Не се укинува катедрата за македонски јазик

Фото:Принтскрин видео
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев, на 26 февруари изнесе тврдење во коешто наведе дека ќе се укинуваат катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Ваквото тврдење го оценуваме како невистинито.
Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвка, што го знаат подобро поупатените од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира со гаснење на многу катедри, отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам, изјави Коцарев.

[Извор: Јутјуб – Коцарев: Бришат се што е македонско, се укинуваат катедрите по македонски јазик и книжевност (од 19 до 50 секунда од видеото); датум: 26.02.2021]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Истото неточно тврдење дека се укинуваат катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност, претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, го искажа и два дена подоцна – на 28 февруари 2021г., во  текст по повод годината која е во чест на Блаже Конески. Коцарев во написот, меѓу другото, вели:

 

Последниот удар, во името на Конески, во годината во чест на Конески, што се подготвува да се направи на Филолошки факултет кој го носи името на Блаже Конески, се „реформите“ на факултетот со кои престануваат да постојат катедрите по македонскиот јазик и македонската книжевност. УКИМ, МАНУ и други институции се формирани заради македонскиот јазик и македонската книжевност.

Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, а тоа го знаат подобро тие што се многу повеќе упатени од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам. Се брише сѐ што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет. Темелникот на македонската државотворност. Жалосно.

Настапот на Коцарев предизвика лавина деманти и реакции од Катедрата за македонски јазик и од Филолошкиот факултет Блаже Конески.

Рaководителката на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, реагираше дека станува збор за чиста измислица.

Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, сакам да укажам дека станува збор за чисти измислици, но и уште пострашно за опасни манипулации и инсинуации истовремено. За жал, тоа се случува токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор – Блаже Конески. Имено, претседателот на МАНУ во својата изјава кажува тешки зборови кои не ги поткрепува со ниту еден каков било доказ, истовремено не посочува ниту една институција, а не пак лице кое евентуално би се зафатило со укинување на Катедрата за македонски јазик. Категорично тврдам дека досега од ниту едно место до мене како раководител на Катедрата за македонски јазик, не допреле какви било „гласини” дека такво нешто се подготвува од некаде. Во целост сум убедена дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ никогаш не би завлегол во некоја таква реформа. Во таа смисла, барам под итно членовите на МАНУ, како највисока академска институција, да се оградaт од ставовите на претседателoт на Академијата, Љупчо Коцарев, изнесени по медиумите. Истовремено ја уверувам македонската јавност дека до колку некој поединец или институција би се дрзнале да чепнат во интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се бориме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини, наведува Пановска-Димкова.

И Филолошкиот факултет со отворено писмо укажа дека тврдењата за укинување на катедрите за македонски јаик и книжевност се целосно невистинити. Во писмото  стои:

Во однос на тврдењата за евентуално укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите, укажуваме дека станува збор за целосни невистини и манипулации. За жал овие написи доаѓаат токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор, Блаже Конески, и 75-годишнината од основањето на Катедрата за македонски јазик и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Акад. Блаже Конески беше член на нашата катедра од нејзиното основање и поради огромната почит што ја имаме кон личноста и делото на нашиот професор, тој е одбран за патрон на институцијата. Затоа да не дозволиме неговото име наместо да нѐ обединува да нѐ разединува. Изразуваме цврста убеденост дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Истовремено ја уверуваме македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини. Остануваме посветени на својата мисија во афирмацијата на македонскиот јазик и неговото научно проучување, како и во образованието на млади кадри македонисти што со наша помош ќе го почитуваат и ќе го продолжат делото на Конески, во нашата средина и на меѓународен план.

Потписници на отвореното писмо се:

  • проф. д-р Лидија Аризанковска
  • проф. д-р Славица Велева
  • проф. д-р Катерина Велјановска
  • проф. д-р Татјана Гочкова-Стојановска
  • проф. д-р Анета Дучевска
  • проф. д-р Марјан Марковиќ
  • проф. д-р Димитар Пандев
  • проф. д-р Искра Пановска-Димкова
  • проф. д-р Марија Паунова
  • проф. д-р Симон Саздов
  • проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска
  • проф. д-р Томислав Треневски
  • проф. д-р Емилија Црвенковска
  • доц. д-р Гордана Алексова
  • м-р Бобан Карапејовски
  • м-р Бојан Петревски

Премиерот Зоран Заев по повод тврдењето на академик Коцарев рече дека никому не му паѓа на ум да ги укине катедрите.

Јавно беше објавено и од Катедрата за македонски јазик и од соодветниот Факултет на кој е оваа катедра, дека нема никакви планови за нејзино укинување и никому не му паѓа на памет такво нешто. Се работи и на дигитализација и афримација на македонскиот јазик во светот, истакна Заев, додавајќи дека тоа е со цел да им се олесни на децата на нашите иселениците полесно да го учат јазикот, како за негова афирмација во архивите, библиотеките и другите институции во ЕУ, рече Заев.

По бурата од реакции, академик Љупчо Коцарев ретерираше од неговото тврдење дека катедрите се укинуваат, но не се извини, туку го оцени како ,,личен став”.
Се радувам што на Филолошкиот факултет Блаже Конески не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Сите досегашни изјави и текстови се мои лични со една единствена цел заедно да ја прославиме годината на Блаже Конески, вели Коцарев (од 0,24 до 1, 2 минута од видеото)
Со оглед на тоа што неговото тврдење кое предизвика огромни реакции во јавноста и во академските кругови, не се темели на факти и не е поткрепено со ниту еден опиплив доказ, посочување на некаков  центар за моќ кој би имал иницијатива за укинување на катедрите, како и со оглед на тоа што неговата изјава беше демантирана од сите релевантни инстанци меѓу кои и од самиот Факултет за филолошки науки на УКИМ, изјавата на Коцарев ја оценуваме како невистина.
Оцени: Мирослава Бурнс

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција