Не, Велика Британија не „извезува“ силувања во Северна Македонија
Самото тврдење дека западните политички елити имале план да извезуваат проблем во трети земји со потенцирање дека тоа би се случило „кај нас“, е теорија на заговор.
Самото тврдење дека западните политички елити имале план да извезуваат проблем во трети земји со потенцирање дека тоа би се случило „кај нас“, е теорија на заговор. Не е точно наведеното во објавата дека „во Велика Британија има силување секој час“, бидејќи текстот на Би-Би-Си се однесува исклучиво и само на Лондон и тоа за 2023 година
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Во Велика Британија имаме силување секој час. Планот на умоболните западни елитистички друштва за мешање и содавање на општество од единки избришани од културниот и народен идентитет е неуспешен. Една од главните алатки на тие елити е проблемите во своите земји да ги извезат во трети земји. Нашата е третата земја и ќе има обиди, пред се од Велика Британија, нивниот проблем да се извезе кај нас. Познавајќи ја и соочувајќи се постојано со македонската колективна свест, јас сум загрижен дека планот на Британците ќе биде успешен и проблемот ќе биде извезен кај нас Македонците, хмм, или треба да кажам граѓаните на Северна Македонија, да не го попречувам патотот на Северна кон ЕУ и ширам руско влијание.
Во склоп на објавата се споделува текст од Би-Би-Си од 20 септември 2024 година со наслов „Секој час, по едно силување се пријавува во Лондон“. Во текстот се наведува дека „секој еден час во Лондон пријавено е по едно силување, поточно повеќе од 8.800 случаи на силување се пријавени во Метрополитен полицијата во 2023 година што во просек е 24 пријави дневно“. Од полицијата изјавиле дека од 2022 година обвиненијата за силување се удвоиле.
Следствено, не е точно наведеното во објавата дека „во Велика Британија има силување секој час“, бидејќи текстот на Би-Би-Си се однесува исклучиво и само на Лондон и тоа за 2023 година. Тоа што во Лондон секој час има пријавено силување, никако не би можело да значи дека некои „елити ќе го извезат проблемот од нивните земји во трети земји“, ниту дека „тие се единки избришани од културниот и народниот идентитет“ или како што се наведува во објавата „умоболни западни елитистички друштва“.
Конкретно, во 2023 година во Лондон живееле 9,648,000 луѓе. Според Државниот завод за статистика во Северна Македонија во 2023 година живееле 1.826.247 луѓе. Од овие бројки се гледа најпрво дека популацијата на Лондон е 5,2 пати поголема од таа на Северна Македонија во конкретната година на која се однесува текстот на Гардијан. Самото тврдење дека западните политички елити имале план да извезуваат проблем во трети земји со потенцирање дека тоа би се случило „кај нас“, е теорија на заговор. Силувањето како криминал и родово базирано насилство, претставува појава во сите општества. Во Северна Македонија ова кривично дело е опфатено со Кривичниот Законик. Во сите држави на Европската Унија силувањето е кривично дело.
Пријавувањето на силување се случува поради комбинација на повеќе правни, општествени и институционални фактори, но самото пријавување не значи нужно дека силувањето се случува повеќе, туку дека пријавувањето е почесто. Исто така, поголемата правна свест за тоа што претставува силување, кампањите, медиумската покриеност може да придонесат жртвите почесто да се препознаат себеси како жртви, да знаат како и каде да пријават. Темата, како што може да се види и од самиот текст на Би-Би-Си, е релативно отворено присутна во јавниот дискурс.
Дојче Веле објавува дека споредбата на статистиките за силувања во различни земји од ЕУ не функционира. Во нивниот текст се објаснува дека тврдењето оти Велика Британија има „највисока стапка на силувања во Европа“ е базирано на фалични споредби и политички спинови, заедно со испревртени факти.
Од Еуростат, статистичката служба на Европската Унија која собира податоци ширум цела Европа за Дојче Веле изјавија дека „фокусирањето само на бројот на случаи може да е недоволно и да води кон погрешни заклучоци. Наизглед високата стапка на пријави на силување во Обединетото Кралство е повеќе рефлексија на практиките на пријавување во оваа држава заедно со правните дефиниции, отколку со преваленцата (предоминацијата со која се случуваат), пишува Дојче Веле во анализа.
Во анализата се додава дека има бројни причини зошто статистиките за криминалот се толку тешки за прекугранична споредба. Прво, постојат разлики во тоа како различни држави го дефинираат силувањето: некои имаат строги правни дефиниции, кои бараат доказ за физички напад, закана или наведување. Други држави имаат послободни дефиниции. Во Велика Британија законот од 2003 година, кога се работи за сексуални напади, е базиран на принципот на согласност.
Исто така има разлики во тоа како се пријавува криминалот во различна држава. На пример, групно силување може да се смета како единечно кривично дело, или, каков што е случајот во Велика Британија – како повеќе поединечни напади од секој засебен сторител.
Велика Британија користи таканаречена „статистика на инпут“ каде еден случај е засметан со заведување на полициски извештај. Некои држави чекаат додека да биде поднесен извештајот, а други чекаат истрагата целосно да биде завршена. Финално, постојат и културолошки разлики како довербата во правниот систем, постоењето на „митови за силувањето“, ставови околу согласноста и како што тврди Евростат – нивото на знаење од страна на општеството. Сите овие фактори влијаат на тоа дали жртвата ќе се одлучи да пријави криминал во полиција.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар