Не, во Германија не се разгледува отстранувањето на вакцините против детски болести
Во најновиот документ за вакцините во Германија воопшто не се споменува наведеното во објавата што ја рецензираме – дека наводно се разгледувало отстранувањето на било каква употреба на вакцина против детски болести.
Во најновиот документ за вакцините во Германија воопшто не се споменува наведеното во објавата што ја рецензираме – дека наводно се разгледувало отстранувањето на било каква употреба на вакцина против детски болести
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Сензационално. Во Германија се разгледува опција на отстранување на било каква употреба на вакцина против детски болести.
Не е точно дека во Германија се разгледува опцијата да се отстранат вакцините против детски болести како што се тврди во објавата што ја рецензираме. Во Германија вакцините се масовно препорачувани – а во некои случаи и законски задолжителни – и се длабоко интегрирани во политиката за јавното здравје.
Германскиот специјален комитет СТИКО (STIKO – Standing Committee on Vaccination) ги подготвува препораките за вакцинација за деца, адолесценти и возрасни земајќи ги предвид придобивките за вакцинираните и за целокупната популација, наведува Министерството за здравство на Германија на својата веб-страница. Овој Комитет е дел од реномираниот Институт Роберт Кох.
Препораките на СТИКО го земаат предвид оптималниот тајминг за создавање имунитет по имунизацијата. Бидејќи некои инфективни болести се многу посериозни кај бебињата и малите деца отколку кај повозрасните групи, СТИКО препорачува првата вакцина да се даде неколку денови после раѓањето. Индивидуалната вакцинација се дава според распоред. Преглед на сите препорачани вакцини од СТИКО може да најдете на следниот линк.
Како што може да се види од календарот, препораките се за деца до 5 години, а потоа има и вакцини по навршувањето на петтата година
Според наведеното на сајтот на германското Министерство за здравство, зависно од возраста на децата и адолесцентите, СТИКО препорачува вакцини против ротавирус, респираторен синцицијален вирус, дифтерија, тетанус, пертусис, полио, ХИБ, хепатитис Б, пневмокока, МРП, варичела, ХПВ и менингококна болест група Б и Ц.
За некои вакцини, бустер дози се препорачани за време на детството или адолесценцијата – дифтерија, тетанус, пертусис и полио, пишува на сајтот на германското Министерство за здравство.
Комбинираните вакцини се достапни за некои вакцинации, а тие дозволуваат имунитетот против неколку инфективни болести да се активира со една вакцина. Тие вакцини ја вклучуваат на пример, шестовалентната вакцина против дифтерија, тетанус, полио, ХИБ, пертусис и хепатитис Б, како и комбинираната вакцина МРП.
Препораките на СТИКО обично се објавуваат еднаш годишно во Епидемиолошкиот билтен на РКИ (Институтот Роберт Кох) и на неговата веб-страница. Од 2004 година, објавени се детални образложенија за препораките.
Вакцинацијата е меѓу најважните и најефикасните превентивни мерки достапни во медицината. Современите вакцини добро се толерираат, несаканите ефекти од лековите се забележуваат само во ретки случаи. Непосредната цел на вакцинацијата е да се заштити вакцинираното лице од заразна болест. Доколку се постигнат високи стапки на вакцинација, можно е да се елиминираат поединечните патогени регионално и на крајот да се истребат низ целиот свет. Елиминацијата на малите сипаници и детската парализа се декларирани и остварливи цели на националната и меѓународната здравствена политика. За детската парализа, оваа цел веќе е постигната во Европа, меѓу другите, пишува на сајтот на „Роберт Кох Институтот“.
На следниот линк е најновиот документ за вакцините во Германија и воопшто не се споменува наведеното во објавата што ја рецензираме – дека наводно се разгледувало отстранување на вакцините против детски болести.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар