Не, СЗО не го промени ставот за заштитните маски

Светската здравствена организација (СЗО) не го промени својот став во однос на маските, како што неточно тврди оваа објава на Фејсбук. СЗО и натаму ги препорачува маските како една од основните заштити од пренесувањето на коронавирусот. Написот што е линкуван во постот се повикува на вест објавена на  Си-Ен-Ен пред точно една година – на 31 март 2020 година. Ширењето на вакви дезинформации и „бајати“ вести една година, може да ја доведе во заблуда јавноста и на тој начин да нанесе штета на општото јавно здравје

Светската здравствена организација не го променила својот став во однос на маските, како што лажно тврди оваа објава на Фејсбук. СЗО и натаму ги препорачува како една од основните заштити од пренесувањето на коронавирусот. Написот што е линкуван во постот се повикува на  вест објавена на  Си-Ен-Ен пред точно една година – на 31 март 2020 година. Ширењето на вакви дезинформации и „бајати“ вести една година, може да ја доведе во заблуда јавноста и на тој начин да нанесе штета на општото јавно здравје

 

Пост на Фејсбук шири дезинформација дека Светската здравствена организација (СЗО) го сменила ставот во однос на маските и нивното носење во време на ковид-19 пандемијата. Информацијата не е точна, односно таа е стара една година, а СЗО и натаму препорачува да се носат маски како заштита од ширење на вирусот.

Постот што го анализираме пренесува напис со наслов: „Шoкaнтен пpecврт во ставот на СЗО: ЗДPABИТЕ ЛУЃЕ HE TPEБА ДА HOCAT MACКИ – CNN TV“.

Здравите луѓе да не носат маски, повторно апелираат од Светската здравствена организација, нагласувајќи дека тие се потребни само за оние кои се заразени со коронавирусот или пак за луѓето кои се грижат за пациенти, се вели на почетокот од текстот.

Написот подолу се повикува на изјава на директорот за управување со вонредни состојби на СЗО, Мајкл Рајан која ја пренесува Си-Ен-Ен.

Си-Ен-Ен ја пренесува изјавата на директорот за управување со вонредни состојби на СЗО, Мајкл Рајан, во која тој вели дека нема конкретни докази кои сугерираат дека масовното носење маски има потенцијални придобивки. Истовремено истакнува дека неправилната употреба на маските може само да направи повеќе штета отколку добро во борбата против ширењето на вирусот. Рајан вели дека според Светската здравствена организација, маските се единствено наменети за болните и за здравствените работници.

 На крајот написот заклучува дека „ваков став СЗО имаше и на почетокот од пандемијата, кој подоцна беше сменет и маските станаа задолжителни“.

Текстот има наведено и линк до објавата на Си-Ен-Ен што ја пренесува. Но, кога ќе го отворите текстот на Си-Ен-Ен ќе видите дека станува збор за вест стара една година, од 31 март 2020 година. Веста од лани, се пренесува на ист датум само една година подоцна и на тој начин создава забуна кај читателите.

Ваква вест се појави и во јануари 2021 година и истата ја дебанкираа светските сајтови за проверка на факти како што се Политфакт, Ројтерс, и Ју-ес-еј тудеј.

Веб-страницата на СЗО, која последен пат е ажурирана на 1 декември лани, нуди упатства за тоа кога, каде и зошто луѓето треба да носат маски и истите се опишани како „клучна мерка за сузбивање на преносот и спасување животи“.

СЗО препорачува медицински маски за здравствени работници во клинички услови, за секој што не се чувствува добро, за луѓе што чекаат резултати од тестот за ковид-19, за лица кои се грижат за некој со потврден или сомнителен случај на ковид-19, за лица кои имаат над 60 години и постари лица со хронични болести. За сите останати во пошироката јавност, немедицинските облоги за лице од ткаенина се во ред, заклучува СЗО.

СЗО, исто така, има веб-страница исполнета со сеопфатно упатство во текст и видео за тоа како да се зајакне ефективноста на маските за лице.

Дел од земјите од Европа, како Германија и Австрија, плашејќи се од ширењето на британскиот сој на коронавирусот, неодамна воведоа задолжително носење маски FFP2, бидејќи тие се ефикасни повеќе од 90 проценти. По тој повод, Марија ван Креков, епидемиолог од СЗО го изјави следното:

Од досега собраните податоци од земјите каде што е регистриран нов вид на коронавирус, нема промена во начините на пренесување. Ако добиеме различни информации, дефинитивно ќе ја ревидираме препораката за маски. Секоја земја има право да донесе одлука за маски на начин што и одговара.

Од сето ова може да се заклучи дека СЗО не го променила својот став во однос на маските, односно и натаму ги препорачува како една од основните заштити од пренесувањето на коронавирусот. Ширењето на вакви дезинформации и вести стари една година, може да ја доведе во заблуда јавноста и на тој начин да нанесе штета на општото јавно здравје.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција