУИ, а кои на овие позиции се именувани во време на коалициската Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Покрај нив неразрешени се и осум економски директори назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, на кои во август 2016 година им се дадени решенија за организациски директори со мандатот до август 2020 година.  Поради договорите за работа кои им се важечки, не може да им биде прекинат работниот однос. За ова да се случи треба да се промени Законот за здравствена заштита, односно економските или организациски директори да се укинат како категорија и со болниците да раководи само еден директор, како што беше порано.

Па, иако здравствените власти имаа став дека економските директори треба да се укинат, сепак ова не се спроведе, а како што пишуваа медиумите, најмногу поради противењето на ДУИ.

Во јавноста се создаде впечаток дека Министерството за здравство долго време  прави проценки за потребата од укинување на економските директори во јавните здравствени установи. Дека кај власта  има некакво колебање за да се направи ваков „рез“ се забележува и од оваа изјава на министерот Филипче:

Ние рековме дека ќе ги укинеме економските директори, но во некои установи се наметна потребата од втор директор заради специфичноста на услугите и бројот на вработени, разговаравме со коалициониот партнер. (Филипче, септември 2018)

Кога пред неколку месеци (мај 2019г.) Валон Беља  по меѓусебните обвинувања со медицинската директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, беше разрешен од функцијата економски директор на Клиниката, министерот Филипче одговарајќи на новинарско прашање, рече дека „со обединување на клиниките во еден клинички центар ќе се реши прашањето дали јавните здравствени установи треба да имаат втори или организациски директори“. Но, дали и кога тоа ќе се случи е голем прашалник.

Економските директори беа воведени пред 13 години во сите клиники, институти, клинички болници и останати ЈЗУ со над 1000 вработени, а нивните  месечни плата се од 1.000 до 1.500 евра.

Па, имајќи ја предвид горенаведената аргументација и фактот дека рокот за исполнување на ветувањето  е поминат (декември 2017), а економските директори во здравствените установи  сè уште не се укинати, ова изборно ветување на СДСМ го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција