Не, Сорос не подготвува „шарена револуција“ во САД
Наративите кои му припишуваат на Сорос дека контролира глобални протестни движења обично се лажни или многу преувеличени.
Наративите кои му припишуваат на Сорос дека контролира глобални протестни движења обично се лажни или многу преувеличени. Фондациската мрежа на Сорос (на пример Open Society Foundations) финансира организации за човекови права, граѓанско општество и независни медиуми во различни земји, но тоа не е исто со организирање револуција
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Целосна поддршка за Трамп против педофили, сатанисти, мародери и неонацифашисти.
Во склоп на објавата се споделува текст во кој се изнесува дека „Сорос подготвува шарена револуција“ алудирајќи притоа на бранот протести No Kings (Нема кралеви) во САД. Во текстот се тврди дека САД со години креирале обоени револуции во други држави и сега истото го правеле дома.
Изворот на ова тврдење е медиумот контролиран од Кремљ – „Спутник“. Во текстот се тврди дека имало „домашни терористи во САД“, корпорации со работна задача да предизвикуваат нереди, дека протестите не се вистински и органски, како и дека тие се инструмент на „длабоката држава“.
Но, како што уште во август 2025 година фондацијата „Отворено општество“ децидно наведе – таа го поддржува правото на поединците да се вклучат во слобода на говор, да изразуваат политички убедувања и да се вклучат во ненасилни јавни протести. Не е точно дека Сорос подготвува „шарени револуции“, а присуството на 7 милиони луѓе на протестите тешко би можела да се координира од еден центар доколку протестите не се „органски“ како што невистинито се тврди во објавата која ја рецензираме.
Ова се обележја на секое динамично општество, а овие слободи се загарантирани во Соединетите Американски Држави со Уставот. Фондациите Отворено општество помагаат во финансирањето на низа непрофитни групи на граѓанското општество низ Соединетите Американски Држави кои работат на унапредување на човековите права, слободата и правдата и на одбрана на демократијата. Некои од овие групи, исто така, преземаат мирен граѓански ангажман, што е клучно за силата на нашата демократија.
Ние не плаќаме луѓе да протестираат, ниту директно да обучуваат или координираат демонстранти. Сите корисници на грантови од Отвореното општество се должни да се придржуваат до законот и очекуваме нашите корисници на грантови да ја почитуваат нашата заедничка посветеност на човековите права, достоинството и ненасилството. Фондациите Отворено општество се спротивставуваат на сите форми на насилство, вклучително и насилни протести, наведоа од Фондацијата.
Протестите под името No Kings во САД беа организирани од коалиции кои вклучуваат групи како Indivisible, Американската унија за граѓански слободи (ACLU) и други прогресивни организации.
Документите за грантови покажуваат дека мрежата на фондации на Џорџ Сорос (особено Open Society Foundations и Open Society Action Fund) во 2023 година доделила околу 3 милиони американски долари на организацијата Indivisible за општествени активности. Овие донации не докажуваат дека Сорос лично ги координирал или контролирал протестите. Станува збор за филантропски грантови на организации што работат и на други општествени теми. Нема докази дека некоја организација финансирана од Сорос ги подготвила транспарентите, ја водела логистиката или ги организирала сите локални настани.
Протестите во САД не се организирани од „педофили, сатанисти и неонацифашисти“.
Протестите No Kings се серија демонстрации низ САД (прв поголем настан се случи на 14 јуни 2025) кои се одржуваат во повеќе градови со цел да се изрази отпор кон, како што велат организаторите, „авторитарните потези на Доналд Трамп“ и да се одбрани демократијата. Организаторите се коалиција од прогресивни организации за граѓански права и синдикати, меѓу кои ACLU (Американска унија за граѓански слободи), MoveOn, Indivisible и 50501 Movement. Нивните јавно објавени цели се да се отфрли „владеењето на еден човек“, да се потврди дека „Америка нема кралеви“, и да се организираат мирни собири во сите 50 држави. Ниту еден релевантен медиум не известува дека протестите ги водат екстремистички или култни групи како педофили, сатанисти или нео-нацисти.
Главните организатори јавно промовираат демократски и граѓански цели. Движењето е масовно и јавноста е сведок на отворени, мирни протести. Тврдењата дека протестите се организирани од педофили, сатанисти или нео-нацисти се неосновани и немаат потврда од веродостојни извори. Според достапните докази не е точно дека протестите No Kings се организирани од такви групи.
„Вистиномер“ пронајде дека уште од 2018 година слична дезинформација за Сорос била споделувана.
Наративите кои му припишуваат на Сорос контрола над глобални протестни движења обично се лажни или многу преувеличени. Фондациската мрежа на Сорос (на пример Open Society Foundations) финансира организации за човекови права, граѓанско општество и независни медиуми во различни земји, но тоа не е исто со организирање револуција. Дезинформациските кампањи дека Сорос стои „зад сите обоени револуции во светот“, вклучително и дека „подготвува обоена револуција во САД“ се базираат на теории на заговор, без конкретни докази, и често погрешно ги толкуваат донациите на невладини организации како доказ за организирање државен преврат. Но, финансирањето на организации не значи и директно планирање на револуција особено кога во неа се вклучени 7 милиони луѓе, во земја во која со Уставот на САД е загарантирано правото на мирно собирање.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар