Не смее да се лицитира и шпекулира со бројот на заразени од корона

Медиумите треба да бидат докрај професионални и повеќе да се грижат за точното информирање на јавноста, отколку за нивната читаност и бројот на дневните кликови. Навистина нема никаква потреба од објавување шпекулативни бројки за новозаболени од корона, час или два пред да стасаат официјалните информации. Така само настанува забуна и не помага јавноста да биде вистински и точно информирана.

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Ако нешто беше константно во изминатите три неизвесни месеци, тоа е дневниот пресек на новозаболени, оздравени и починати од корона-вирусот. Јавноста секојдневно нетрпеливо го исчекува да се појави извештајот за состојбата со вирусот во последните 24 часа или како информација споделена од Министерството за здравство или кажана на прес-конференција од министерот за здравство Венко Филипче.

Уште од самиот почеток на новонастанатата ситуација, Филипче секојдневно на редовни прес-конференции информира за ситуацијата и за мерките што беа преземани. Кога не одржуваше прес-конференција, Министерството напладне објавуваше пресек на состојбата од изминатите 24 часа.

Бидејќи таа е најочекуваната информација во денот, разбирливо е дека медиумите се во трка да ја објават што побрзо, за јавноста од кај нив да се информира и со тоа да се зголеми читаноста на медиумот и бројот на споделувања на социјалните мрежи. И тоа е во ред.

Но, сведоци сме дека во последно време, наместо точна и официјална бројка, се објавуваат шпекулации и непотврдени информации неколку часа пред официјалната институција да ги сподели целосните податоци.

„ПРВИ ДОЗНАВАМЕ И ГРЕШНО ИНФОРМИРАМЕ“

Па така, пред неколку дена, на 29 мај, портал објави дека бројката на новозаразени тој ден изнесува 58 лица, а како извор на информација наведе анонимен член на Комисијата за заразни болести. Денот претходно бројот на заболени беше 38, а претходните денови имаше 25, односно 16 новозаболени, така што тогаш оваа информација се појави како шок поради драстичното зголемување на заболени.

Кога се појавија официјалните податоци, се виде дека порталот објавил грешна бројка. Тој ден бројот на заболени беше 52 лица, а не 58 како што беше објавено.
Но, возот отиде. Информацијата дека се дијагностицирани нови 58 лица масовно се прошири на социјалните мрежи. Веќе на никој не му беше важно дали информацијата е точна, туку насоката се префрли кон критикување или бранење на мерките и способностите на надлежните.

И проблемот не е во минус или плус шест заболени. Неточна информација е неточна информација, дури и да станува збор само за еден заболен.

Пред четири дена друг портал сензационалистички објави дека бројката на ново-заболени е „околу 200“ и тоа во наслов го зачини со фразата „први дознаваме“. Но излезе дека први дознале грешна информација и непотребно се крена дополнителна паника кај јавноста. Бројката на новодијагностицирани за тој ден беше 125.

Вината за ваквите (дез)информации не е само кај новинарите. Надлежните што располагаат со бројките поврзани со Ковид-19 треба да бидат коректни и да не ги потхрануваат медиумите со полуинформации и шпекулации, кои подоцна доведуваат до манипулирање на јавноста.

Со реакција за ова излезе и министерот Филипче, кој ги замоли медиумите да не изнесуваат шпекулативни и непроверени информации околу бројот на заболените лица од Ковид-19.

Непримерно е во ситуација кога имаме секојдневно заболени и секојдневно известуваме и за секоја најмала промена, да се шпекулира со податоци токму од страна на Тие што треба да обезбедат прецизна информација за јавноста.
Со тоа се внесува конфузија кај населението и недоверба во институциите, а искрено верувам дека ова не е целта. Објавувањето број на новозаразени со Ковид-19 од страна на медиумите не смее да биде трка за ексклузивитет, затоа што станува збор за чувствителни информации за здравјето и животот на граѓаните.

Новинарите треба да бидат докрај професионални и да се грижат повеќе за точното информирање на јавноста, отколку за нивната читаност и бројот на дневни кликови. Особено затоа што Министерството за здравство и министерот Филипче досега покажаа високо ниво на транспарентност и секојдневно информираа за бројот на заболени, оздравени и починати.

Навистина нема никаква потреба од објавување на шпекулативни бројки од анонимни извори кои доаѓаат час или два пред официјалните информации. Така само настанува забуна и не помага јавноста да биде вистински и точно информирана.

Токму ова основно професионално правило на добрата новинарска практика е потенцирано во Член 1 од Кодексот на новинарите:

1. Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција